Јапонија, потсетник на кревкоста на цивилизацијата

17.03.2011 13:15
Јапонија, потсетник на кревкоста на цивилизацијата

Катастрофалниот земјотрес кој во 1755 г. ја погоди Португалија имаше далекусежно дејство врз европската историја. Се смета за пресвртница која битно влијаела на просветителството и го означила крајот на слепата побожност. Кога Лисабон бил срамнет со земја поради земјотресот, цунамито и пожарите, многу верници резигнирано заклучиле дека ужасот е преголем: или господ е суров и безобѕирен или – не постои. Уривањето на тој своевиден и тогашен Берлински ѕид ја предизвикало појавата на Волтер, Русо и Кант чии дела интелектуално ја подготвиле Француската револуција – резултат на граѓанската демократија и модерната култура на разумот и слободата.

Португалија, дотогашна колонијална велесила, престанала да биде глобален политички фактор и се свртела кон себе. Првиот министер на кралството Себастиао де Мело презел мерки кои можат да се сметаат за прво систематско и сеопфатно делување на државната управа во обидот да се санираат природните катастрофи. Организирал јавни работи за обнова на Лисабон и спровел даночна реформа која донекаде ја олеснила положбата на бездомниците и ги разбеснила повластените слоеви. Зачната е нова наука – сеизмологијата, а стремежот за изградба на безбедни куќи и градови влијаел на урбанизмот, архитектурата и градежништвото.

Прерано е да се размислува за историскиот ефект од јапонската трагедија, но еден заклучок уште сега е толку очигледен што се наметнува самиот по себе. Снимките од Јапонија на застрашувачки начин ја покажуваат сета немоќ на едно високо организирано, технолошки напредно и дисциплинирано општество кое располага и со огромно сеизмолошко искуство.

Човекот има силна потреба за безбедност и извесност, толку многу што е спремен поради неа да ја жртвува и слободата. Тоталитарните режими не се засноваат на стравот и угнетувањето туку на загарантираната безбедност. Луѓето често ја претпочитаат бедната извесност отколку величествената авантура на слободата. Природните катастрофи докажуваат колку копнежот по безбедноста е залуден и неисплатлив. Цивилизацијата е кревка. Во неколку секунди природата е во состојба наопаку да го преврти сето она што ни се чини сигурно и недопирливо: нашите куќи, коли, бродови, фабрики, цели градови... Во однос на способноста на природата да го помести јапонскиот остров за цели два метри, да го скрати денот и да ја поремети Земјината оска, човечката потреба за потпора и вербата во политичките ветувања, брачната состојба, работното место и редовното отплаќање на кредитот се чини трагикомична. Природата нè потсетува дека за живот, освен неизвесната удобност и слобода, потребна е и храброст. Таа заборавена одлика, всушност, е единствената извесност на која можеме да се потпреме. Таа се наоѓа во нас самите, но и за препознавање на сопствената храброст повторно е потребна – храброст. Можеби конечното сознание дека извесноста е недостижна (а можеби и непожелна) ќе остане забележана како најважниот ефект од земјотресот кој во 2011 г. ја погоди североисточна Јапонија?

Премногу катастрофи се случија последниве неколку години: ураганот Катрина, поплавите во средна и западна Европа, екстремни студови и жештини, истекување на нафта во Мексиканскиот залив, ерупција на вулканот на Исланд кој го оневозможи воздушниот сообраќај над Европа... Некои непогоди неосмнено се хир на природата, а другите се последица на цивилизацијата, но овде не се занимаваме со причините туку со последиците.

Во вакви ситуации националните и државните граници го губат секое значење. Ниедна нација не може самата да се справува со штетите. За да можат да се предвидат или спречат причините, а да се санираат последиците, потребно е здружено и солидарно делување на целото човештво, бидејќи Земјата, се чини, станува негостољубива планета.

Во вонредните ситуации како природните или еколошките катастрофи, државата е неменлива институција. Санацијата на штетите, помошта на настраданите и евакуацијата се невозможни без организацијата која во рацете има монопол врз угнетувањето и способноста за мобилизација и концентрација на човечките, материјалните и финансиските ресурси. Освен чистењето на урнатините, воспоставувањето здравствени услуги, достава на вода, храна, облека и сл., во настраданите области треба да се сочува јавниот поредок и да се спречи паниката. Во големите непогоди војската добива сосем поинаква смисла, бидејќи во тие мигови нејзината дисциплина, послушност и правото на употреба на оружјето се од животно значење. Во такво светло демилитаризацијата, за жал, се открива како илузија, бидејќи војската по природата на нештата е единствената државна служба која во вонредни ситуации е способна да реагира ефикасно и во најкраток рок. По земјотресот во Сан Франциско во 1906 г. војската на САД ги стрелала крадците и престапниците на лице место. Ги зачувала редот и поредокот, но одредени нејзини единици и самите учествувале во грабежите.

Како што е незаменлива во првите часови, денови и недели по катастрофата, државата е единствената институција која е способна и да ги организира обновата и големите јавни работи. Само таа располага со овластувања и механизми за собирање големи износи на пари, централизирано одлучување и планирање, како и носење нови прописи без кои потфатот на обновата и изградбата е незамислив. Меѓутоа, власта е опасна играчка. Совршено е оправдано зголемувањето на даноците поради финансирање на помошта и обновата, но тоа лесно може да се претвори во фискален терор, односно финансирање на корупцијата. На пример, Калифорнија во 1906 г. донесе строги градежни прописи кои политичарите и трговците со недвижнини вешто ги заобиколуваа или ги користеа за шпекулации и богатење, додека многу згради останаа сеизмички небезбедни.

Големите овластувања, колку и да се нужни и спасоносни, секогаш можат да се изродат во злоупотреба, па и тиранија. Општеството кое веќе доволно настрадало во непогода на тој начин се затекнува на крстопат: или државата ќе делува како јавна служба што пружа помош и обезбедува законитост или трагедијата ќе биде цинично искористена за ширење и зајакнување на државната моќ. Ризиците и опасностите од преголемите и претерани државни овластувања трајно се присутни и во секојдневниот општествен живот, но за време на големите несреќи доаѓаат до целосно, сликовито изразување и нè потсетуваат дека демократијата се заснова на кревкиот компромис меѓу потребата за поредок и потребата за слобода.

Се чини дека човештвото е способно да учи само на грешките и дека напредокот е можен дури по неописливите страдања. Јапонија ја имаше несреќата по вторпат во историјата да се случува историска лекција на нејзино тло. Трагедијата во Хирошима и Нагасаки беше толку поучна што после Хари Труман повеќе никој не се осмели да ја употреби атомската бомба. Дали најновата јапонска катастрофа ќе означи пресвртница и во мирновременската употреба на нуклеарната фисија? И на лаиците им е јасно дека нуклеарните електрани се валкан, неисплатлив и опасен ризик. Иронијата на судбината повторно ги изложува граѓаните на Јапонија на радијациската болест. Да не заборавиме дека Јапонија е технолошка велесила која несомнено презела сè што е можно за атомските централи да бидат безбедни.

Залудно. Сознанието за трусното јапонско тло и силните емотивни причини по секоја цена да се спречи радиоактивното труење се покажаа како недоволни. Степенот на безбедност кон кој се стремиме не може да се постигне. Но иако е неизвесен, животот тече понатаму и не треба да се откажеме од потребата да биде подобар и послободен.

Извор: tportal.hr

ОкоБоли главаВицФото