1006 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Пон, 16.02.2026 13:59

„Седум часот и педесет минути“, Јован Илиески, „Антолог“
Нишанташи, Истанбул
Деновите ги поминуваше лежејќи на својот голем тросед. Истото го правеше со години, а Асли не можеше да каже ниту збор за тоа бидејќи цело богатство и имотнина која ја стекнаа, сигурно и не беше од работното место на жена му во Топкапи. Иштар веќе пет години живееше од авторските хонорари од неговата една и единствена книга излезена на пазарот. Неговото дело се продаваше во сите соседни земји на Турција, а најмногу во Турција. Тоа ги опфаќаше Бугарија, Ерменија, Сирија, Грузија, Азербејџан и островчето Кипар. Сите еминентни издавачки куќи на осум различни јазици ја имаа објавено „Татко ми, Босфор“ која го опфаќа животот на неговата сестра Камила и како тој се нашол со неа по години.Тоа го прослави, до тој степен што секоја година, заедно од сите авторски договори од земјите, земаше скоро еден милион седумстотини и осумдесет илјади лири. За разлика од неговата сопруга, чијашто плата беше прилично смешна. Но, Асли си го сакаше своето работно место, па тука не постоеше место за дискусија.
Неколку политички анализи во Ерменија и издавач од Анкара ја имаше оспорено неговата визија за содржината на книгата, велејќи дека има експлицитни содржини кои би можеле да постават нови прашања во поглед на историскиот период од илјада осумстоттата година од Османлиското царство. На крајот, со помош и на Асли, со којашто се обидуваше да изгради иднина веќе две години пред објавувањето на книгата, се изборија за романот да ја види светлината на денот.
Токму затоа, Иштар имаше оправдување за сето неработење. Дури и дуќанот во кој што работеше во Капали чаршијата го издаде под кирија , па правејќи ги сите овие работи, Асли не мора да се грижи за ниту еден ден во нејзиниот живот кога стануваше збор за парите.
Таа ја држеше устата затворена, иако, ќе беше лага човек да верува дека Асли не би се бунтувала против неговото седење по дома. Тоа придонесуваше и за неговата опседнатост со сестра му, придонесуваше и неговата депресија, за неговото намалено сексуално либидо, како и за монотонијата која владееше со куќата. Иштар не умееше тоа да го разбере, барем не сакаше.
Нивниот брачен живот е до тој степен монотон што последен пат беа на летен одмор пред три години, со првиот дебел авторски хонорар од којшто им зајде памет, па искористија мал дел од него за да се одморат две недели во Абу Даби. И толку. Нивната динамика замре. Потоа, монотонијата настапи на сцена, а Асли не сакаше збор да каже, бидејќи вистина е – на овој или на оној начин, Иштар заработуваше и сѐ уште заработува.
Кога некој затропа на вратата, Иштар ја читаше Ноќи на чума од Орхан Памук. Млитаво ја остави книгата и довикна дека за брзо ќе отвори. По пат ја турна Чилек со стапалото, бидејќи мачката се беше распослала на тремот од вратата и спиеше како заклана.
Иштар го пречека гостинот со насмевка. Онаа насмевка што Асли не ја добива кога ќе си дојде од работа.
„Сабахатин!“- го прегрна. – „Влези, влези.“
„Да не ти го земам мирот?“
„Не, во вистинско време си.“
Сабахатин последно се виде со Иштар претходната година во декември. По тоа, беше заминат на службен пат, зашто сѐ уште работеше во фирмата Агбати, онаму каде што и Камила остави траг со својата професионалност и посветеност.
„Чај? Кафе?“
„Чај.“ – побара Сабахатин. – „Силен.“
Се смести на двоседот отспротива големиот аквариум со барем седумдесет риби, од кои десетина различни видови. Го зјапаше просторот како првпат да влегува. Беше збунет од новиот тапациран мебел, продолжениот аквариум и новите две легла за мачките.
„Сите се добри, да?“
„Здрави и живи!“ – рече Иштар, знаејќи дека Сабахатин го прашува за петте мачки, зјапајќи во Сонѓул, додека фрла хартиено топче во воздухот. –„И бесни мачоришта.“
***
„Кој го уби Едгар Алан По“, Владо Јаневски, „Или –Или“
Како што си врвеа годините, се соочував со сѐ подолга плетеница од болни нешта за себе и почнував да губам надеж. Ми требаше некој со кого низ разговор би споделил дел од она што ме притискаше. Повеќето луѓе не сакаа да бидат вознемирувани. Се плашев дека ќе згрешам ако им се доближам и почнам да зборувам отворено за она што ме измачува. Во таква состојба, не можев да земам воздух со полни гради, дишев плитко и испрекинато – животот ми наликуваше на од во непознато по затегнато јаже, со сѐ помалку воздух и се повеќе страв од пад од една несреќа во друга.
Поради тоа решив да се јавам во Замокот.
Не сакав да бидам прекинуван за време на повикот или некој да чуе зошто се јавувам.Одбрав момент кога се чувствував најслободен да зборувам за тоа што ме измачуваше и го завртев бројот на рецепцијата.Нервозно ги гризев ноктите пред некој да ми одговори.
„Како можам да ви помогнам?“, слушнав глас од другата страна на линијата.
Имав тешкотии да зборувам чисто. Само што се вратив од деликатна операција на носот. Завршив со неколку фластери и поголем завој од кој, покрај проблемите со зборувањето, ми беше отежнато и дишењето.
„Се извинувам ако имате тешкотија да ме разберете“, реков на самиот почеток. „Ќе се обидам да зборувам пополека. Ќе повторувам ако треба.“
„Засега нема потреба од повторување. Дотука ве разбрав“, ми рече службеникот со карактеристично рапав глас, се накашла и се пожали дека моментално има некаква настинка.
„Сакам да го посетам Замокот“, реков.
„Јавниот дел моментално е затворен за посета на туристи, поради реновирање“, службеникот ми даде до знаење.
„Не сум турист“, реков. „Јас сум писател, живеам локално“.
„Без разлика дали живеете локално и дали сте турист или писател, тоа не ни прави никаква разлика“, ме прекина службеникот, со намера тука да го заврши разговорот.
„Ама, ве молам, дозволете ми да си ја завршам мислата“, се обидов да дојдам до збор.
„Зборувајте тогаш! Немам време за губење“, гласот речиси ми нареди.
„Ми треба помош“, започнав несигурно.
„Помош? Тогаш можам да ви закажам термин во библиотеката. Таа е единствениот објект од јавниот дел на Замокот отворен и за време на реновирањето.Таму има сѐ што му треба некому како вас.“
„Зошто мислите дека помошта ќе ја најдам во библиотеката?“
„Нели рековте дека сте писател?“
„Реков, но не реков дека имам проблем со пишувањето или дека ми треба термин во вашата библиотека или...“
„Па тогаш зошто воопшто се јавувате?Господине, тука ќе морам да прекинам. Имајте убав ден!“
„Ве молам, не прекинувајте. Мене ми треба помош од психијатар“, реков брзо. „Сум слушнал дека во Замокот имате и психијатар, господинот Груми Блум?“
Следуваше молк, се исплашив дека врската беше прекината.
„Господинот таму работи, нели? Ало! Ало...!“, го повишив гласот.
„Без викање. Ми го пробивте увото“, повторно го чув рапавиот глас. „Психијатарот Груми Блум е во деловниот дел од Замокот. Таму се оди само со закажување.“
„Затоа се јавувам, сакам да закажам“, овој пат зборував потивко.
„Сега едвај ве слушам. Дали можете да зборувате нормално?“, рапавиот глас делуваше иритирано.
„Сакам да закажам“, повторив малку погласно.
Повторно следуваше молк.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.