1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Договорот за искористување на природните ресурси, кој на 30-ти април го потпишаа американскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската министерка за економија Јулија Свириденко, укажува на промена на курсот на новата американска администрација во однос на војната во источна Европа.
Договорот, со кој САД добиваат преференцијален пристап до бројни украински рудни богатства – од ретки метали до фосилни горива – би можел да доведе до ново заострување на односите помеѓу Америка и Русија, и со тоа да го означи крајот на неколкумесечниот детант што го иницираше американскиот претседател Доналд Трамп. Самото потпишување ваков договор не претставува изненадување.
Администрацијата на Трамп уште од самиот почеток на неговиот втор мандат изразуваше јасна желба за присвојување на украинските природни ресурси: особено литиумот и ретките метали, неопходни за производство на современа електронска опрема. Според првичните нацрти на договорот, Украина требаше да им ја отстапи на САД контролата над своите рудни наоѓалишта како вид компензација за дотогашната воена и финансиска помош, без цврсти гаранции дека таа помош ќе продолжи и понатаму.
Украинската страна беше неволна да потпише таков договор, кој неславно пропадна по кавгаџиската средба помеѓу Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа кон крајот на февруари. За разлика од тогашните случувања, претседателот Зеленски го нарече новиот договор „рамноправен договор“, но тешко е да се оттргне впечатокот дека сепак станува збор за едвај прикриен империјалистички грабеж.
Сепак, денешниот договор во споредба со старата верзија претрпе неколку значајни измени. Од симболичен аспект, САД во потпишаниот договор даваат целосна поддршка на независноста и суверенитетот на Украина, а војната во Украина јасно ја нарекуваат руска агресија. Сепак, најзначајни се материјалните измени: текстот на договорот повеќе не го споменува отплатувањето на претходните долгови, со што навидум е отстранета најголемата пречка.
Од друга страна, експлицитно е определено дека целата идна американска воена помош ќе се пресметува како почетен капитал на Американско-украинскиот инвестициски фонд за обнова, кој би требало да го надгледува искористувањето на рудните богатства. И навистина, само неколку часа по потпишувањето на договорот, американскиот Стејт департмент одобри испраќање воена помош во вредност од 50 милиони долари, што претставува прв ваков пакет од почетокот на администрацијата на Трамп.
Иако 50 милиони долари се само капка во морето на украинските воени потреби, може да се заклучи дека американскиот однос кон војната во Украина повторно почнува да се менува. По потпишувањето на договорот за природни ресурси, САД добија многу јасен материјален поттик за продолжување на испораката на оружје за Украина, но и за заземање построг став кон Русија, чии долготрајни офанзиви сè повеќе ги загрозуваат украинските рудни наоѓалишта.
Оваа промена на ставот јасно ја изрази американскиот министер за финансии Бесент, кога изјави дека „овој договор јасно ѝ сигнализира на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировниот процес насочен кон зачувување слободна, суверена и просперитетна Украина.“ Фрустрацијата на администрацијата на Трамп поради неуспешните обиди за постигнување мир во Украина е очигледна веќе неколку недели.
Претседателот Трамп и американскиот државен секретар Марко Рубио уште во средината на април изјавија дека САД ќе се повлечат од улогата на посредник доколку двете завојувани страни не покажат добра волја за продолжување на преговорите. Ниту Украина, ниту Русија досега не се откажаа од своите максималистички цели, но на Владимир Путин сигурно му станува јасно дека се ближи крајот на „медениот месец“ помеѓу Русија и САД. Прогласувањето еднострано велигденско примирје на скептичниот Трамп веројатно требаше да му докаже постоење „добра волја“ на руска страна.
Тродневното примирје за Денот на победата над фашизмот може да се сфати како продолжение на истата практика, иако во овој случај очигледно станува збор и за обид да се обезбеди московската воена парада од нови напади на украински дронови што би можеле да го посрамотат Путин пред странските гости. Меѓу тие гости, секако најважен е кинескиот лидер Си Џинпинг, чие партнерство со Русија е една од главните цели на „источната политика“ на Трамп.
Карикатури: Andy Bunday
Извор: https://www.portalnovosti.com/