1018 hPa
30 %

26 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 19:59
„Кобајаши Мару“, Анде Јанков, „Антолог“
Низ канцеларијата на Виктор на горниот кат од полициската станица на улица „Пролет“, ечеше иритирачкиот звук на песната 1 март.Виктор имаше некоја чудна навика да слуша радио кога беше сам во својата канцеларија; претпоставуваше дека звуците од радиоприемникот му помагаа во работењето на сивата мозочна маса. Овој пат, пак, штом го слушна синглот којшто македонските радиостаници секоја година не пропуштаа да го пуштат во етер точно на овој датум, побрза да го исклучи линкот на пребарувачот на којшто се емитуваше радиофреквенцијата преку интернет-врска. Следно, во неговата канцеларија зачекорија Сузана и Јован, наттрчувајќи се еден со друг, во обид кој попрво би дошол со новости од истрагата.
„Колеги, што имате за мене?“ Виктор се навали назад во својот стол и дискретно погледна кон рачниот часовник.Се присети веднаш по разговорот да појде кај Дејан, за да се најави дека денес малку порано би излегол од работа.
„Предмалку се слушнав со колегите од гостиварско ОВР. Завршиле со проверка на околните жители во непосредна близина на хотелот. Една повозрасна госпоѓа изјавила дека забележала како една жена со горе–долу сличен опис како Петра, стоела точно на крајот од угорницата каде што патот се симнува надолу за хотелов и чекала, попладнето околу шест.“
„И?“ веѓите на Виктор скокнаа нагоре, во исчекување на она што требаше да следува.
„Изјавила дека една поголема кола, најверојатно некаков џип, застанала на патот покрај неа. Сега, женава стоела на терасата на својата викендица од другата страна на патот и според колегите од Гостивар, се повлекла назад во куќата за кратко време.Знам дека не е многу... но е некаков почеток.“ Јован ги стави дланките на двата колка, откривајќи го малку поголемиот стомак.
„Одлично... Прво ќе ги исконтактираш сите такси компании во регионот. Доколку чекала сама покрај патот горе, најверојатно повикала такси за да ја врати назад до Гостивар. Диспечерите ги чуваат информациите од дојдовните повици во своите системи. Во најлош случај, ќе добиеме точна временска рамка во којашто таа требало да замине од таму. И второ, со Дејан проверете за преглед на камерите на сите патарини на патот Скопје - Маврово. Доколку жената мисли дека видела некаков џип, ќе ги провериме сите теренски возила, едно по едно, доколку мора. Сузе?“
„Вака значи... Ги чекаме податоците од телефонскиот оператор, за повиците кои биле извршени помеѓу Темелко и сите останати броеви во пресрет на неговото убиство. Им го дадов твојот мобилен број, така што очекувај информација до крајот на денов“.
„Фала ти. Само тоа?“ Виктор стана и го зеде палтото закачено на столот позади себе.
„Не, еве го најдобриот дел. Го добивме куршумот со којшто е извршено убиството. Цела среќа не завршил во тврд ѕид, па е релативно неоштетен. Понеделник на крим –техника ќе почнеме со дополнителна анализа на истиот. Е сега, ваша задача...“ Сузана прошара со прстот преку двајцата колеги, „...е да ми најдете сомнително оружје, за да имам со што да ја споредам пронајдената чаура.“
„Договорено, Сузе. А сега, морам да ве напуштам порано денес. Одам до кај Дејан, а по тоа ќе ве најавам и вас двајцата, во ред?“
Двајцата виши инспектори кимнаа со главите и продолжија по Виктор надвор од канцеларијата. За цело време додека го следеа низ одделот, овој оставаше впечаток дека
многу му се брза, што подоцна се покажа и како точно, кога по само неколку минути поминати во канцеларијата на началникот, тој бргу ја напушти полициската станица, одвезувајќи се со службеното возило подлабоко во центарот на градот.
***
„Недостиг“, Симеон Јанков, „Или Или“
Дури и откако се вративме заедно со спомените од преостанатите убави денови од нашата доцна пролет во Пула, не можев потполно да се ослободам од неспокојот за тоа што можеше да му се случи таму на нашето дете и покрај тоа што и вториот преглед на кој,за секој случај, ја одвезов два дена по враќањето, покажа дека и Зорица и бебето се во најдобар ред. Продолжи да ме јаде некоја веќе неодредена грижа на совеста што уште не ја кинеше врската со Пула и се однесувашe на нешто што сум можел, но сум превидел да го сторам. Во мене полека се вгнездуваше недоволно опиплив страв, за кој си признавав дека можеби е сосема нерационален, но не сакав ништо да ѝ препуштам на случајноста, ниту да оставам и најмал простор за грешка што настанала поради некаква небрежност од моја страна. Една вечер, кога таа си легна порано, отидов во другата соба да завршам некои работни обврски. Откако тоа совесно го сторив, почнав да пребарувам на интернет, решен да најдам барем уште една работа што дотогаш ми немаше поминато низ глава. „Како досега не помислив на јогата?“, се зачудив и почнав внимателно да читам за придобивките што трудниците ги стекнуваат од неа. Според една прилично релеватна медицинска интернет–страница, јогата имаше значителен удел во при олеснувањето на тешкотиите, постепено го подготвуваше телото за породување и беше безбедна дури и за доцниот стадиум, кон кој се приближуваше телото на Зорица. Посебен нагласок беше ставен на релаксирањето на телото и воспоставувањето рамнотежа во однос на расположението и постигнување смирена, стабилна состојба на умот. Значителен дел од позите беа безбедни и за трудници за кои породувањето може да започне практично секој миг, со исклучок на оние што вршеа притисок на стомакот и некои покомплицирани вежби што би можеле да доведат до губење на рамнотежaта и паѓање. Тогаш се сетив на Тина, мојата колешка од факултет, која веќе со години имаше свој мал јога-клуб во кој даваше часови како сертифицирана инструкторка. Никогаш не бевме посебно блиски, но односот ни беше секогаш коректен и другарски. Ѝ се јавив утредента да ја прашам, а таа почна да ме уверува дека бременоста значително ќе ѝ биде олеснета со соодветни вежби приспособени за трудници, што едновремено ќе бидат и лесни и многу полезни и воопшто нема да го оптоваруваат нејзиниот организам. Му се јавив и на акушерот, кој ни даде зелено светло. Првите неколку минути, Зорица малку се колебаше, но одлучи да ме послуша и кога отидов да ја земам со кола по завршувањето на часот, излезе со уморна насмевка и цврсто ме прегрна шепотејќи ми дека и покрај заморот, низ телото ѝ струи некоја пријатна енергија што прави да се чувствува освежено и опуштено. Утредента се пожали на болки во ‘рбетот, мускулите низ целото тело, карлицата и чудно „здрвување“ на газот, но призна дека уште пред вежбањето, Тина ѝ напоменала дека на почетниците редовно им се случуваат такви и слични работи и многу скоро ќе привикне. Одеше два пати неделно, вежбите сосе медитацијата траеја нешто помалку од еден час, придобивките од тоа набргу станаа очигледни, а таму поминатото време беше сепак мало за да се одрази на нашата рутина, која и онака малку се менуваше додека стомачето ѝ растеше. Клубот се наоѓаше на вториот кат од една мала деловна зграда на неполн километар од дома и, освен првите два пати, Зорица одеше и си се враќаше пешки држејќи се до советот на Тина – дека така ќе има уште повеќе време да се опушти, да си ги среди мислите и што подолго да остане во пронајдениот внатрешниот мир. „Зар кај мене не го наоѓа тој внатрешен мир?“, се задумав безгласно, но речиси веднаш моите мисли запловија во мирни води, додека пред очи ми поминуваа сите нејзини промени на подобро. Морам да бидам поемпатичен и уште повеќе да се ставам во нејзина кожа, си реков, како што неодамна ми рече Тина. Една од најолеснителните работи, и за неа и за мене, беше тоа што банката во која веќе три години работеше како службеничка, што соодветствуваше со нејзината диплома од Економски, се наоѓаше во нашата населба, на нешто повеќе од триста метри од нашиот дом. Тоа беше особено важно зашто таа немаше да мора да се малтретира патувајќи со кола или автобус во некои други делови од градот. Меѓутоа, часовите по јога донесоа една голема придобивка што никој не можеше да ја предвиди. Зорица таму се запозна со Елена опишувајќи ја како височка зеленоока девојка на нејзина возраст, која со дечкото, некојси Милан, живееше во некој стан во друга населба на околу три километри од нас.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.