Како да се чита антологија?

12.05.2025 13:16
Како да се чита антологија?

Со цел да се одредат точките на светската поетска мапа, во малата антологија на светската поезија има значајни имиња на поезијата на 20 век, а и нешто од 21 век: Анџела Маринеску, Романија, Силвија Плат, Луиз Глик, Чарлс Симиќ, САД, Маргарет Атвуд, Канада, Франк Ормсби, Пол Малдун, Шејмас Хини, Ирска, Сара Кирш, Германија, Блаже Конески, Лилјана Дирјан, Игор Исаковски, Пандалф Вулкански, Македонија, Борис А. Новак, Словенија, Георги Господинов, Бугарија, Гонсало М. Тавареш, Португалија, Ленка Дањхелова, Чешка, Зелда, Јехуда Амихај, Израел, Ален Боске, Франција, Давид Албахари, Милена Марковиќ, Србија, Војо Шиндолиќ, Хрватска, Ана Агилар Амат, Каталонија, Вислава Шимборска, Полска, Тед Хјуз, Англија, Таникава Шунтаро, Јапонија, Сергеј Чудаков, Русија...

Доволно е да се споменат само македонските поети во оваа антологија (застапени и како преведувачи и како автори), и веќе почнува да се исполнува просторот и времето со нивните поетики; сите светски современи поети, сите особено прецизни огледала на времето во кое живееле или уште живеат, сите искрени и со длабоки себеиспитувања и соочувања, сите без претензија да го спасат светот, туку денот, само денот. Оттука „Секој ден песна”.



Првата работа која ја направив (тоа е ионака на почетокот на книгата дадено), беше да ја разгледам содржината; првата работа што се забележува е големиот број женски автори во антологијата на книгоиздателството Темплум. Со оглед на тоа дека во оние антологии кои ги имам, издадени во 20 век, бројот на авторки е неспоредливо помал од оној на автори, овде бев пријатно изненадена. Се разбира дека не можам поинаку да гледам на оваа антологија освен како жена од ова време; затоа и ми беше особено драго да прочитам во предговорот на приредувачот Никола Гелевски дека во оваа книга се застапени еднаков број машки и женски поети. Го поздравувам тоа.

И, каков избор! Мене ми се познати повеќето автори и авторки, ама на некои сепак морав да се потсетам. Некои првпат ги среќавам. Тоа е уште една причина да се има книгава во домашната библиотека. Антологиите опфаќаат различни автори и авторки, од различни средини, со различни стилови, доаѓаат од различни времиња и на тој начин создаваат едно книжевно патување низ различни периоди, кои во себе содржат засебни особености.

Морам да се вратам на жените во оваа книга и на изборот на приредувачот. Ако традиционално поетесите се поврзуваат со лириката, каде доминираат темите на љубов, чемер и копнеж, проткаени со помала или поголема доза патетика, овде се избрани авторки кои, во стилот на постмодерната, излегуваат од рамката во која се затворени; тие пишуваат за телесното, еротиката, сексот, растргнатоста меѓу трагиционалните пранги и стремежот за слобода, оптовареноста со секојдневието обременето со неправда, насилство, нееднаквост, политика... Жената се открива себеси пред другите, како Адриен Рич во 21 љубовна песна, жената се прифаќа себеси, како Сандра Сиснерос во Разрешена, жената го спасува светот, како Весна Парун во Поздрав на татковината засекогаш.



Ако се надоврзам на песната на Весна Парун, би можела со голема сигурност да кажам дека кога би ги тргнале национализмот и капитализмот, ќе секнат сите војни, и тогаш би ги изгладнеле сите гадости и монструозности кои живеат длабоко во нашата темнина.

На песнава исто така сакам да надоврзам уште една карактеристика на оваа антологија. Никола Гелевски книгата ја нарекува и мала балканска антологија. Внатре се собрани значајни поети и поетеси од Балканот во 20 век. Нивната поезија е одраз на невеселите состојби на Балканот во тој период, и со жалење морам да заклучам дека состојбите се истите; собрани се поети и поетеси храбри и отворени, кои стојат зад напишаното, кои на накој начин ја користат поезијата како медиум за да ја пренесат својата огорченост од доминантните општествени и политички констелации, го критикуваат национализмот, се обидуваат да го артикулираат незадоволството, а го прават тоа со доза на хумор и сарказам. Не случајно, да речеме, избрал Игор Исаковски да ја преведе Националните поети на Јеврем Брковиќ, кој на поетски начин зборува за она што Часлав Милош го објаснува за феноменот „Кетман“ во книгата Заробениот ум.

Имам чувство дека една од нишките што ги поврзува авторите и авторките во антологијава (не дека мора нешто што ги поврзува) е впечатокот дека балансираат на границата меѓу маргините и мејнстримот, а тоа е најверојатно така оти нивната поезија инсистира да биде автентична-ослободена од книжевните канони, а со тоа нова и чудна - и истовремено да допре до што е можно повеќе луѓе.

Во книгата има многу песни посветени на поезијата, на падот на поезијата. Низ антологијата се провлекува прашањето Што е поезијата? Или подобро: Зошто поезија? Како поезија? Чуму поезија? Тони Харисон во песната Наследство вели:

Како си станал поет, тоа е мистерија?

Од каде талентот го влечеш и покрај сè?

Велам: имав двајца чичковци, Џо и Хари,

едниот беше д’ткало, другиот нем.

Многу од поетите во книгава реагираат на таа криза во поезијата. И покрај долгиот период на маргинализација на поезијата, отстапувајќи ја сцената, или подобро, бидувајќи брутално оттурната од сцената како недостојна форма за критиката и писателите воопшто, сепак останува фактот дека таа владее со умешноста во себе да собере, концизно и јасно (добро, понекогаш и не толку јасно) големи вистини.

Да не биде дека, како жена која сака да ја испере сета патетика од она што го пишува, а така и избира што чита, и со тоа да падне како жртва сета прекрасна љубовна поезија напишана досега, мене антологијава ме купи со Јехуда Амихај и неговата песна Штета. Бевме толку добар изум.



***

Читав дека Дарвин при крајот на животот сфатил дека ја изгубил способноста да се изразува концизно и јасно, и дека тоа му го припишува на фактот дека престанал да чита поезија; сметал дека губењето на таа способност и желба да се чита поезија е како да се изгуби среќата.

Многумина од нас кога читаат поезија како да гледаат пантомимичар; некои движења јасно ни зборуваат, за други ни треба време да ги дешифрираме, некои никогаш нема да ги разбереме. Можеби треба да ја читаме на глас поезијата, во моменти кога сме задлабочени во тишината на зборовите.

Затоа ве поканувам да прочитате песна, две, цела книга поезија, на глас, да се вратиме назад во времето кога поезијата се читала на плоштади, на големи сцени, или подобро, се рецитирала напамет, со кренати раце кон небото, со поетски занес, со сите нишани. И не мора така да се чита, спуштете ги рацете, заборавете на поетскиот занес, и пуштете го гласот кој го слушате додека ја читате песната која ви се допаѓа.

Најпосле, како се чита антологија?

Како сакате!