Латински цитати, изреки и фрази (9)

08.05.2025 01:27
Латински цитати, изреки и фрази (9)

Habeas corpus.

Да си го имаш телото! Да бидеш господар над своето тело!

Закон во англосаксонското казнено право што ја штити слободата на поединецот од самоволието на извршната власт. Законот, меѓу другото, подразбира забрана за апсење без судски налог, за долготрајно држење во притвор без сериозни докази за вина и за малтретирање во текот на истрагата. Во англискиот парламент првиот акт Habeas corpus е донесен во 1679 година во времето на владеењето на кралот Чарлс II.

 

Hannibal ante portas.

Ханибал е пред врата.

Вака се вели за некоја непосредна опасност.

 

Hic cinis, ubique fama.

Пепелта му е тука, а славата насекаде.

Натпис на надгробни споменици.

 

Hic est locus ubi mors gaudet succurrere vitae.

Ова е место на коешто смртта ужива да му излезе во пресрет на животот.

Натпис на оддели за анатомска патологија.

 

Hic et nunc.

Сега и овде.

 

Hic iacet lepus.

Тука лежи зајакот.

Во тоа е работата. Во тоа е проблемот.

 

Hic mortui vivunt, hic muti loquuntur.

Овде мртвите се живи, и овде немите зборуваат.

Натпис на библиотеки.

 

Hic Rhodus, hic saltus. | Hic Rhodus, hic salta.

Еве ти го Родос, скокај тука!

Изразот потекнува од една басна на Ајсоп во која некој атлет се фалел дека на натпревар што се одржал на Родос многу високо скокнал. Кога тие што го слушале се заситиле од неговите фалби, побарале од него да покаже што знае на самото место. Смислата е: не фали се, туку покажи што знаеш.

 

Hominem quaero.

Барам човек.

Зборови на философот Диоген од Кирена, кој дење шетал со фенер, а кога го прашале зошто го прави тоа, одговорил дека бара човек.

Hominibus plenum, amicis vacuum.

[Место] полно со луѓе, а меѓу нив ниту еден пријател.

 

Homo faber fortunae suae.

Човекот е ковач на својата судбина.

 

Homo, naturae minister et interpres.

Човекот е слуга и толкувач на природата.

 

Homo sine pecunia est imago mortis.

Човек без пари е слика на смртта.

Зашто луѓето бегаат од него како што бегаат од смртта.

 

Homo sum: humani nil a me alienum puto. (Ter. Hau. 77)

Човек сум и мислам дека ништо човечко не ми е туѓо.

 

Homo unius libri.

Човек што прочитал само една книга.

 

Horribile auditu.

Стравотно за слушање.

 

Horribile dictu.

Стравотно за кажување.

 

Horribile visu.

Стравотно за гледање.

 

Horror vacui.

Страв од празнина. | Страв од неизвесност.

Iacta alea est.

Коцката е фрлена.

Одлуката е донесена. Зборови што, според Светониј, во 49 год. пр. н.е., ги изговорил Кајсар во мигот кога, по цена на граѓанска војна, одлучил да ѝ се спротивстави на волјата на Сенатот и, преку едно мовче на реката Рубикон, со војска да премине од Галија во Италија. Преминот на Кајсар преку Рубикон бил повод за крвава граѓанска војна, во која популарите, под водство на Кајсар, ќе извојуваат победа над оптиматите, предводени од Помпеј. Оваа граѓанска војна ќе го означи почетокот на крајот на Римската Република и ќе биде еден од првите чекори кон воведување царство.

 

Iam proximus ardet Ucalegon.

Веќе му гори куќата на соседот Укалегонт.

Вака извикал Ајнеј кога видел дека Ахајците ја запалиле куќата на неговиот сосед Укалегонт (ст.грч. ‘тој што не се грижи’) и дека пламенот е близу до неговата куќа. Името на Укалегонт станало епоним за „сосед чија куќа гори“. Изразот денес се употребува кога се заканува некоја сериозна непосредна опасност.

 

Ibi bene, ubi patria.

Добро ти е таму каде што ти е татковината.

 

Ignavis semper feriae sunt.

На мрзливите секогаш им е празник.

 

Ignem igni ne addas.

Не дотурај оган на оган.

Не долевај масло на оган.


Ignoramus et ignorabimus.

Не знаеме и нема ни да дознаеме.

Мисла на германскиот физиолог Дибоа-Рејмон што ја изразува идејата дека постојат феномени што не се научно согледливи.


Illico et immediate.

Веднаш и без одлагање.

 

Imago animi sermo est.

Говорот е слика на душата.

 

Imago animi vultus. (Cic. De orat. 3. 221. 4)

Лицето е слика на душата.

 

Imitatio vitae.

Подражавање на живот. | Имитација на живот.

Impedit ira animum, ne possit cernere verum.

Лутината му пречи на умот да ја согледа вистината.

 

Imperare sibi maximum est imperium.

Најголема власт е да владееш со себеси.


Imprimatur.

Нека се печати. | За печат.

Натпис на ракописи подготвени за печат.

In aere piscari, venari in mari.

Во воздух да се лови риба, а во море – дивеч.

Да се прави нешто бесмислено.


In angustiis amici apparent.

Во неволја се гледаат пријателите.

 

In aqua scribere.

Да се пишува во вода.

Да се прави нешто бесмислено.

In cauda venenum.

Отровот е во опашката.

Злото е на крајот. Вака се вели кога нечии зли намери не се гледаат на почетокот, но стануваат видливи на крајот.

 

In die perniciosum, in hebdomada utile, in mense, necessarium.

Еднаш дневно е штетно, еднаш седмично полезно, а еднаш месечно нужно.

Здравствен совет од антиката што се однесувал на оптималната зачестеност на сексуалните односи.

In eburna vagina plumbeus gladius.

Во навлака од слонова коска – оловен меч.

Според Еразмо, Диоген вака велел за младите луѓе што некому му кажуваат грди и непристојни зборови. Според друго толкување, изреката се употребува за луѓе што вложуваат многу труд во надворешниот изглед, а не се многу умни.

 

In effigie.

На слика.

Извршување казна во отсуство на осудениот со горење на клада или закачување на бесилка на неговата слика.

Кон осмиот дел.


Слики: Староримски мозаици

Превод од латински и коментари: Светлана Кочовска-Стевовиќ

Извор за текстот: Латински цитати, изреки и фрази (Едиција Арго; Или-Или, 2023)

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото