1015 hPa
62 %

11 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 21:59
Денеска во 17 ч. во просторот на Промотивниот центар на Саемот на книга (Арена Борис Трајковски) во Скопје ќе биде промовирано графичкото издание Öлпест од Симон Калајџиев во издание на Флип Бук Букс.
Експерименталниот графичко-книжевен проект Öлпест вклучува 78 рачно изработени дела во црно-бела техника, обединети под именителот на мистеријата која, пред имагинацијата на читателот-гледачот-набљудувачот, остава можности за разновидни интерпретации.
За својот најнов проект Калајџиев вели: „Öлпест го создадов покрај цртежите со мастило во мојата визија за фантастичниот свет на Аракнајтс Готика и наскоро ја зазеде улогата на мистериозно писмо во тој свет, што не е дешифрирано, но што може да има значење на некој друг јазик. Го замислив како писмо на нафтените номади во Верлосен, Мотоманите Онлендер, кои во недостиг од хартија, но во изобилство од нафта, развиле пишување со нафта на лим. Во нивната традиција се верува дека прво го откриле пишувањето со öлпест, па дури потоа читањето и говорот. Öлпест истовремено изгледа и древно и футуристично, оставајќи го изборот при толкувањето на читателот. Öлпест е мистерија... дури и за мене.“
„Ако асемичкото пишување го споредиме со толкување и разбирање на апстрактната уметност, тогаш се безбројни можностите за читање на симболите и знаците вградени во ова естетско знаковно пишување. Имаме можност, но и задоволство да трагаме по значењата, истражувајќи го гестот и потегот на уметникот во цртежот, споредувајќи ги знаците и симболите. Заедништвото на сликата и знакот (текстот), Калајџиев како уметник го развива во динамична сторија“, вели Дијана Томиќ-Радевска во рецензијата на изданието.
Промотори на експерименталниот проект се Антонио Павловски и Зориа Петкоска Калајџиева која во предговорот на изданието вели: „Без разлика дали во Öлпест ќе „прочитате“ песна, слика со мастило или зен сутра, нема погрешни одговори и нема погрешни читања. Тоа е асемичкото ослободување на пишувањето, создадено без смисла и зборови, и таа слобода е пренесена од авторот на нас, читателите“.
Симон Калајџиев (1985, Скопје) е уметник и футурист кој живее и работи во Токио како професионален илустратор во архитектонската фирма „Никкен Секкеи“. Дипломиран ликовен уметник од Факултет за ликовна уметност во Скопје, во 2009, во класата на професор Рубенс Корубин. Има работено како независен илустратор и графички дизајнер за многу различни проекти, вклучувајќи филмови, списанија, реклами, учебници, веб-сајтови, фестивали, итн.