Пред сè сме човечки суштества, а економски единици станавме неодамна

13.05.2025 00:37
Пред сè сме човечки суштества, а економски единици станавме неодамна

Алекс Суџунг Ким Пенг е еден од бизнис аналитичарите и социолозите кои ја поддржуваат идејата за пократко работно време и повеќе одмор, со цел да се зголеми продуктивноста, а на крајот и задоволството на целата бизнис заедница.

„Работи помалку, направи повеќе“ – би рекол овој автор кој стана познат благодарение на своите книги што се занимаваат со слободното време. Тој е претприемач и советник во големи корпорации.

Човечките суштества и слободното време

„Често погрешно го разбираме поимот слободно време. Викендот поминат во слободно време не треба да се чувствува како „млак“ или безначаен. Кога Цицерон, Аристотел и Епикур зборувале за слободното време, мислеле на нешто што го издигнува човекот. Тоа била можност за раст, учење, усовршување и поврзување. За тоа во античко време го користеле зборот отиум.

Од друга страна, лежењето на софа, опивањето до несвест и бесцелното губење време е она што го нарекувале нарка.

Нарка значи исклученост. Нарка е состојба во која стануваме затапени и оддалечени од светот околу нас. И, како што веројатно погодувате, ова е зборот од кој потекнува зборот „наркотици“.

Отиум е раст, нарка е стагнација.

Значи, како можеме подобро да го искористиме нашето слободно време? Суџунг Ким Пенг го поставува прашањето на кое има многу одговори, но дали секој од нив навистина го донесува посакуваното подобрување?

Исцрпени сме

Нарка, затапеност или опиеност, е привлечна. Спротивно на тоа, слободното време, во значењето на отиум, бара активност. Бара да излезете од дома, да прошетате неколку километри, да се дружите. Секако, тие напори се мали, но сепак поголеми од она што Нетфликс го бара од вас – коментира Суџунг Ким Пенг.

Живееме во свет што премногу често ја слави и продава нарка. Вегетирањето стана норма, а сè друго се гледа како „премногу труд“ – тврдат критичарите на новата економска ера. Во својата книга Одмор: Зошто правите повеќе кога работите помалку? (Rest: Why You Get More Done When You Work Less) Суџунг Ким Пенг забележува две појави во современиот свет.

„Првата е дека сме исцрпени. Едвај имаме вистинско „слободно“ или „време за безделничење“. Неколкуте часа навечер или двата дена викенд, најчесто ги поминуваме занимавајќи се со секојдневното преживување – со оброци, перење, заспивање на децата или пак сме целосно исцрпени, залегнати на софата со далечинскиот управувач во рака.

Глобалната економија е осмислена така што бара сè поголем и поголем дел од нашето време. И тие барања ги прави неизбежни и безизлезни“ – забележува Суџунг Ким Пенг.

Економија на вниманието

Второто нешто на кое укажува Суџунг Ким Пенг е подемот на економијата на вниманието, во која компаниите сфатиле дека можат да заработуваат огромни суми пари трошејќи ни го времето. Како?

„Така што го заробуваат, комерцијализираат и препродаваат нашето внимание. Со други зборови, постои суптилен, подмолен притисок да се фокусираме само на одредени нешта.

Францускиот филозоф Жак Рансиер рече дека моќта често се изразува така што ги присилува луѓето да обрнуваат внимание само на одредени нешта.

На што треба да гледаме? На што да го посветиме нашето време? Денес сè почесто ни се порачува: гледајте го само она што носи профит – тоа се сериите, инфлуенсерите, „Амазоните“. Не мораш да станеш од софата, бидејќи што ќе видиш надвор што веќе не го гледаш на екранот?“ – пишува Суџунг Ким Пенг.

Да се работи на самиот живот

Решение за двата проблеми е, секако, преиспитувањето.

Како се гледате себеси?

„Тоа е темелно и искрено размислување за она што сметате дека е смисла на животот. Како што вели старата изрека: дали работиме за да живееме, или живееме за да работиме?

Животот не е само пауза за опоравување помеѓу два работни дена“ – заклучува авторот и тврди дека луѓето мора да престанат „одморот“ да го гледаат како „не-работа“. Всушност, отиум, во старогрчка смисла, може дури и да бара повеќе „работа“ од вашето работно време од девет до пет. Слободното време треба да почнеме да го гледаме како работа на самиот живот.

Тоа е проект од страст, без награда.

Тоа е помош на пријател без потреба за пофалба.

Тоа е пишување, сликање, изразување без никакво очекување за паричен надомест.

Нè учат да мислиме дека, ако нешто не носи моментална корист, тоа нема вредност.

Но, идеите што му даваат смисла на нашиот живот не се нешта што ќе ги откриеме на табла или тастатура. Ним им е потребен простор, време да растат и сами да се откријат“ – пишува Суџунг Ким Пенг.

Човечки суштества и економски единици

Нарка секогаш ќе нè привлекува, би рекле авторот и неговите истомисленици. Но, среќата и смислата не се наоѓаат на софата.

„Ние сме прво човечки суштества, а економски единици станавме дури неодамна. Како луѓе, ни е потребно да бидеме вклучени во светот и да бидеме активни. Имаме и емоционални и интелектуални потреби што не можат да се задоволат со залудно потрошен викенд. Во нас постои немирна енергија што сака да се изрази во светот. Таа прошетка речиси секогаш ќе ве направи посреќни.

Садењето цвеќе речиси сигурно ќе ви го подобри расположението.

Средбата со пријателите, без разлика што ќе правите, речиси секогаш ќе ве исполни“ – е еден од коментарите и потсетувањата на советникот и мајсторот за слободно време, Суџунг Ким Пенг.

Слики: Moonassi

Извор: https://bonitet.com/

ОкоБоли главаВицФото