По повод смртта на Љубимир Тошев

23.05.2025 15:20
По повод смртта на Љубимир Тошев

Љубимир Тошев, роден на 19 јануари 1952 година во Скопје, е македонски раскажувач, полемичар и есеист. Основно и средно училиште – во гимназијата „Јосип Броз Тито“ – завршил во Скопје. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што во 1979 година дипломирал на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ. Од 1983, па сѐ до своето пензионирање во јануари 2019 година работи како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Објавил три книги проза, полемики и есеи: Чистење чевли, Светењето на рефлекторите и Песните на Мајорот Крал Александровски. Полемики водел во „Дело“ и во подлистокот „Лик“ на весникот „Нова Македонија“, каде што полемизирал со еминентни македонски лингвисти и книжевни критичари, најчесто на јазични и книжевни – но и на, во тој момент, актуелни политички – теми.

Книгата Чистење чевли содржи шест раскази, тринаесет есеи и пет полемики поделени во три одделни дела. Расказите од оваа книга реферираат кон историографски личности – нешто што е карактеристично за прозата на Тошев – како што се римскиот император Тибериј, рускиот анархист Петар Алексеевич Кропоткин, македонскиот револуционер, прилепчанецот Пере Тошев, кои се очигледни ликови референти, но се јавуваат и скриени ликови референти за кои читателот мора малку повеќе да се потруди за дa одгатне кои личности од стварноста го инспирирале Тошев за од нив да направи книжевни ликови.

Прозата на Тошев е ангажирана, ненаметливо ангажирана но кристално јасно насочена, повеќе би се рекло цинична и зајадлива, критички расположена кон општествените недоследности и кон слабостите човечки. Приказните – оние што не реферираат на познатите личности што веќе ги споменавме – се градски приказни, се случуваат во кафеаните скопски, тоа се боемски раскази, но и раскази за страдањата на политичките жртви, на жртвите на туѓата неталентираност и амбиција, тоа се раскази за предавствата човечки, за поткажувањето и кодошлакот човечки. Во Светењето на рефлекторите е објавен само еден нов расказ, кој носи ист наслов како и книгата, а делот во кој, заедно со овој, се преобјавени и два раскази од Чистење чевли – „Коктел Мусолини“ и „Корча коњак“ – е именуван како „Раскази од кај чавките“, синтагма – се мисли на синтагмата „кај чавките“ – што алудира на затвор, робијашница, зандана или, како што често се вели кај Тошев – бајбук. Според ова, овие три раскази, сместени во овој циклус, слободно можеме да ги наречеме идризовски раскази, а циклусот – идризовска трилогија. Коментирајќи го стилот на Љубимир Тошев во неговите раскази, Лилјана Минова-Ѓуркова во Стилистиката на современиот македонски јазик истакнува пет клучни точки: 1. вметнувањата во реченицата со кои, во духот на руските формалисти, се онеобичува текстот, а со тоа се привлекува и вниманието на читателот на формата, на јазичниот израз; 2. збороредот во рамките на именската група, кој најчесто не е неутрален како што би се очекувало (придавка + именка: адски мразници, геенските води), туку се среќаваат именски групи со обележан збороред (именка + придавка: петкопознавачите белосветски, сарошот стрвен, умниците светски, чифт џандарски итн.; придавка + именка + придавка: фарленското вино стогодишно, несклеротичното чело кнежевско); 3. именски групи составени од по две именки поврзани со цртичка, кои можат да бидат предикативен атрибут (болка-ужас, болкаболест) или, пак, именски атрибут (бабаит-мажиште, лимонтабиет); 4. разновидноста на лексиката, и тоа: разговорна лексика (астал, бајбук, вопер и сл.), интернационализми (презентно, креатура), архаизирани изрази (величие, обезгрижение, чколија) и поетизми (здрач, ѕастра, запир); 5. повторувањето како стилско средство со кое Љубимир Тошев создава контекстуални или индивидуални синоними: поник-сонце (изгрејсонце), заниксонце (залез), земјата обителска, земјата езерска (Македонија), водичката божја (дожд), катраница (мрак) (Минова-Ѓуркова, 2003: 258-259). На сличен начин во однос на прозата на Љубимир Тошев се искажува и Александар Џукески, кој истакнува дел од неологизмите на Тошев: ѕиданица, снежник (ветар), листодер (ветар), блестунка, нароглија поглед, вонсебник, горопустелија итн., нагласувајќи дека лексиколозите и лексикографите допрва ќе имаат можност да ги регистрираат и да ги обработуваат овие лексеми (Џукески: 1999). Покрај ова, Џукески го истакнува и карактеристичниот ритам во раскажувањето на Тошев, кој се постигнува со вметнувањата во речениците, но и со постојаното повторување на определени синтагми во текстот. Стилот од своите две први книги Љубимир Тошев го задржува и во својата последна книга Песните на Мајорот Кралот Александровски, каде што во три дела (1. Ништо за себеси; 2. Песните на Мајорот Кралалександровски и 3. Епилог) ја раскажува приказната за Мара Бунева, која на 13 јануари 1928 година извршува атентат врз српскиот правен референт на скопската жупанија Велимир Прелиќ, а веднаш потоа се самоубива на кејот на Вардар. Во раскажувањето на приказната за Мара Бунева – која е историографски референтен лик, припадничка на ВМРО од времето помеѓу двете светски војни, време во кое Иван Михајлов е на чело на организацијата, па и тој се јавува како лик во книгата – Тошев вешто се движи на работ помеѓу фикцијата и факцијата, користејќи официјални историографски факти, но притоа онеобичувајќи ја приказната со својот раскошен – би се рекло, поетски – стил, кој ја оддалечува од сувопарниот дискурс на историографијата и документаристиката и ја приближува до непредвидливиот и никогаш докрај јасен свет на фикцијата, со што очигледно се постигнува ефект во кој формата, односно јазичниот израз, ѝ влијае на содржината. Очигледна е намерата на имплицитниот раскажувач во книгата на Тошев да даде друго видување на приказната за Мара Бунева, која од страна на тогашната официјална кралска југословенска историографија е прикажана како крвник на Кралството, а во очите на раскажувачот е хероина што гине за возвишена идеја. Што се однесува до јазичниот израз, тој е оној истиот, препознатливиот, стил на Љубимир Тошев за кој зборува и Минова Ѓуркова во Стилистиката. И тука се среќаваат вметнувањата и ритмичните повторувања во долгите реченици, во речениците долги, во долгите реченици ритмични, но и архаизмите и колоквијализмите таму стилот Љубимиров, таму стилот на библиотекаринот од градот дранговски, од градот вардарски.

И без семкините лушпи донемајкаде беше избербатен перонот станичен, а на некоја чекора од перонот, на некоја чекора од Бунева – таа колку и да сакаше, не можеше тоа да не го зауши – на асталот во бавчата на оросписката биртија – Океан беше наречена биртијата – дибидус распојасено седеа два српски каплара и шефот станичен, барабар со три – тоа и од Марс можеше да се запикаса – баеги изабени ороспии, чија тарифа не беше – и тоа од Марс можеше да се здогледа повисока од пет банки, од педесет српски динари; на астало биртиски седеа, та вкупом чоканчиња со – и тоа, поради смрдеата не беше тешко да се насети – ракија сливова празнеа, прасечко месо гнетеа, качак тутун пушеа; таква ракија пиеја, такво месо гнетеа, таков тутун пушеа, баеги пијан – којзнае каде ја имаа минато ноќта – муабет водеа, та уште поначукано – капларите и шефот станичен ја запеаја: Коња јаше чика Перо, за њим иде Америка цела, ја запеаја песната за победоносецот Петар Караѓорѓевиќ, кој јава на бел коњ, песната за победоносната Круна негова, Круната на Кралот српски. (Тошев, 2007: 23) Оваа реченица, карактеристична за јазичниот израз на Тошев во сите три негови книги, е доволна да се прикаже и онеобичувањето на дискурсот за кое станува збор, односно, во случајот со приказната за Мара Бунева, да се прикаже оддалечувањето од документаристиката и приближувањето до уметничкиот литературен стил, кој, пак, повеќе ѝ припаѓа на фикцијата отколку на историографската стварност. И така, на тој начин, нараторот кај Тошев ја исполнува својата задача да ја раскаже својата верзија на приказната, но и да ја смести на сигурно во светот на убавата литература. Кога станува збор за стилот на Љубимир Тошев, најкарактеристичното нешто во неговата проза, нема да биде отповеќешно – лексема што Тошев ја користи, а како неологизам му ја припишува на младиот македонски лингвист Бојан Петревски – да се спомене дека стилот во расказите на Тошев е многу сличен, ако не и ист, со оној во неговите есеи и во полемиките што ги води главно во деведесеттите години од минатиот век, па сѐ до почетокот на овој век, затоа што дискурсот на Тошев е хибриден, секогаш меѓашен, ниваму-нитаму, иваму-итаму, па така, тој и во есеите и во полемиките е исто онолку раскошен и пикантно зајадлив (а некогаш, богами, и луто зајадлив и директен) како и во своите раскази – и повторно – па така, тие негови есеи (особено есеите!) и полемики во ова време на флуидна книжевност – кога сѐ има секаде и кога сѐ е испомешано, па не се знае што каде и кому припаѓа и кој на што е автор – можат да се разгледуваат и како убава литература (белетристика), а не само како критика, било кон нешто или кон некого.