Трамп и триумфот на технолордовите

12.05.2025 01:23
Трамп и триумфот на технолордовите

Неолиберализмот не беше ни нов ни особено либерален кога ја воспостави својата доминација пред 50 години. Неговата значајна предност беше острото отстапување од класичниот либерализам. Иако им оддаваше признание на либералните мислители, неолиберализмот не ги задржа ниту нивните методи ниту концептот на пазарот. Денес сме на прагот на уште една, исто толку темелна идеолошка иновација.

За разлика од Адам Смит или Џон Стјуарт Мил, неолибералите не се чувствуваа должни да демонстрираат, теориски или емпириски, под какви околности нерегулираниот пазар треба да ја претвори приватната желба за профит во колективен просперитет. Невидливата рака беше божествена, непогрешлива. Дури и кога пазарот ќе пропадне, тврдеа тие, секој обид тоа да се исправи преку некоја колективна интервенција е осуден на уште поголема пропаст. Таквиот став совршено му одговараше на Волстрит.

Седумдесеттите години со нетрпение ја дочекаа оваа доктринарна рамнодушност кон доказите за лошите последици од дерегулацијата на финансиските пазари. Откако Америка стана земја со дефицит, а претседателот Ричард Никсон го шокираше светот со одвојување на доларот од златната подлога во 1971-та година, низа американски влади ја зајакнуваа глобалната хегемонија на САД преку зголемување – а не намалување – на фискалниот и трговскиот дефицит.

Секако, на банките од Волстрит им беше доделена клучната улога во рециклирањето на доларите (во државни обврзници, акции и недвижности) што странските извозници ги акумулираа благодарение на американската побарувачка за нивната стока, предизвикана од дефицитот. Но за тоа да биде возможно – за да станат центар на оваа смела шема за рециклирање на глобалните вишоци – банкарите мораа да бидат ослободени од регулаторните ограничувања, што значеше дека треба да се превоспитаат законодавците и јавноста кои уште од 1929-тата година ги учеа да се плашат од неконтролираниот Волстрит. Фундаменталистичката ортодоксија на неолиберализмот, која ја слави светоста на дерегулираните пазари и се огледа во растечкото влијание на движењето за „закон и економија“, совршено го исполни тој услов.

Денес сме сведоци на подемот на нов облик на капитал – капиталот во облак, односно мрежни алгоритамски машини кои на своите сопственици им даваат посебна моќ да го модификуваат нашето однесување. На тој капитал му е потребна нова идеологија што ќе го оправда. Овој нов систем го нареков технофеудализам. Тоа е облик на производство и дистрибуција што се води од капиталот во облак и пазарите ги заменува со феуди во облакот (како што е Amazon), а капиталистичкиот профит – со рента од облакот.

За да остварат целосна моќ на капиталот во облак, на неговите сопственици (луѓето како Џеф Безос, Питер Тил, Марк Закерберг и Илон Маск) им е потребна нова идеологија. Токму како што на финансиерите од Волстрит им беше потребен неолиберализмот по шокот на Никсон, така и новата идеологија мора да ја поддржи експанзијата на доменот на капиталот во облак на три начини.

Прво, мора да ја легитимира колонизацијата на човечките напори. Почнувајќи од олабавување на правилата што ги регулираат, на пример, автономните возила или медицинските и правните услуги базирани на вештачка интелигенција, таа идеологија мора да ја оправда неограничената замена на луѓето, склони кон грешки и непослушност – со машините на капиталот во облакот, во секоја област, вклучително и работата што ни носи задоволство (на пример, преведување поезија) или онаа што треба да ја посакуваме (како што е одгледување деца). Колку капиталот во облак подлабоко продира во задачите што сè уште ги извршуваат луѓето, толку повеќе пари од рентањето на облакот се прелеваат кон технофеудалната класа.

Второ, новата идеологија треба да ја легитимира колонизацијата на државните институции, особено приватизацијата на јавните податоци преку нивниот трансфер во капиталот во облак на големите технолошки компании. Така, на пример, треба да се оправда користењето на Министерството за ефикасност на владата (Department of Government Efficiency, DOGE) од страна на Маск за поврзување на неговиот капитал во облак со разни федерални агенции, вклучувајќи ја и даночната служба (Internal Revenue Service), или тесното поврзување на одбранбената компанија на Тил, Palantir, и Google со Пентагон, со што нивниот капитал во облак станува незаменлив за воено-индустрискиот комплекс.

Трето, мора да ја легитимира колонизацијата на Волстрит. Закерберг беше првиот технофеудалец што се обиде да создаде сопствена дигитална валута, Либра. Волстрит го спречи во таа намера. Но потоа купувањето на Твитер, денес Икс, од страна на Маск, прерасна во посмел обид за создавање „Апликација за Сè“ која би го оспорила монополот на Волстрит во платниот промет. Големите технолошки компании, кои се стремат да обезбедат неограничени финансии во облакот надвор од традиционалните финансиски пазари, беа охрабрени од извршната наредба на претседателот Доналд Трамп, со која им се наложува на Федералните резерви да создадат стратешки резерви на криптовалути. Сега, повеќе од кога било, им е потребно да го оправдаат спојувањето на нивниот капитал во облак со финансиските услуги.

Новата идеологија веќе е тука. Ја нареков технолордизам, мутација на трансхуманизмот – доктрина која се залага за бришење на границите помеѓу органското и синтетичкото, сè додека ваквите „проширени“ луѓе не постигнат вистинска слобода или дури и бесмртност. Како што неолиберализмот позајмуваше идеи од класичниот либерализам, но го узурпираше додавајќи му врховно божество (непогрешливиот пазар), така технолордизмот им служи на капиталот во облак и на неговиот троен проект на колонизација, со тоа што неолибералниот Homo economicus го заменува со аморфниот „HumAIn“ (континуум човек-AI).

Технолордизмот најде замена и за врховниот бог на неолиберализмот. Новото божество е алгоритамот, кој сигналните функции на децентрализираниот пазарен механизам ги прави застарени, обезбедувајќи (во облик на amazon.com) целосно централизиран механизам за поврзување на купувачите и продавачите.

Долгорочните последици од општествената трансформација забрзана од технолордизмот се зашеметувачки. Меѓу другото, тие вклучуваат макроекономска нестабилност без преседан (бидејќи рентањето на облакот ја поткопува агрегатната побарувачка), пропаст на демократијата – дури и како идеал (позиција што ја застапува Тил, раниот пророк на технолордизмот) – и крајот на универзитетите (кои ќе бидат заменети со персонализирана „проширена реалност“ заснована на вештачка интелигенција).

Во таа светлина, Трамп е божји дар за технофеудалците. Неговата агенда – целосна дерегулација на нивните AI-услуги, зајакнување на криптовалутите и ослободување на рентите од облак од даноци – ја зголемува моќта на капиталот во облак. За новата владејачка класа, колку и да изгуби на краток рок поради Трамповите делузии со царините – тоа изгледа како величествена долгорочна инвестиција.

Карикатури: Marilena Nardi

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото