1015 hPa
62 %

11 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 21:59
РИТАМОТ НА КАЛИПСО
Сите станавме очекувајќи ја химната, но оркестарот засвире калипсо. И не само што засвире, туку и заигра. Целиот оркестар, вклучувајќи го и диригентот, сложно заигра калипсо, а ритамот набрзо се пренесе и врз нас, се провлекуваше низ нашите раце и нозе, се гнездеше во стомаците и задниците; потоа ни се придружија почесниот вод, дипломатите на трибините, децата со цвеќе, дури и екипажот на авионот слезе на пистата; потоа и претседателите почнаа да цупкаат, прво нашиот, па нивниот, па заедно, држејќи се за раце; тогаш и камерманите почнаа да се клатат, не испуштајќи ги камерите, така што сликата на телевизиските екрани ширум земјата трепереше и потскокнуваше. Но никој не се пожали, никој не телефонираше, ни тогаш ни подоцна, па ни многу подоцна, кога дури и членовите на оркестарот тврдеа дека тоа не се случило.
КАУБОЕЦ
Каубоецот е толку дебел што коњот одбива да го носи. Пасе трева, мавта со опашката и се штрека кога каубоецот го подбоднува со мамузите, но сепак не мрда. Со нескриена носталгија се присеќава на времето кога каубојците биле високи и витки, не ги ни осеќаше во седлото. А како само галопираа! Јуреа, уверен е коњот, побрзо од куршум. Ги затвора очите и мисли на Индијанците, на кочиите, на девојките што брзо стануваа жени. За тоа време каубоецот не мисли на ништо. Повремено го подбоднува коњот или го поттикнува со избрани зборови, но потоа тоа му здосадува и само молкум го посматра сончевиот залез кој никогаш не му бил подалечен.
ПРАВОТО НА ПОСИЛНИОТ
Момчето слегува во дворот со парче леб во рацете. Лебот е намачкан со џем од шумски јагоди и детето веќе однапред се радува на вкусот. Во дворот, меѓутоа, му приоѓа момчето од третиот кат, постаро и појако од него, и без збор му го зема парчето леб од раката. Го гризнува, се мршти и го плука. Бљак, јагоди!, вели и го фрла лепчето на земја, во прашината.
МАЛА СВЕТЛИНА
Кога ќе осети дека во него се запалила мала светлина, писателот почнува да пишува приказна. Пишува брзо, оти не знае колку ќе гори малата светлина. Некогаш стивнува по неколку мига, некогаш останува да гори додека писателот не ја напише последната реченица, и се гасне кога тој става точка. Некогаш, меѓутоа, наместо мала светлина се распламтува прав пожар, и писателот не знае што попрво да направи: дали да продолжи да пишува или да го спасува дотогаш напишаното?
Слики: Вирџинија Мори
Превод: Љупка Евроска
Извор: Давид Албахари - Кравата е осамено животно (едиција Магма, 141)
Книгата „Кравата е осамено животно“ е најпотполна колекција на кратките раскази на Давид Албахари (15 март 1948 — 30 јули 2023), еден од најголемите мајстори на малите фикции, и еден од најзначајните современи писатели воопшто. Овој југословенски, српски, еврејски и светски автор напишал триесетина книги, најмногу романи и раскази, често автобиографски.