1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
За разлика од смолите настанати со гниење и распагање, кои го дале негативно пренесеното значење на зборот во многу јазици, смолата од дрвјата, особено боровата смола, имала многу продуховена употреба и културна историја. За возврат, смрдливите смоли, барем во последниве два века, ги означиле моќта и динамиката на човечкото општество, со употребата на нафтата...
Миризливата смола на борот во голема мера ги одредува културите во Европа. Нејзините исцелителски особини биле високо ценети, а моќта на зачувувањето и продолжувањето на векот на пијалоците и денес сè уште е во најширока употреба. Но, да почнеме од дефиницијата: смолата е материја што се излачува од дрвото односно растението, која се создава во посебни канали и се исфрла на површината, а како што изгледа, служи растението да се заштити од инсекти, габи и други паразити. Смолата е вискозна течност, јаглехидрат, која се стврднува во допир во воздухот. Затоа употребата на разни смоли во производството на лепила, лакови и слично, е голема. Во оваа гранка на семејството на смолите, секако најголем успех имала смолата од каучуковото дрово, од која се произведува гума. Кога станува збор за европските смоли, тие во културната историја имале навистина истакнато место. Тоа истакнато место го обликуваат три патишта на смолата.
Прв е употребата на смолата во продолжувањето на векот на пијалоците. Растворена во алкохол, смолата го одржува младото вино, а во силните алкохолни пијалоци, како што е ракијата, дава специфичен вкус. Вино со смола, резинирано вино или во Грција едноставно - рецина - е типично медитерански начин за продолжување на векот на виното, во клима во која не може секогаш да се смета на стабилни температури. Постои верување дека рецината е благопријатна за стомакот и дека го чисти човечкото тело онака како што смолата го штити дрвото: но дури и ако не ѝ поверуваме на оваа народна одбрана на пијалоците и алкохолот, останува фактот дека пиењето рецина означило некои промени во грчкото општество во втората половина на 20-тиот век. Додека работничката класа традиционално пиела пиво, кое во Грција го вовеле германски фирми, интелектуалците кои го смислувале противењето на диктатурите пиеле рецина, како знак на блискост со пониските слоеви и својата лева ориентација. Додавањето смола во ракијата имало слични политички последици: од посебна смола се добива пијачката која во Грција се нарекува узо, а во другите краеви на Средоземјето и Балканот, како во Македонија, мастика. Кога на оваа ракија ќе ѝ се додаде вода, таа станува матно бела. Узото не само што „впишува“ извесна политичко-културна разлика, туку и узериите, барови во кои се ужива во узо и мезе, се институција која во грчките градови е покрај местата каде се формира и практикува власта - судови, берзи, парламент. Покрај сето тоа узото означува поинакво разбирање на времето и комуницирањето: минимален додаток со узото, во кое не смее да се ужива сам, е едно зготвено ракче, резне домат, парче сирење - овозможува часови и часови дебати. Најквалитетната мастика се собира на островот Хиос, но насекаде во Грција во боровите шуми ќе најдете засечени стебла и метални садови во кои се собира смола. Самото име на мастиката е поврзано со „џвакањето“: џвакањето миризлива смола е многу стара постапка, која дури индустријализацијата на колонијалните откритија ја претворила во денешната гума за џвакање.
Втората употреба на смолата е поврзана со ритуалите, особено екстатичките. Многу смоли во оган испуштаат мириси, некои од нив се и халуциногени. Секако, најпознат случај е хашишот, кој е смола на канабисот - марихуаната. Во медитеранските култури хашишот почесто се јадел отколку што се пушел - „ждерачите на трева“, од кои се проширил називот хашиш, биле род турски верници-војници, особено сурови и агресивни, заради уживањето дрога. Бодлеровата етимологија на хашишот - фр. assassin, „убиец“, пренесува едно старо популарно толкување, кое не е сосема веродостојно. Во секој случај, грчката традиција на слатки со мастика, и новата европско-американска субкултурна традиција на правење колачи со марихуана имаат заедночко потекло... Претпоставките дека, да речеме, учесниците на дионисиските ритуали или делфиската пророчица уживале во хашишот се неосновани, но извесно е дека старите култури во целиот свет одлично ја познавале употребата на дрогата и веројатно дијапазонот на различните дроги бил поголем од денешниот, вклучувајќи ги и синтетичките. Една од смолите многу се употребува во православната црква, како темјанот - што со преносно значење упатува на темјанот, миризлива трева. Во европските култури во средниот век кадењето со запалени миризливи смоли било распространет начин на прочистување, секако попријатен отколку навистина ефикасен. Денешната њуејџовска ароматерапија само приближно потсетува на богатството на употребата миризливи материи и значењето на насочувањето на миризливиот чад нагоре, кон боговите или бога...
Третиот, најголем и културно најзначаен пат на смолата бил, така е наречен и во археологијата - килибарскиот (јантарски) пат. Килибарот (јантар) е фосилизирана смола од дрво, производ со природна полимеризација на првобитниот органски материјал. Впрочем, тоа е смола стара помеѓу триесет и деведесет милиони години. Стврднатата смола ја носеле и продавале од европскиот север на југот, но и обратно - преку море, копно, реки. И денес може да се добие вистинската слика само кога ќе се погледнат бескрајните балтички песочни плажи, зад кои се простира едно друго море - море со борови: во него се наоѓаат парчиња килибар. Килибарот, како и златото, бил не само знак на богатство, туку и моќна заштита со лековито дејство. Килибарот се претворал во прав и се мешал со мед, како лек против многу болести, со чадот од запален килибар се отстранувала чума, ѓерданот од килибар ги штител и децата и возрасните. Во подоцнежните европски култури, кога станала важна девственоста, парче килибар можело да се употреби за да се открие дали девојката сè уште е невина или не... Морнарите носеле килибар за заштита од морски змии и други чудовишта и воопшто, оној што носел килибар бил заштитен од змиско каснување. Дури и современата медицина го употребува килибарот.
Како и златото, килибарот ја презема температурата на телото и е пријатен на допир. Како и златото, килибарот ја прекршува и засилува сончевата светлина. Како и златото, килибарот може да се претопи и да се претвори во друг предмет, односно накит. За разлика од камењата и минералите, килибарот немал прецизна ритуална улога (да речеме, пренос на душите), а за разлика од златото не овозможувал многу прецизно обликување: и денес е најубав украс кога е гладок, проѕирен и кога во него се гледа остаток од некогашниот живот - заробен цвет или инсект. Митологијата на килибарот е исклучително богата во Европа - само да го споменеме грчкиот мит, според кој солзите на Хелијадите, ќерките на Хелиј (Сончевите ќерки) за погинатиот брат Фаетон, се претвориле во килибар. Грчкото име на килибарот, електрон, во основа е од меѓународната терминологија на електрицитетот: особина кога ќе се протрие да привлекува други лесни предмети, прв забележал грчкиот филозоф и научник Талес од Милет. Забуната околу терминот амбра, со арапско потекло, доаѓа од забуната со предметите: истото име е употребено за килибарот и за фосилизираниот екстракт (екскреција) од кит, а двата се наоѓале на исто место - на плажите.
Како што во старата доба килибарот претставувал клучен објект за комуникација, трговска, политичка, културна, верска, меѓу културите во Европа, така и денес проучувањето на килибарот претставува интердисциплинарен рај: килибарот не може да се проучува без палеонтолози, географи, геолози, ботаничари, биолози, археолози, историчари на уметноста, хемичари, медицинари, историчари на верата и веројатно уште десетина различни научни дисциплини. Околу килибарот се создаваат нови митови - на пример, оној што го видовме во филмот Паркот во добата Јура: за жал не е потврдено дека примерок од ДНК од диносаурус може да се добие од крвта на комарецот заробен во килибар... Како и да е, филмот многу му помогна на туризмот на Карибите, особено во Санто Доминго, еден од големите килибарски центри и место од каде наводно потекнува филмскиот комарец.
Кога денес ќе видите некој достоинствен, да речеме грчки старец - а староста сè уште добро се носи на Средоземјето - како седи во таверна со узо, води дебата за светската политика со сличните нему и во рацете врти комболои - бројаница од парчиња килибар, тогаш помислувате каква културно-историска перспектива имате пред себе: трајноста на употребата на смолата (во пијалокот), употребата во лекувањето (смирувањето на живците и потенцирањето на интелектуалната динамика), ритуалната употреба (амулет, заштита) и на крајот откривањето на електрицитетот. Сето тоа во распон од деведесет милиони години, што би била најдолгата старост на килибарот кој постои во светот денес..
Извор: Leteci Pilav - antropoloski eseji o hrani, Svetlana Slapsak, Biblioteka XX vek, Beograd, 2014