1017 hPa
27 %

28 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 18:59
Ова е една кратка вест, всушност известување. Откако ќе ја прочитате, застанете и размислете. Како е можно? Каде води сето ова? Каков свет се создава? Дали овој тренд е воопшто одржлив?
Оксфам, невладина организација што се бори против сиромаштијата е меѓународна конфедерација на невладини здруженија со партнери во седумдесетина земји низ светот, објави шокантна вест дека последниве десет години богатството на еден процент од најбогатите во светот се зголемило за 42 илјади милијарди долари. Тие еден процент имаат повеќе отколку што има вкупно 95 проценти од светската популација, мерено одоздола.
Во 2024-тата година во светот имало околу 2 900 милијардери. Меѓу нив и остатокот се наоѓаат 4 проценти од остатокот на средната класа, и тоа горниот слој. Детална анализа на оваа ситуација може да се прочита во текстот на Џонатан Хинкли напишан во февруари годинава.
Ако овие 42 илјади милијарди ги ставиме во некој споредлив систем, да речеме дека вкупната помош на светот за Африка од 1960-тата година изнесувала 2,6 илјади милијарди долари. Или дека Европската Унија во наредните пет години планира да вложи 0,8 илјади милијарди евра во одбранбени системи.
Знаејќи во каков свет живееме, не треба да нè чуди тоа што дури и во рамки на најбогатиот еден процент нема „правда“. Најголемиот дел од богатството се наоѓа во рацете на тие 0,1 процент. Во рамки на оваа класа постои јасен интерес работите да можат да се менуваат, но само во нивна корист. Затоа стоеја зад Доналд Трамп при неговата инаугурација, давајќи му поддршка да им ги намали даноците, да ги ослаби или отстрани регулативите што им пречат, да ги смени законите во нивна полза и уште многу нешта за кои обичниот човек, како што е овој писател, нема поим.
Но, заради некоја ѓаволштина сепак се даваат подароци во вид на авиони вредни 400 милиони долари. За што, по ѓаволите, станува збор кога знаеме дека оној што го подарил тоа во рацете има огромни резерви на нафта и гас, и истовремено ги поддржува и Палестина и Хамас? А на оној што го прима подарокот му треба уште еден сојузник на Блискиот Исток, но истовремено постојано го вооружува Израел и му помага во етничкото чистење на Газа.
Една сосема нова студија, објавена во Nature Climate Change, наведува дека тие 10 проценти најбогати предизвикуваат две третини од климатските промени кои доведуваат до загревање на Земјата, според податоците од 1999-тата година до денес. Тие мултимилијардери најчесто се наоѓаат во САД и Кина. Истражувачите го мереле таканаречениот јаглероден отпечаток на поединечни мултимилијардери, земајќи предвид како заработуваат и на што трошат пари.
Стравувам дека оваа студија воопшто нема да влијае на зголемување на даноците за тие луѓе, за да можат пропорционално на својот јаглероден отпечаток да учествуваат во трошоците за намалување и запирање на глобалното затоплување. Како што видовме, се случува токму спротивното. Сега во САД се забрзуваат процесите по принципот на Остап Бендер: „Идеите се наши, бензинот ваш“. И не се замарајте со погодување, ова не е ребус. Ние сме тие што го плаќаме тој бензин.
Карикатури: Allan McDonald
Извор: https://www.portalnovosti.com/