1017 hPa
27 %

28 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 18:59
Сите сакаат уништување на Хамас. Дали има некој што е против? Екстремистите тоа го сакаат повеќе од ослободувањето на заложниците, умерените велат: прво да ги ослободиме киднапираните, па потоа ќе го уништиме Хамас. Оваа илузија мора да се разобличи: уништувањето на Хамас значи бришење на целиот народ или барем на сите мажи во Газа. Тоа е геноцид под маската на пристојноста. Иако на прв поглед изгледа како легитимна цел, особено по 7-ми октомври, невозможно е да се постигне без уништување на цела Газа. Затоа, уништувањето на Хамас е злосторничка цел. Сѐ додека трае окупацијата, таа цел никогаш нема да биде постигната. Дури и ако отпорот не се вика „Хамас“, тој постојано ќе се обновува, а Израел ќе го задушува.
Под маската на уништувањето на Хамас во моментов се одвива масовно масакрирање мажи во Газа за кое малку се зборува. Малкумина совесни Израелци и светската јавност се фокусирани на масакрот на жени и деца кои се убиваат во апокалиптични размери. Освен израелските фашисти во Кнесетот и надвор од него – кои не се малку – никој не е рамнодушен на глетките со мртви деца во Газа. Но, исклучивиот фокус на светската јавност на деца и жени индиректно го легитимира масакрот на мажите. Како да тие не се невини.
Невозможно е да се уништи Хамас без убивање мажи и момчиња во Газа. Загрозен е секој што моментално живее во Газа, особено ако има некакви приходи поврзани со Хамас. А под тиранската власт и поостојаната опсада од 19 месеци, секој медицински техничар во болница, сметководител во општина, возач во училиште, сообраќаен полицаец, редар на пазар или во градинка – на некој начин е поврзан со Хамас. Се разбира, дозволено е тиа да се ликвидираат исто како и борците на оваа организација. За нивната ликвидација е дозволено да се убијат илјадници луѓе и тоа да се смета како колатерална штета. Факт е дека оваа војна не се води помеѓу две армии, туку помеѓу една страшна војска и сили кои најдобро може да се опишат како босонога милиција. Израелските власти ги нарекуваат терористи, но во Израел тоа е флуиден поим. На Западниот Брег одамна е дозволено да се убие дете со камен во рака со тврдење дека е терорист.
Стотици илјади деца кои останаа сираци и жртви на војната, инвалиди, раселени, изгладнети и болни, како и нивните идни потомци, ќе сакаат да се приклучат на отпорот. Можеме да ги спречиме само ако ги убиеме сите. Цели генерации ќе бараат одмазда, со право, со Хамас или некое друго движење. Новите синови на смртта нема да ја читаат повелбата на Хамас и се сомневам дека ќе ги знаат исламските закони – тие ќе сакаат отпор. И илјадници ожалостени родители во Газа ќе сакаат да се приклучат во борбата против оние кои им ги убиле децата. И нив ќе треба да ги убиеме. Во најморалната војска на светот тоа се нарекува „косење на тревата“. А тревата се коси сѐ додека трае окупацијата.
Дали убивањето мажи и момчиња во Газа е помало злосторство од убивањето жени и деца? Се сомневам. Жените и децата симболизираат невиност и беспомошност, но за израелските сили во Газа нема невини, а сите се беспомошни. Нема веќе ниту невмешани, зашто во Газа нема човек што не е вмешан. Како е можно да не си вмешан по 19 месеци страв и терор, неселективно бомбардирање и злосторничко гранатирање? Раселено лице кое ќе се обиде да се врати во урнатините на својот дом ќе се смета за вмешано, исто како што бегалците од 1948-та година што се обиделе да се вратат биле сметани за инфилтратори, па и тие морале да бидат убиени. Мајката која ќе се обиде да ги заштити своите деца, исто така ќе се смета за вмешана, бабата која ќе се обиде да го спаси својот внук – исто. Да се убие таа и сите околу неа е вистинското значење на терминот уништување на Хамас.
Од Јаир Лапид до Бецалел Смотрич – целиот Израел сака токму тоа.
Карикатури: Matias Tejeda
Извор: https://www.haaretz.co.il/