Строго неконтролирани возови

19.05.2025 01:08
Строго неконтролирани возови

Марк Твен во расказот „Скинете, браќа, скинете“ („Punch, Brothers, Punch“) опишал како некои стихови со својот ритам можат целосно да го обземат човекот и да го онеспособат да мисли на што било друго и да прави што било освен да ги врти во главата. Во многу слободен превод тие стихови гласат вака: „Кондуктеру, кога ќе го земеш билетот, скини го во присуство на патникот, синиот билет за осум центи, зелениот за шест центи и розевиот билет за три центи, скини го во присуство на патникот.“ Рефрен: „Скинете, браќа, скинете сè, скинете, скинете, платено е.“

Во расказот таа опседнатост се шири на сите што ќе ги слушнат овие стихови. Небаре погледот на авторот допрел до далечната иднина. Кој би помислил дека век и половина подоцна, претседателот на Соединетите Американски Држави ќе ја пренесе таа опседнатост во нашево време, иако во малку изменета форма: „Дупчи, душо, дупчи!“ („Drill, baby, drill!“). Таа песничка, наместо поништување патнички билети, би можела како последица да има поништување цели држави, региони, научни политики, универзитети, модерно образование, климатски политики и проекти, и сè друго што не се согласува со акумулирањето профит и конзервативните религиски светогледи.

Секако треба да се каже дека такви кондуктери има повеќе од еден и секој од нив од свои причини поништува билети за животите на оние кои му стојат на патот на нивниот воз. Или само мислат дека ќе им стојат на патот. Или едноставно мислат дека имаат право да газат по луѓе, особено по оние за кои веруваат дека се помалку вредни или дека го попречуваат напредокот на цивилизацијата.

Притоа, што е цивилизација — определуваат најсилните.

Да ја погледнеме малку состојбата на цивилизацијата во светот. Несомнено е дека како вид постигнавме огромен напредок во сите сегменти од животот. Хомо сапиенсот илјадници години живее сè подобро и подобро. На растот на населението се одговори со големо производство на храна, а бројот на гладни во проценти е сè помал. Бројот на неразвиени земји е сè помал. Технолошкиот напредок е огромен. Електронските мрежи стигнаа до сите краишта на Земјата. Околу Земјата кружат илјадници сателити, во длабоката вселена испративме летала и телескопи. Луѓе и стоки патуваат низ целиот свет. Нема повеќе скриен агол што не може да се најде преку интернет пребарувачи.

Таквата идилична слика ја расипува само еден мал детал: заблудата на кондуктерите дека ќе можат да ги контролираат своите возови кога ќе дојде до судир. Веќе ги има, но најстрашното оружје сè уште не е употребено, иако сè почесто се спомнува како опција.

Ако дојде до употреба на нуклеарно оружје, ќе биде речиси невозможно да се запре катаклизмата. Од нас најверојатно ќе останат само телескопите во вселената и можеби некој центар на вештачка интелигенција закопан длабоко под земја. Обично се вели дека разумот сепак ќе надвладее. Јас повеќе се потпирам на стравот, бидејќи го има далеку повеќе од разумот — барем во главите на оние кои носат одлуки во меѓународните односи. Тогаш нека бидат стравот и разумот, или и двете, но важно е да се спасиме од нуклеарна војна.

Има ли уште нешто лошо пред нашите врати? Се разбира дека има, и тоа многу.

Нашата планета е во мошне лоша состојба. Сè уште се наоѓа во процес на излегување од ледена доба од една страна, и огромно зголемување на концентрацијата на стакленички гасови од друга страна. И двата фактори придонесуваат за пораст на просечната температура на Земјата. За вториов фактор, кој веќе го знаат и врапчињата на покривот — но некои од поголемите грабливци не веруваат — најзначително придонесува човечката активност.

Накратко, атмосферата на Земјата низ милениумите била во рамнотежа со оглед на енергијата што ја прима од Сонцето и емисијата на топлина назад во вселената. Човечката активност ја наруши таа рамнотежа со согорување огромни количини на нафта, јаглен и гас, во многу краток период од околу 150 години.

Зголемувањето на температурата на Земјата доведува, меѓу другото, и до намалување на снежната покривка и топење на глечерите. На пример, Арктикот во просек годишно губи 73 илјади квадратни километри мраз во лето и 31 илјада во зима, мерено од 1979-тата година. Глечерите на европските Алпи во просек изгубиле 24 метри дебелина во периодот од 1979-тата до 2017-тата година. Посебна приказна е Гренланд — огромен резервоар на мраз и затоа глобално многу значаен. Тој во период од само 13 години (од 2010-тата до 2023-тата) изгубил речиси 2.500 кубни километри мраз. Американската Агенција за океани и атмосфера, иако под силен притисок од новата влада, го следи однесувањето на мразот на Гренланд и редовно објавува дека тоа подрачје постојано губи ледена маса од 1998-та година.

Глечерите и снежните површини се многу важни како рефлектори на сончевото зрачење (т.н. албедо ефект). Покрај тоа, тие се и термичка изолација и извор на влага за почвата. Како што се намалуваат тие површини, така сè повеќе се нарушува енергетската рамнотежа на Земјата — во корист на загревањето, поради намалената рефлексија. Поплавите кои стануваат сè почести и поинтензивни, како и порастот на нивото на морето, директно се поврзани со овие процеси. Освен тоа, нерамнотежата доведува и до појава на долготрајни суши кои потоа силно влијаат на земјоделството речиси на сите делови од планетата.

Околу четири милиони квадратни километри земјиште годишно се загрозени и потенцијално можат да се претворат во пустина, а 120 илјади квадратни километри навистина стануваат пустина. Уништувањето на тропските шуми, зголемениот број огромни шумски пожари, огромните монокултурни земјоделски површини, како и сè поголемото ширење на градовите, автопатите и генерално — бетонизацијата на човечките населби — сè повеќе ја загрозуваат способноста на Земјата да остане зелено-сина планета.

Што да се преземе? Одговорот секако не лежи во состаноците на лидерите на државите, бидејќи освен јаглеродниот отпечаток од нивните авиони, нема други резултати — ако ги занемариме мртвите букви на хартија. Зошто не се оживотворуваат заклучоците од тие состаноци кои се темелат на сериозни и проверливи научни податоци?

Мислам дека одговорот лежи во тоа што никому не му е во интерес да преземе еднострани мерки кои долгорочно носат корист — не нужно финансиска — но краткорочно може да доведат до намалување на животниот стандард на населението, па со тоа и до загуба на изборите во следниот изборен циклус.

Глобален пристап во сегашната состојба на меѓународните односи не е можен. Напротив, војните што се водат, како и подготовките за можни нови конфликти, целосно ги засенија проблемите со климатските промени. Европската унија се подготвува да вложи енормни средства во вооружување и на тој начин да ја насочи својата индустрија кон воена продукција. Тоа веќе го направија Русија, Кина и САД. Секако, последниве ќе бидат најголемиот добитник од новата европска политика.

Во позадина на геополитичките политики, маневри и приказни остануваат десетици илјади убиени луѓе. Некои се вооружени, па ги нарекуваме војници, а други се без оружје и сосема немоќни пред сè поефикасните средства за убивање и уништување, како што се гледа во Украина. Најдрастичен пример за тоа е Газа, каде секојдневно се убиваат десетици деца и возрасни. Како што стојат работите во моментов, околу два милиони луѓе се оставени без речиси никаква хуманитарна помош и здравствена грижа и бегаат од едниот крај на Газа до другиот, додека нивниот свет се распаѓа околу нив.

А светот? Гледа — и главно молчи.

Фотографии: Zed Nelson

Извор: https://www.portalnovosti.com/