Советот на Европа усвои Конвенција за заштита на животната средина преку кривичното право

20.05.2025 00:28
Советот на Европа усвои Конвенција за заштита на животната средина преку кривичното право

Советот на Европа направи клучен чекор кон зајакнување на заштитата на животната средина: во средата, на 14-ти мај, на состанокот на Комитетот на министри во Луксембург, беше усвоена првата меѓународна Конвенција за заштита на животната средина преку кривичното право, која овозможува поефикасна правна реакција на сериозни еколошки престапи, вклучително и оние што ги надминуваат државните граници.

Како што се наведува во соопштението, овој правно обврзувачки договор е замислен како одговор на „тројната планетарна криза“ – климатските промени, загадувањето и губењето на биодиверзитетот.

Конвенцијата претставува темел на новата ера во борбата за зачувување на нашата планета преку кривичното право и на државите им нуди моќна правна рамка за спречување потешки кривични дела против животната средина, кои во минатото често поминувале неказнето или недоволно процесирано.

Самата конвенција, донесена со консензус, изминатите две години ја развиваа експерти и засегнати страни од 46 членки на Советот на Европа, со придонес на Европската Унија, Обединетите нации и Интерпол, но и на граѓанското општество.

Криминализирани се широк спектар прекршоци против животната средина, вклучувајќи нелегално загадување, управување со опасен отпад, трговија со нелегална сеча на дрва и уништување на заштитени живеалишта. Ова им овозможува на државите да ги гонат сторителите што довеле до еколошки катастрофи од ранг на екоцид.

Конвенцијата исто така воведува механизам за следење за да се обезбеди ефикасна примена и одговорност. Сето тоа со идеја дека уништувањето на животната средина не е само политички неуспех, туку може да биде и кривично дело што бара силни правни алатки и меѓународна соработка.

„Оваа Конвенција ги менува правилата на игра за заштита на животната средина“, порача генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.

„Таа директно се соочува со денешните итни еколошки закани и ја користи силата на кривичното правосудство за да ја брани нашата планета. Конвенцијата е еден од столбовите на нашата нова Стратегија за животната средина, а заедно претставуваат храбар исчекор, поврзувајќи ја заштитата на животната средина со човековите права, демократијата и владеењето на правото.“

Покрај новата Конвенција, Комитетот на министри усвои и нова долгорочна Стратегија за животната средина, замислена за растечката еколошка криза да се третира низ призмата на човековите права, демократското управување и владеењето на правото.

Сепак, без оглед на овие поместувања, експертите за еколошко право сметаат дека Советот на Европа ја пропуштил шансата правно да го заштити правото на чиста, здрава и одржлива животна средина во Европа.

„Срамно е што Европа, во 2025-тата година, сè уште нема правно признато право на здрава животна средина како основно човеково право“, оцени Себастиен Дајк, виш правник во Центарот за меѓународно еколошко право (CIEL).

Според него, Швајцарија и Норвешка биле предводници на спротивставувањето на признавањето на правото на животна средина, и покрај сè поголемите докази за разорните последици од еколошките штети.

Дајк верува дека Советот на Европа мора без одлагање да започне преговори за протокол за заштита на ова право во рамки на Европската конвенција за човекови права.

„Еколошкото уништување има жртви – вистински луѓе кои трпат реална штета – и додека нивните права не бидат заштитени и правдата не биде задоволена, граѓанското општество нема да се откаже.“

Слики: Pejac

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото