Облагородена љубов: Кон изложбата „Агапе“ на Горјан Ѓорѓиев

23.05.2025 00:56
Облагородена љубов: Кон изложбата „Агапе“ на Горјан Ѓорѓиев

Агапе


Сликите на Горјан Ѓорѓиев се стилска и тактилна алхемија при што медиумот на боите ја има функцијата на „Филозофскиот камен“, митолошкиот елемент кој неблагородните метали ги претвора во благородни и еликсир кој ги исцелува сите болести и дава долговечност.

Алхемијата не успеала во својата цел да го претвори секој метал во злато, да ја искорени секоја болест и да постигне бесмртност. Најблиску до оваа цел е уметноста. Сите „неблагородни“ околности и ограничувања, состојби на кревкост, болка, страв и неизвесност уметноста ги прераспоредува, ги преобликува и ги пресоздава, на тој начин облагородувајќи ги. Колективното искуство на неброените генерации луѓе е дека ваквото „алхемиско“ дејство на уметноста е исцелително.

Предел

 

Горенаведеното е неколкукратно точно за уметноста на Горјан Ѓорѓиев. Пред сѐ, Ѓорѓиев е автентично свој како сликар и сликарскиот „потпис“ е специфично негов. Оваа своја автентичност тој ја реализира комбинирајќи разни уметнички стилови, од византискиот код на иконописната традиција, преку наивата, па сѐ до експресионизмот, надреализмот и неоекспресионизмот. Сите овие вдахновенија и влијанија Ѓорѓиев ги вткајува во своето сликарство. Секое од нив тој го преосмислува и го преобразува. Така, склопот на овие ликовни традиции, секоја од нив препознатлива, во неговите дела се вклопуваат во автентично дело при што целината е далеку поголема од збирот на нејзините делови. Следно, уметникот Ѓорѓиев е исто така и трагач по духовни знаења и возвишувања за што сведочи тематиката во неговите дела. Чест мотив на неговите слики се небесни и ангелски битија, а духовните патешествија се редовна мизансцена на неговите платна. Конечно, опусот слики за оваа изложба не само што е религиозен, туку е исклучиво христијански. Оттаму и насловот на изложбата „Агапе“, збор чија етимологија посочува на безусловната Божја љубов заради која и го создал светот и луѓето во него.

Ангелско лице

 

Во христијанска смисла „Филозофскиот камен“ е метафора за „агапе“. Според канонската христијанска традиција оваа Божја безусловна љубов ја облагородува човечката природа и преку тоа природата на целата вселена, ги исцелува сите болести и не само што дава вечен живот, туку го постигнува она по што алхемичарите мечтаеле, а тоа е обожувањето на човештвото.

Еве како тоа, не со свои зборови, туку со свои слики го раскажува Ѓорѓиев. Од изборот на слики врз кои јас го работев овој текст, свесно или несвесно, уметникот дава илустрирана „Heilsgeschichte“. Тоа е „Историја на спасението“ што го нагласува Божјото спасително дејство при што Исус Христос е централен за искупувањето на човештвото.

Творба

 

Спасителната историја почнува со Божјото создавање на сѐ од ништо. Овој „ex nihilo“ чин Ѓорѓиев го прикажува на сликата „Творба“. На прв поглед хаотична, композицијата е детално прецизен приказ на сцената која во првата библиска книга Битие почнува со „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Потоа се вели дека земјата била „пуста и празна“ дека „Духот Божји“ лебдел над неа и дека преку збор Бог ги повикува нештата во постоење. Сѐ е така на делото „Творба. Неколку ангелски фигури со труби го најавуваат создавањето. Во далечината на вселената се формираат соѕвездија, морски животни пловат низ примордијалните води, се наѕираат човечки фигури, а во левиот агол јасно се гледа дрво со црвени плодови засадено насреде Едем. Од двете страни на дрвото има две фигури, женска одлево и машка оддесно. Дали Ева и Адам веќе се подготвуваат да загризат во забранетото овошје на дрвото на познавањето на доброто и на злото? Всушност, ваквото „читање“ на сцената е вградено во теолошките размисли на раните црковни отци. За некои од нив целата сага со дрвото, пожелувањето, посегнувањето и јадењето од него е инстантно дејство во мигот на создавањето на Адам и на Ева. Нив јасно ги гледаме на истоимената слика „Адам и Ева“. Насликани се со ореоли што според преданието ја означува нивната состојба пред падот во грев. Но, можеби за Ѓорѓиев тоа не мора да биде така. Парот стои под дрво, веројатно дрвото на познавањето на доброто и на злото и двајцата се голи. Но, положбата на рацете асоцира на срам заради голотијата што пред падот не било случај. Дополнителен аргумент дека ова е постлапсаријански миг е темноцрвеникавата сенка зад Адам. Наспроти фосфорно белата на стеблото, сенката може да се толкува како „триумфално“ ликување на лукавата змија која е олицетворение на архетипскиот непријател на човекот – сатаната.

Адам и Ева

 

Техниката на сликање на Ѓорѓиев е штедро нанесување слоеви боја што на сликата ѝ дава релјефен ефект на текстура со визуелна динамика. Како со сликата да сака да се долови тродимензионалноста на човековото постоење не само како физичко-просторен феномен, туку и како битие кое според Божјата промисла има и четврта духовна димензија. Ова е димензијата, која човештвото ја поврзува со Бог, а која со падот е прекината. Трагедијата на ваквото постоење се состои токму во определбата на Бог за славната судбина на човештвото која пак, во падната состојба му е недостапна. Нереализираниот духовен човечки копнеж во смртното човештво создава тензија која води од еден грев во друг. На следната слика го гледаме „Рајското јаболко“ како осамено стои насреде Едем. Заради желбата за осознавање независно од Бог, соодветно со библиското предание, на сликата нема друго дрво од чии плодови првите луѓе можеле слободно да јадат. Нема кој повеќе да посегне по неговите плодови, а почвата е крваво црвена речиси како да се работи за вжештена вулканска магма. Оваа слика би можела да биде праслика за сите дистописки визии за светот. Адам и Ева се надвор од рајот, во места кои раѓаат трње и опстанокот е со пот и со мака. Сѐ на сѐ, очај.

Рајско јаболко

 

Но, не е сѐ така очајно зашто Ѓорѓиев насликал пророчка слика со име „Гласници“. На неа се бројни ликови со труби. Сликата е динамична, но не и хаотична. Ако се земе предвид дека терминот гласник е превод за терминот ангел ова дело на Ѓорѓиев може да се „чита“ и како компактен приказ на Божјиот план да го спаси отпаднатото човештво. Бог го објавува тој план преку ангели и преку пророци. И едните и другите ја пренесуваат Божјата порака до луѓето. Од ангелот кој му доаѓа во посета на Авраам, скалата со ангели во сонот на Јаков, на пророкот Илија кај потокот, ангелот Габриел пред Марија, Јован Крстител во пустината, па сѐ до ангелот кој го најавува воскресението, сите тие се на оваа слика. Секој од нив најавува збор од Бог, а секој од овие зборови сведочи за отелотворениот Бог Исус Христос.

Гласници

 

Ѓорѓиев го издвојува најпознатиот гласник, ангелот Габриел, кој на Марија ќе ѝ ја соопшти добрата или благата вест, дека таа ќе го роди Божјиот Син. Сликата е неконвенционална и е смело отстапување од канонскиот приказ на сцената позната како „Благовештение“. Ликот на Марија е акт. Таа е целосно гола. Падната е наземи, со поткренати раце и со лице во шок. Иако сцената би можела да се нарече „Антиблаговештение“, приказот на Ѓорѓиев има подлога во записите на евангелијата. При појавата на Габриел и на неговиот поздрав Марија се уплашила. Освен двата лика, сликата е „празна“. Како да се случува во космички простор, а крилатиот Габриел лебди над Марија која би можела да е во слободен пад во бездна. Марија се наоѓа во светот меѓу видливото и невидливото. Таа е очигледно жена од крв и од месо. Нагласена е нејзината плотност, физичката ранливост и нејзината незавидна положба на жена во тогашното општество. Композицијата и палетата на бои се ставени во контрапункт со описот на чинот на создавањето. Бог создава од ништо, а сега Марија е прикажана како да се враќа во ништо. Тоа е така зашто во нејзиното тело ќе се отелотвори Божјиот план да го избави човештвото од вечниот пад во ништо.

Богородица и Исус

 

Марија ќе ја прифати Божјата волја, но за тоа ќе ја плати цената меч да ѝ ја прободе душата. Скапоцениот плод на нејзината утроба ќе мине низ страдања и низ смрт – неискажливиот хорор за секоја мајка, па била таа и Богородица, или уште повеќе зашто е Богородица.

Ѓорѓиев односот меѓу Богородица и Исус го прикажал на изложбата со две дела „Богородица со Исус“ и „Богородица и Исус“. И двете слики се инспирирани од византискиот иконопис, но изведени се во слободен стил на авторот. Првата е композиција на „Елеуса“, а втората на „Гликофилиса“, респективно прикажани како милостив поглед меѓу мајката и синот и како миг пред бакнеж. Другите елементи на сликите се модерно и постмодерно уметничко толкување. И на двете слики очевидно е поедноставувањето на фигурите изразени со крупни и „наивни“ линии кои пак, се медиум за симболично да се изрази психологијата на ликовите и на нивните емоции. Строгоста на класичната икона, на јасно определените сцени и чисти, мазни површини во една боја е заменета со игривоста на експресионистичкиот импулс.

Осознавање

 

Верувам дека идеите на класичниот иконопис и на Ѓорѓиев не се во суштина различни. Секој од стиловите го изразува срцето на иконописецот. И во едниот и во другиот случај темата е Богородица Марија и Богочовекот Исус. Класичниот иконопис го нагласува божествениот елемент кој кај Исус е по природа, а кај Марија е по благодат. Ѓорѓиев го нагласува човечкиот елемент кој кај Исус е преку отелотворувањето, а кај Марија е по природа.

Уште од новозаветното време, прашањето „Кој е Исус“? лебди над секој кој се сретнал со Него лично или се соочил со Неговиот лик и дело низ евангелијата. Оттогаш постојано се кршат копја околу овој одговор. Едно е недвосмислено, Исус е фасцинантна личност во секој поглед и ниту една друга во историјата на човештвото не доаѓа ни блиску до Него. За него се расправало во еврејските синагоги, по плоштадите во градовите на римското царство, се пишувале разни евангелија од кои четири се прифатени за канонски. Ова прашање е важно за сликата „Осознавање“. На неа ликот на Исус е веднаш препознатлив. Овој пат Ѓорѓиев поставил „канонска“ заднина на сина боја која кон центарот на сликата е со светла нијанса, така правејќи рамка за златната на ореолот. Положбата на главата е според класичниот иконопис. Онаму каде што отстапува е изразот на лицето на кое се забележува блага насмевка. Очите оддаваат кроткост и благонаклонетост, а усните се впечатливо телесни. Енигмата ја претставува другиот лик. Лицето на оваа фигура е прикажано во основни контури, околу Неговата глава има ореол, а очите му се црни дупки! Што би можело да значи ова? Според авторот, ова е замислена средба меѓу детето Исус и возрасниот Исус кога ја почнал својата служба на проповедање. Осознавањето во овој случај би ја следело траекторијата на дванаесетгодишниот Исус кој разговара со свештениците и писмознанците во храмот што тој го нарекува „дом на мојот Татко“ и Исус кој штотуку се вратил од пустината одолевајќи им на искушенијата на ѓаволот. Веднаш потоа во синагогата Исус го прочитал текст за Божјиот помазаник велејќи дека тоа се однесува на Него. Хипотетичката претпоставка на Ѓорѓиев е дел од мноштвото уметнички и книжевни дела за Исус Христос. Овие претпоставки припаѓаат во категоријата на таканаречената „потрага по историскиот Исус“. Од раните списи на разните гностички движења, па сѐ до денес, оваа потрага сѐ уште трае. Од друга страна ги имаме четирите канонски евангелија кои го издржале тестот на времето и сѐ уште се најверодостојните историски документи по прашањето кој е Исус. Ако сликата ја „читаме“ низ таква призма, веднаш ни доаѓа на ум една од неколкуте сцени во кои Исус исцелува слеп човек. Во Јовановото евангелие, деветтата глава Исус го враќа видот на млад човек. Но, Јован забележува дека не секој е радосен заради тоа. Исцелувањето на слепи и други чуда го потврдуваат она што Исус Христос го зборува за Себеси. Некои луѓе, особено оние на власт или со каква било моќ, не сакаат да осознаат кој навистина е Тој бидејќи го сметаат за закана. Како и да ја читаме оваа слика, таа ни сведочи за потребата и нам да ни се отворат очите, та и ние да се соочиме со прашањето, „Кој е Исус“?

Габриел и Марија

 

Одговорот на ова прашање својот врв го постигнува за време на тајната вечера. На тврдењето „еден од вас ќе ме предаде“, учениците прашуваат, „Учителе да не сум јас?“ Оваа сцена е тема на сликата „Агапе“. Впечатливо е што освен лицето на Исус, тие не се распознаваат кај учениците. Како авторот да сака да каже секој од нив би можело да сме ние. Најпрепознатливите лица и поставеноста околу масата не ни дозволуваат да оцениме кој ученик е кој. Има еден можен показател. Покрај дланките на Исус се гледаат дланките само на еден од нив. Според записите, токму Јуда е оној кој ќе макне со Него во чинијата. Има уште една интересна паралела. Дланките на Исус се отворени. Тој покажува со нив дека нема што да скрие. Дланките на Јуда са свртени надолу, потег со кој често нешто се прикрива. Контрастниот колорит на маслинеста и црвена е соодветен со „тежината“ на настанот. Маслинестата како да сака да ги проголта присутните, додека црвената на масата би можела да го претставува одарот на кој мртвото тело на Исус ќе биде положено. Во ваков контекст Исус ги искажува трогателните зборови за лебот и за виното, „Ова е Моето тело, ова е Мојата крв“.

Олтар

 

На следната слика со наслов „Олтар“, Исус е веќе распнат меѓу двата разбојника. Ова е стандарден приказ од записите на евангелистите за распнувањето. Интересно е што за изразот на Исус, Ѓорѓиев решил да се води од класичниот иконопис каде што емоциите не се изразени. Според раната во ребрата Тој веќе е мртов, но она што остава впечаток се лицата на разбојниците. Оној оддесно на Исус како да го гледа цинично, но оној одлево покажува длабока емоција. Тоа е така зашто мигови пред да почине, Исус му ветил дека ќе биде со Него во рајот. Елементот кој изненадува е четвртата фигура, онаа на Јован Крстител. Што бара тој тука? Покажува со прстот нагоре во знак дека овој кој виси на крстот е оној за кој тој пред да го крсти во реката Јордан ќе каже, „Еве го јагнето Божјо“. Покрај гестот со прстот, Јован има исплазен јазик. Се разбира, тој е од редот на пророците кој, затоа што им ја кажува вистината на моќниците, ќе биде обезглавен. Но, во визијата на Ѓорѓиев тој е присутен и на Голгота и продолжува да сведочи за оној кому не е достоен „да му ги одврзе ремчињата на сандалите.“

Доказ

 

Јован бил во право. Христос воскреснал и за тоа има „Доказ“. Така е наречена сликата на која воскреснатиот Исус му ги покажува раните на рацете и на ребрата на неверниот Тома. Ова е исклучително сугестивна слика. На неа е насликан само Исус, а остатокот на сцената им е оставен да си го замисли публиката. Веројатно идејата на Ѓорѓиев е секој од набљудувачите да ги предизвика да се стават во улогата на Тома. Што ќе одговориме ние?

Освртот кон оваа изложба го завршуваме со три слики. Едната е именувана „Трубач“, која е контрапункт на трубачите на сликата „Творба“. Тие го најавуваат создавањето на светот од ништо, а овој трубач го најавува спасувањето на светот да не се врати во ништо. Ова е трубачот за кој во Првото послание до Коринќаните 15:52-54 се вели, „При гласот на последната труба ... мртвите ќе воскреснат ... а смртното ќе се облече во бесмртност.“ Ова се миговите на апокалипсата. Ѓорѓиев нив ги илустрира на втората слика со исто име „Апокалипса“. Насликана со изразен експресионизам својствен за антивоената уметност делото е ехо на бројни експресионисти, но и на Јероним Бос. Станува збор за архетипски разорувачки стихии. Светот се разложува на своите основни елементи. Сето тоа е суштествено доловено со истенчениот сензибилитет на Ѓорѓиев. Светот го снемува. Но, дали? Апокалиптичната визија на Новиот завет има една цел. Да посочи дека овие насилни сцени не се крај. Тие се најава на нов почеток во кој светот со луѓето во него не е уништен, туку е пресоздаден.

Трубач

 

За тоа сведочи ликот на Исус претставен на сликата „Исусов благослов“. Тука авторот речиси целосно отстапува од класичното прикажување на оваа поза на Исус на иконите. Погледот е емотивен и директен, а лицето насмеано. Но, дланката е во класична положба. Од божественото синило извира лицето на Исус и со раката дава благослов истовремено сведочејќи за себеси како Богочовек, едно лице во две природи. Зашто Бог земајќи удел во човечката природа отворил пат за човештвото да учествува во Божјата природа. Човештвото пак, како парадигма за светот му отвора пат на целото создание да учествува во Божјиот живот кој од вечност во вечност е живот на безусловна љубов чие име нам ни е познато како „Агапе“.

Апокалипса