Жирафа упорно тропа на портите на Европа (песни)

16.05.2025 13:59
Жирафа упорно тропа на портите на Европа (песни)

 

Полжав

Полжавот куќичката
на грб си ја носи
и кога сонце грее
и кога дождец роси;
во неа тој јаде и пие,
таму спие и таму се крие.
Моли да му се прости:
куќичката е мала, па не може
да ве покани на гости.


Школка

И бисерната школка
чувствува болка.
Бисерот во неа ја ранува
и многу тешко ѝ станува.
Ама таква е вистината:
од болка се раѓа убавината!


Бубамара

Една бубамара, доста стара,
нов фустан бара: „Правда нема,
некому се дава, некому се зема.
Додека други следеа мода
и менуваа гардероба,
јас пустиот живот
во еден точкест фустан го минав!“

 

 

Жирафа

Една жирафа упорно тропа
на портите на Европа.
Зошто чука и што бара тука?
Рече дека минала планини и води,
одлучна за Париз да оди.
Од некоја пријателка чула
за Ајфеловата кула,
и сега се радува како дете,
најпосле ќе дознае
која е повисока од нив двете.


Слон

Замислете, на сон еднаш сонив слон.
Сонот е сон, но слонот е слон,
тежок цел тон!
Можеби и два, да не ве лажам,
не го мерев за точно да кажам.
Во сонот со слонот
тој, слоницата и двете слончиња
седнаа крај маса, на столчиња.
Им дадов нешто да каснат,
мали се, си реков, треба да растат.
Беа пристојни, речиси совршени,
но сепак, штом се разбудив, проверив
столчињата да не се скршени.

 

 

Птици

Птиците во лет
од високо гледаат
на целиот свет.
Ги повикуваат дождовите
- да нема суши;
го придржуваат небото
- да не се сруши.
Слетуваат на покривите,
врз гранките на јаболките
и на сливите,
на црешата и крушата
- убаво им е во душата!
И тие се радуваат
- светот го разубавуваат.


И тоа е љубов

Фрлете им трошки на птиците
кога ќе слетаат на улиците.
И дома нежно да ги погалите мачките
и папагалите.
Во светот убавина царува,
љубовта кога се дарува!

 

Слики: Alice и Martin Provensen

Извор за песните: Димитар Алачки - Чудесен свет

Избор: П. В.

Димитар Алачки (76) е лекар од Струмица, афористичар, хуморист и поет за деца.

 

Слични содржини

Книжевност / Уметност
Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото