1017 hPa
27 %

28 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 18:59
Деновиве издавачката куќа „Илика“ објави збирка есеи чија авторка е Ивана Хаџиевска, истражувачка од полето на социјалната историја и историјата на жените. Збирката носи впечатлив наслов: „Суспендирана итност – есеи од крајот на времето“. Суспендирана итност? Крај на времето? Ова се силни зборови што заслужуваат да подзастанеме и да се подзамислиме. Веднаш ни се наметнува прашањето: дали е оправдано да се излезе со ваква карактеризација на нашето време? Мојот одговор: потполно е оправдано. И бидејќи авторката ми има оставено позитивен впечаток со својот устен и пишан збор, заклучив дека вреди да се прочита дело со ваков наслов од личност што често знае пријатно да ме изненади со длабочината на мислата и убавината на изразот.
Ќе започнам кажувајќи збор-два за самата авторка и за нејзиниот пристап. Хаџиевска е историчарка што е различна од многу наши историчари. Сум читал многу нивни дела. Си личат едни на други како јајце на јајцето. Повторуваат исти излитени фрази и „факти“ одново и одново. Си прочитал едно, како да си ги прочитал сите. Малкумина се оние што излегле од тоа сивило. А меѓу нив дефинитивно е Хаџиевска. Кај неа, покрај свежината и длабочината на мислата, има и интелектуална храброст да не им се робува на вештачките граници меѓу општествените науки, што наметнуваат правила дека историчарот смеел да си го каже мислењето само за историјата, политикологот за политиката, а економистот за економијата. А зарем Историјата (со голема буква) не треба да биде тема од интерес за историчарот? Зарем историчарот не треба да се интересира за иднината, за идниот тек на Историјата? Зарем историското знаење нема и еманципаторски потенцијал и, ако има, како треба да постапи историчарот во врска со него доколку сака да биде на висината на задачата? Треба ли тоа да го игнорира или да го стави во функција на обликувањето на контурите на новиот свет?
Ќе се задржиме уште малку на Историјата со голема буква. Френсис Фукујама ја прогласи победата на Западот во Студената војна не само за политички, туку и за финален идеолошки триумф, за крај на Историјата. Но колку импликацијата од неговата теза, имено дека и сегашноста и иднината неизбежно му припаѓаат на капитализмот и на неговата либерална демократија – денес може да се смета за релевантна? Хаџиевска, дискутирајќи околу оваа теза, заклучува дека „Фукујама делумно имал право.“ При тоа, таа искажува две тези околу кои вреди малку да подзастанеме и да поразмислиме. Прво, дека „глобалниот капитализам сѐ помалку има потреба од либерална демократија, а повеќе од испразнета ритуализирана форма на демократија“. И второ, дека „идеологиите никогаш не биле поживи, а нивните симптоми во културата и животот на луѓето – поопсцени“. Што ова ни кажува за нашата денешница?
Јас ќе се согласам со Хаџиевска дека ние, за жал, не сме дојдени до точката каде што би можеле триумфално да прогласиме дека Фукујамовата теза за крајот на Историјата завршила на ѓубриштето на Историјата. Хаџиевска во еден од своите есеи ја идентификува нашата рак-рана: моменталната состојба е „состојба на неможност за замислување иднини“. Ако ја живееме таа суспендирана итност, ако, на пример, во контекст на климатската криза како никогаш досега немало толкава ургентност да се стремиме да материјализираме свет отаде експлоататорската логика на капитализмот, а ако нам, од друга страна, ни недостига дури и капацитет да замислиме реалност поинаква од капиталистичката – тогаш држи ли или не држи тезата на Фукујама дека настапил крај на Историјата?
Влијанието на Фукујама врз нашата мисла, а уште повеќе влијанието што го извршил постмодернизмот, може да го видиме и во поглед на тоа што нам големите наративи ни станаа – едноставно туѓи. Па постмодернисти по дух се дури и многу луѓе што немаат ниту слушнато за постмодернизмот. Но, внимавајте! Со еден важен исклучок. Хаџиевска посочува на очајното ниво на македонската и балканската историографија и политика на сеќавање, при што, наместо повеќе да се работи на разбирањето на националните митови, се наметнуваат поими за „историска вистина“. Па испаѓа, во пристапот кон сегашноста и иднината да сме закоравени постмодернисти, но во пристапот кон историјата, спротивно на тоа, да сме убедени дека постои апсолутна вистина и дека таа е токму онаа на нашите племенски жретци. И никако да излеземе „надвор од челустите на националистичката идентитетска политика“.
„Суспендирана итност“ ги опфаќа размислувањата на Хаџиевска што таа ги стави на хартија во период од десет години, помеѓу 2014 и 2024 година. Тоа се есеи објавени во Македонија, Балканот, но и Европа, во кои Хаџиевска нѐ претстави, меѓу другото, и нас самите во убаво светло, посочувајќи преку својот пример дека нашата средина има капацитет да изнедри млади, а истовремено зрели мислител(к)и. Насловите на есеите исто така го побудуваат вниманието. Неподнослива иднина. Кога работниците беа херои. Шведската теорија за љубовта. Невротични хероини. Одлично е што Хаџиевска одлучи да ги собере на едно место овие есеи и да ги објави, давајќи им дополнителна сила. А покрај силата на аргументите, не може да не се посочи и на убавината на раскажувањето. Авторката често ги започнува своите есеи раскажувајќи ни за некој филм. Некои од тие филмови сите сме ги гледале и убаво ни доаѓа нејзиното потсетување на нив. А некои не сме ги гледале, па ни се јавува желбата да ги изгледаме. Што побрзо. Зашто очигледно е од описот на Хаџиевска дека тие заслужуваат да се гледаат.
Есејот на Хаџиевска што ми остави најсилен впечаток е првиот од двата есеи во кои таа се занимава со заградените знаења. Можеби на нашите читатели заградувањето како термин не им е многу познато, но неговата суштина им е доволно позната. Заградувањето е првобитниот грев на капитализмот, тоа е практиката при која заедничкото земјиште на заедницата било заградено, присвоено, приватизирано од страна на поединците што располагале со економска и политичка моќ (капиталистите), а ваквата материјализација на силата и насилството или претходно или последователно станувала законита преку изгласувањето соодветни закони. На таков начин упадот, одземањето, присвојувањето, приватизирањето на она што било заедничко добро, на она што било наше, станало нешто што е по закон, а спротивставувањето на таа озаконета узурпација се третира (и казнува) како бунтарство, радикализам, непочитување на светоста на приватната сопственост. Како што добро знаеме и од нашата скорешна историја, од т.н. процес на приватизација, заградувањето како „алатка“ на моќните не е само првобитен грев на капитализмот, туку континуирана практика на капитализмот, негов modus vivendi.
Ивана Хаџиевска
Оттука, кога Хаџиевска, следејќи ја Силвија Федеричи, зборува за заградувањето на знаењето, треба да бидеме свесни дека таа користи еден исклучително силен термин-обвинение при идентификувањето на проблемот. Има еден тотално изветвен либерален мит, митот за еднаквите шанси или за постоењето на рамен терен за игра за секој учесник. Хаџиевска го проблематизира овој мит во сферата на науката. А тој, колку што е изветвен толку е широкозастапен, па се проповеда од заградувачите на знаењето и во сферите на економијата и во политиката. Заградувачите на знаењето ја проповедаат канониката за науката во смисла дека секој научник има подеднакво право да се занимава со која било проблематика и дека научните сознанија ја добиваат својата тежина врз основа на објективни критериуми. Хм. Детето од сиромашно и богато семејство имаат еднакви шанси да ги платат трошоците за своето образование? Системот на плаќање за да го објавиш својот научен труд не создава нерамноправна положба меѓу богатиот и сиромашниот научник? Тоа дали потекнуваш од семејство „со педигре“ или не, игра или не игра улога при вработувањето на образовните и научните институции? Исти ли се шансите да се промовираат научните сознанија што се просистемски и антисистемски, што се на теми што системот ги смета за важни и оние на теми што системот ги потиснал како маргинални?
Хаџиевска на темата, храбро, зборува и од лично искуство како истражувачка. За изговореното и неизговореното омаловажување поради изборот на темата на истражување, дури и бидејќи таа е тоа што е. Па го пишува она што не смее да биде, а што е: „Ако станува збор за жена во научно-истражувачката работа, особено рана и независна истражувачка без институционална заднина, не е важен степенот на квалифицираност и професионалност бидејќи секој има право на мислење и на експертиза за нејзината дејност, за темите за кои се интересира, за начинот на кој изгледа и (како би требало да) се однесува“.
Храброста – заградувачите на знаењето (попознати како пропагандисти) се стремат да не биде препознаена и како интелектуална доблест. Па храбар е само војникот („воинот“) што го положил животот на олтарот на Татковината. Но не и интелектуалецот што се дрзнал да каже дека царот е гол. А сепак, интелектуалната храброст постои – и е многу важна. Таа се казнува со остракизам и замолчување и затоа не е лесна. За разлика од наградувањето со ловорики и функции што го добиваат „интелектуалните“ медиокритети чие знаење орбитира околу тезите „не нишај го чамецот“ и „гледај си го личниот интерес“.
Хаџиевска ја има таа интелектуална храброст, толку малку почитувана, а толку многу важна. И ѝ посакувам уште поголема интелектуална храброст во иднина. Во „Суспендирана итност“ ја гледаме таа храброст не само преку претходно наведените случаи, туку и во „дрскоста“ да се проблематизираат просветленоста и демократичноста на Западот, речиси табу-тема за секој/а што е незадоволен/на од стандардите во нашата паланка. Па проговорува, наместо мудро да си молчи, за Палестина, за геноцидот (!!!) што таму се врши, а што, меѓу другото, е лакмусовиот тест колку навистина вредат сите тие „западни“, „европски“, „американски“ вредности. Зашто ако спречувањето на геноцид не е само морална, туку и правна должност, молчењето околу геноцидот, а да не зборуваме за неговото овозможување, е токму оној момент кога одговорноста на интелектуалецот му наложува да викне дека „царот е гол“ наместо полтронски да плете прикаски колку било убаво царевото ново руво или дури само „мудро“ да го одвлекува вниманието, зборувајќи за времето, на пример.
„Најголем страв за опресорите е хуманизацијата на опресираните“ – пишува Хаџиевска. Целосно се потпишувам под овој став. Денес опресираните систематски се дехуманизираат. А да се биде човек по форма без да се биде човек по суштина – малку вреди. Постои итност што побрзо да се хуманизираме наместо да се задоволиме само со констатацијата дека итноста е суспендирана. Крајно време е тоа да го направиме.