Афоризми од Карл Краус

17.03.2011 11:32
Афоризми од Карл Краус

ЗА ЖЕНАТА

За да стигне до совршенство и’ фалеше само еден недостаток.

Жената која не може да биде грда не е ни убава.

Има жени кои не се убави, туку само така изгледаат.

Козметиката е наука за космосот на жената.

Жените барем имаат тоалети. Со што ли мажите ја покриваат својата празнотија.

Жената е како вода врз таблета. Ја влечеме со прстот каде што сакаме, а таа не остава никаква трага таму каде што била. Тоа може да биде најубав спомен.

ЗА УМЕТНИКОТ

Тешко му на она време во кое уметноста не ја прави земјата несигурна, а од бездната што уметникот го дели од човека кога му станува лошо на уметникот, а не на човекот.

Кога уметникот прави отстапки, не постигнува повеќе од патникот којшто во странство со лошиот германски се обидува да биде поразбирлив.

Уметноста животот го доведува во неред. Поетите на човештвото секогаш одново го воспоставуваат хаосот.

Уметноста е она што станува свет, а не она што светот е.

Мислата е она што на баналноста и’ недостасува за мисла.

Мојот респект пред незначителностите прераснува во гигантско.

Уметникот треба да доживува повеќе? Тој доживува повеќе!

За да можам да пишувам, морам да побегнам од надворешните настани. Суфлерот е доволно гласен во мојата соба.

Кому му требаат настани од голем формат, сигурно ќе го преплават. Водам титански битки со запирките.

Мојот јазик е белосветска курва која јас ја претворам во девица.

Не дозволувам да ме попречуваат во обликувањето на она што ме попречува во обликувањето.

НОВИНАРСТВО

Берберот раскажува новости баш кога треба да стриже. Новинарот е духовит баш тогаш кога треба да кажува новости. Тоа се двајца што стремат да бидат истурени.

Она што нема да го докрајчи сифилисот, ќе биде опустошено од печатот. Со омекнувањето на мозокот во иднина причината сигурно нема да може да се утврди.

Веќе немам соработници. Им завидував. Тие ми ги одбиваат читателите коишто и самиот сакам да ги изгубам.

Јас и секојдневниот печат: се однесуваме како дождот и пиштолчето на вода. Тоа е прецизно и отстранливо.

Кога содржината на моите глоси би била полемиката, верувањето дека можам да ја десеткувам масата на малецките би морало да ме одведе во лудница.

Сатирата е далеку од целокупното непријателство и значи добронамерност кон идеалната севкупност до која допира не против, туку преку реалните поединци.

Финците велат: Без нас не ќе имаше шунка!
Новинарите велат: Без нас ќе немаше култура!
Црвите велат: Без нас не ќе имаше трупови!

Да се нема мисла и да може таа да се изрази - тоа е новинар.

Новинарите пишуваат зашто немаат што да речат, а имаат што да речат зошто пишуваат.

Сликарот има нешто заедничко со молерот зашто и тој ги валка рацете. Токму тоа го разликува писателот од новинарот.

Селските бербери имаат јаболко што го буткаат в уста на секој селанец што доаѓа на бричење. Весниците имаат фељтон.

ЗА ЈАЗИКОТ

Јазикот е мајка, а не слугинка на мислата.

Во мене се буни самиот јазик, носителот на најбунтовната животна содржина, против таа содржина. Јазикот се руга самиот од себе, крешти и се тресе од гнасење. Јазикот и животот се влечат за коса сè додека не се искубат, а крајот е неартикулиран метеж, вистинскиот стил на времево.

***

Кој својата кожа ја носел на пазар, има повеќе право на осетливост од оној што таму пазарувал фустан.

Ќе имаше повеќе недолжност на светот кога луѓето ќе беа одговорни за сето она за што се немоќни.

Светската болка е костоболка на духот. Барем ја чувствуваме кога доаѓа лошото време.

Кога некоја култура ќе осети дека и’ се ближи крајот, бара да и’ викнат свештеник.

Она што другиот не го знае, јас диктаторски го одлучувам. Но, радо го прашувам за она што го знам.

Слабакот се сомнева пред одлуката. А јаките потоа.

Добро е многу од работите да ги сметаме за безначајни, а сите нив да ги сметаме за значајни.

Зборувам за себе, а мислам на стварта. Зборуваат за стварта, а мислат на себе.

Тоа е баш малер, покрај секој мангуп нешто да ми падне на ум. Но, јас верувам дека тоа секогаш се однесува на некој отсутен крал.

Маката не ми допушта избор. Па сепак ја избирам маката.

Интимно тежнеам кон онаа душевна кондиција во која, слободен од сета одговорност, глупоста на светот ќе ја осетам како судбина.

Животот е напор кој ќе беше подостоен за некоја подобра ствар.

На потребата за осаменост не и’ е доволно сам да седиш на маса. Наоколу мора да бидат и празните столови. Кога келнерот ќе ми грабне еден таков стол на којшто не седи никој, чувствувам празнина и се буди мојата дружељубива природа. Не можам да живеам без слободни столови.

Во текот на неделата можно е да се криеш од светот. Постои, меѓутоа, продорното чувство на неделата кому не можеме да му избегаме во некоја подрумска дупка, не врв на рид, па дури ни во лифт.

Можеби би требале, стравувајќи во стрелачкиот вод на граѓанскиот живот, да побараме шанса за да дезертираме во војна?

Сите звуци на временскоста како да се заробени со мојот стил. Тоа го прави фрустрантен за моите современици. Но подоцнежните нека го држат на уво како школка во која музицира океанот на калта.

На малите им е поважно некој своето дело да не го смета за големо, отколку тоа да е големо.

Грдоста на сегашноста има ретроактивна сила.

Малите станици се мошне горди на тоа што брзите возови мораат да поминат крај нив.

Привидот на длабочина често настанува со тоа што глупиот воедно е и смотаница.

Кога прочитав како имитаторот го пофалил оригиналот, ми беше како медузата да дошла на копно за пофално да се изрази за живеењето во океан.

Во државата постојат персони за коишто не се знае ништо друго освен дека не смеат да бидат навредени.

Ако веќе треба да се верува во нешто што не се гледа, сепак на чудата би им дал предимство во однос на бакцилите.

Што се однесува до целта, единствени сме. И јас во срцето ја носам рајската градина и решително и’ давам предност во однос на Фридрихштрасе, но не знам никаков друг пат за да стигнам дотаму.

Можеби ќе беше подобро луѓето да добиеја кучешки корпи за муцките, а кучињата закони; и луѓето да беа водени на ланец, а кучињата со религија. Кучешкото беснило тогаш ќе се намалуваше во иста мера со политиката.

Најголемото од сите зла е присилата на надворешните животни нешта кои би требало да послужат за внатрешната сила да се распрчка токму таа сила.

Сиот живот во државата и општеството е поставен врз премолчаната претпоставка дека човекот не мисли. Главата која во секоја положба не претставува приемлива шуплина тешко успева во светот.

Кај шовинизмот не е толку несимпатична одбивноста спрема туѓите нации, колку љубовта спрема сопствениот народ.

Разговорите на бербер се најнесоборлив доказ за тоа дека главите постојат заради косата.

Разликата меѓу психијатарот и другите со пореметен ум - тоа приближно е однос меѓу конвексната и конкавната лудост.

Вистински мангуп е оној којшто никогаш нема да ги направи злоделата што му ги припишуваат; половичен е оној кому никогаш не му се припишуваат злоделата што ги прави.

Да не беше политиката, граѓанинот ќе го имаше само својот внатрешен живот. Ништо, значи, што би можело да го исполни.

Тајната на агитаторот е во тоа да се прави исто толку глупав какви што се слушателите, за тие да поверуваат дека и самите се подеднакво умни како него.

Карл Краус (1874-1936) е австриски писател и новинар, попознат како сатиричар, есеист, афористичар, драматург и поет. Се смета за еден од најоригиналните сатиричари од германското говорно подрачје на 20-от век, посебно поради неговите критики кон печатот, германската култура и германско-австриската политика.

Превод: Пандалф Вулкански

Слики: Гери Бејсмен

ОкоБоли главаВицФото