1018 hPa
30 %

26 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 19:59
Замислете дека некоја конзервативна партија сака да се придвижи кон политичкиот центар, но стравува дека притоа може да го изгуби своето десно крило. Еден начин да се реши тој проблем би бил за претседател на партијата да се избере некој трговец со вино, сопственик на мал имот во Абердиншир, кој носи најфин твид во Вестминстер и постојано се залага за традиционалните вредности. Почитуван поради своите отмености, шарените елеци и љубовта кон Елизабетската лејта, тој би бил жив симбол дека партијата ги задржала своите корени во традицијата токму во моментот кога се обидува да се ослободи од сè што била претходно.
Лабуристички еквивалент на таква личност е Џон Прескот, човек кој ги поддржа незаконската инвазија на Ирак и врзувањето на рацете на синдикатите, но тоа го правеше со јоркширски акцент, што автоматски го сместуваше меѓу народот. Возеше јагуар и беше многу чувствителен на својот статус, но кому му е гајле кога можеше да испие пинта горко пиво на екс? Британците сакаат господа, но уште повеќе сакаат шарени ликови, а Прескот дефинитивно беше еден од нив. Директен, борбен и непопустлив, ја добиваше симпатијата на оние Британци кои одбиваа да бидат што било друго освен она што се.
Англискиот индивидуализам многу се разликува од американскиот. Индивидуализмот во САД е прашање на напор и сила, освојување и доминација, проширување на сопствената моќ и покорување на туѓата волја. Во Англија, индивидуализмот повеќе се однесува на симпатичната ексцентричност, на упорноста во своето и тивко пркосење на општествените конвенции. Индивидуалистите во англиската култура не го испишуваат своето име со неонски букви на солитери, туку стојат во паб со папагал на рамото (познавав еден професор од Оксфорд кој го правеше токму тоа). Тие учествуваат во лондонскиот маратон маскирани како машини за перење или спијат во кревет со шимпанзо. Тие чудаци ни се драги зашто посредно ја исполнуваат нашата желба да ги отфрлиме општествените норми; го прават тоа наместо нас бидејќи сме премногу срамежливи. Поради тоа многу гласачи се загреаја за Борис Џонсон, уште еден политички кловн. Затоа ги сакаме и малите деца, кои не се способни да ги почитуваат општествените конвенции и кои се, безобразно и спонтано, само тоа што се. Модерната мантра „Сакам да бидам свој“ е привлечна зашто во светот на слики и фантазии, многу луѓе чувствуваат дека не можат да бидат тоа или дека немаат доволно јасен идентитет. Од друга страна, и Садам Хусеин сакаше да биде тоа што е, но на некои тоа не им се допаѓаше.
Политичката елита им дозволува многу на ваквите идосинкретични личности и со надмоќна насмевка ги пречекува нивните лудории зашто знае дека во суштина се безопасни. Дворскиот шут може да го удира кралот по глава со кеса полна со сув грашок, но дворскиот шут е платен да го прави токму тоа. Како што вели Шекспир во „Богојавленска ноќ“, овластениот шут не може да наштети. Улогата на Прескот беше да му прави димна завеса на Блер. Додека Блер и неговите пријатели ги повикуваа богатите да станат уште побогати, благодарение на грубијанот од Хал и неговиот суров, приземен, синтаксички хаотичен стил, таквите стратегии не звучеа ништо помалку автентично, ништо помалку социјалистички од она што го зборуваше Кир Харди. Како да беше суштество од работничката класа, која брзо изумираше, некако чудесно преживеано до модерното време — како момче-волк во густа шума.
Прескот беше уникат, осамен плебеец среде толпа дотерани ученици од приватни училишта, и токму како таков (што е мошне иронично) му даде веродостојност на либералниот мит на средната класа според кој работничката класа речиси и да исчезнала. Згора на тоа, не само работничката класа, туку и општествената класа воопшто. Неформалното облекување и опуштеното другарување во модерната канцеларија, каде вработените му се обраќаат на шефот со прекар, се дел од децентрализираниот, мрежен, тимски ориентиран, информиран капитализам со откопчана јака, мошне оддалечен од старите општествени хиерархии и исклучувања. Сепак, левичарите не се особено загрижени дали директорот доаѓа на работа во патики. Повеќе ги загрижува фактот дека капиталот денес е концентриран во помалку раце од кога било досега (како што предвиде Комунистичкиот манифест), додека на глобално ниво расте бројот на екстремно сиромашни и осиромашени. Класата зборува за приватната сопственост и моќта, а не за акцентот. Далеку од тоа дека класата е застарен поим што левицата го одржува во живот; класата е сурова реалност на секојдневниот живот за поголемиот дел од населението во светот. Факти како тоа дека на Итон учат како да мрморат или дека на европската аристократија ѝ е чест да биде во друштво со Мик Џегер, очигледно не успеале да го укинат класното општество.
На глобално ниво, ништо не е подалеку од вистината од тврдењето дека класата не е важна. Повеќето огромни градови на јужната хемисфера се состојат од смрдливи, заразни и пренатрупани сиромашни населби; нивните жители се една третина од светската популација. Пошироко гледано, урбаната сиромаштија сочинува барем половина од светското население. Покрај производителите на евтина облека и повремено вработените, тука се и уличните продавачи, измамници, сексуални работници, туркачи на рикши — што значи огромен слој невработени или повремено вработени работници. Таа општествена група е најбрзо растечка на нашата планета. Во Латинска Америка, неформалната економија денес вработува повеќе од половина од работната сила.
Првобитниот пролетаријат не беше машката индустриска работничка класа. Тоа беа жените од пониската класа во античките општества. Зборот „пролетаријат“ е изведен од латинскиот збор за раѓање потомство, односно за оние кои биле премногу сиромашни за да ѝ служат на државата на кој било друг начин освен преку создавање потенцијална работна сила од сопствената утроба. Тие не биле во состојба да создадат ништо освен плодови од сопственото тело. Денес, во ера на фабрики со ропски услови за работа во Третиот свет и земјоделски труд, типичниот пролетер сè уште е жена. Канцелариската работа, која во викторијанско време главно ја извршувале мажи од пониската средна класа, денес претежно е во рацете на работните жени; жените главно работеле во продавници и канцеларии по Првата светска војна, кога дошло до опаѓање на тешката индустрија.
Поимот општествена класа пред сè се поврзува со името на Карл Маркс; тој пишува за индустриските физички работници, кои ги нарекува пролетаријат. Сепак, како граѓанин на викторијанска Англија, Маркс и тоа како бил свесен дека тие работници не мнозинство на работничката класа. Далеку најголема група наемни работници во тоа време била домашната послуга, главно жени. Дури и тогаш кога Британија ја уживала славата на светска работилница, работниците во мануфактурата биле помалубројни од слугите и земјоделските работници. Значи, работничката класа е многу поширока категорија; не се состои само од оние кои удираат со чекан или ракуваат со машини. Всушност, на светско ниво е намален само бројот на индустриските работници. Но тоа не значи дека работничката класа исчезнала. Либералите од средната класа ќе треба повторно да размислат.
Денес постои службеничка работничка класа, како и индустриска, составена од голем број технички, административни и канцелариски работници. И самиот Маркс го забележал тоа и напоменал дека индустрискиот капитал постојано го вовлекува техничкиот и научниот труд во својата орбита. Кога зборува за „општото општествено знаење кое станува продуктивна сила“, тој го предвидува она што некои подоцна ќе го наречат информатичко општество. Секторите на услуги, информации и комуникации исто така доживеаја огромен пораст. Но ништо од тоа не ги промени капиталистичките сопственички односи. Треба да се потсетиме и дека трудот во секторот на услугите може да биде подеднакво тежок, валкан и непријатен како традиционалниот индустриски труд. Легендарниот премин од индустриско кон постиндустриско или од производство кон потрошувачка значи, меѓу другото, дека денешните експлоатирани работат во кол-центри, а не во јагленокопи. Етикетите како „услуги“ или „чиновништво“ служат за да ја замаглат огромната разлика помеѓу, на пример, пилот на авион и болнички чистач или високи државни службеници и хотелски собарки.
Во извесна смисла, повеќе може да се каже дека работничката класа расте, отколку што се намалува. Како што вели филозофот Џон Греј: „Средната класа повторно ја открива економската несигурност на луѓето без имот, која го погодувала пролетаријатот во 19-тиот век.“ Многумина од оние што биле сметани за дел од пониската средна класа – наставници, социјални работници, новинари, техничари, службеници и припадници на средната административна структура – биле погодени од немилосрдниот процес на пролетаризација, лишени од контрола врз сопствените работни услови и потресени од финансиска несигурност. Значи, работничката класа во потесна смисла ги опфаќа и физичките работници и пониските нивоа на службеничкиот сектор. А тие, според проценките на некои економисти, сочинуваат огромен процент од светското население – две до три милијарди мажи и жени – што значи дека работничката класа не исчезнала како лордот Лукан.
Од масакрот во Питерло до рударскиот штрајк во осумдесеттите години на минатиот век, односот кон организираната работна сила главно претставува срамна историја. Убивани, врзувани, депортирани, оцрнувани во медиумите и прикажувани како демагози гладни за моќ, предводниците на работничкото движење со векови скапо ја плаќале својата борба за пристојни плати и услови за работа. Повремено, некој од нивните редови бил припоен кон владејачката елита, затоа што неговото познавање на работниот народ можело да се искористи во преговори со цел тие да се откажат од своите „непристојни“ барања. Кога тоа не успевало, секогаш можела да се повика полицијата на коњи. Џон Прескот по својата смрт беше фален како посредник, мудар преговарач – што е културен начин да се каже дека го одржувал стилот на милитант на работничката класа, но без трошка од содржината и суштината на таа борба.
Слики: Amy Dury
Извор: https://unherd.com/