1012 hPa
45 %

27 °C
Скопје - Вто, 15.07.2025 21:59
„Леска Брезоска“, Симона Јованоска, „Или-Или“
Се викам Јане Митреска и најпрво сакам да раскажам како го добив своето име. Додека растев, ми раскажувале дека љубовта на мајка ми и татко ми пламнала многу брзо, дека се засакале како на филм, лажеле за да се видат, измислувале разни приказни, да купам хулахопки во Стоковна, да го однесам велосипедов на сервис, да прошетам со Ратка на корзо, направиле свадба, си се ветиле и мајка ми останала бремена со мене. Во тоа време во Гостивар немало ултразвук, па мајка ми и татко ми само еднаш отишле на преглед во Скопје, и тоа во првото тромесечје. Мајка ми била млада и откако ѝ кажале дека со бременоста било сè во ред, почнале да се подготвуваат за бебе. Татко ми бил изгорен за машко и секој ден палел свеќа во „Света Петка“, а мајка ми потајно посакувала девојче, иако пред домашните велела само да е живо и здраво, за другото како што ќе каже Господ.
Првото нешто што мајка ми го купила за мене било розово корито за бањање. Излегла порано на пазарот во вторник за да ги избегне гужвата и жештините, летото одвај го поднесувала, нозете и рацете постојано ѝ потекувале и се потела како прасенце. Го одбрала најубавото и со коритото в раце тргнала накај дома, а повозрасните женички попатно ја поздравувале и милно ѝ се смешкале, девојче е, го носи долу, зборувале едните, убава трудница е, машко ќе биде, зборувале другите. За разлика од нив, татко ми не бил импресиониран од бојата на коритото, розова е за девојчиња, искоментирал, па нека е, можеби ќе имаме девојче, рекла мајка ми и го сместила во шупата за да не фаќа место во собата и да им го тргне од пред очите.
Кога бременоста поодминала, татко ми предложил да напишат машки имиња на ливчиња, да ги стават во сад и татко ми да го извлече името што ќе му припадне на детето, односно мене. Мајка ми и баба ми тајно се погледнале, зашто предлогот малку им се видел проблематичен, зарем треба сите да учествуваат во носење на одлуката за името на нивното дете и кога веќе мајката мора да ги земе предвид сите предлози, зошто да не може самата да го извлече среќното име што ќе му припадне на детето. На крајот, зошто морало имињата да бидат само машки, па зарем не може да роди девојче? Но, бидејќи мајка ми била кротка, млада и, пред сè, живеела во заедница, решила да не прави проблеми и се согласила со предлогот, па така, покрај останатите предлози, на едно ливче го подметнала својот предлог, името Јана, малиот пркос на мајка ми. Татко ми долго мешал, под носот си шепкал некакви зборови, молитви, можеби си ги повторувал фаворитите и го извлекол големото име, единственото женско во садот – името Јана.
Јана? Не се чита добро, Јана ли е, Јане ли е...ама не може да биде Јана, нели рековме само машки имиња, заклучил татко ми и пресекол дека синот што ќе го добијат ќе се вика Јане, име што им се допаднало на сите. Вечерта кога си легнале, мајка ми не можела да заспие од грижа на совест, сакала да му признае дека таа го напишала името Јана и го мушнала во садот, а тој го извлекол единственото женско име, ќе биде ќерка, си претчувствувала мајка ми како што претчувствувале некои трудници, додека срцето ѝ се полнело со радост.
Во последните недели од бременоста мајка ми водела сметка повеќе да пешачи зашто баеги се поправила, од пењоарот, се правдаше низ годините, не можев да забележам колкава сум, ама комшивките ја советувале да мирува зашто откако ќе родила, нема да можела да седне, па да си седела и одмарала додека сè уште немала дете. Сите биле љубезни кон неа, всушност, каде и да одевме, мајка ми стекнуваше пријатели, познаници, луѓе со кои отворено влегуваше во разговори иако не ги познаваше, за неа немаше разлика дали некој беше млад или стар, маж или жена, Македонец, Албанец или Турчин, кон сите се однесуваше со почит и го добиваше назад, луѓето ѝ веруваа зашто беше чесна и предвидлива, секогаш точна и достапна, целиот живот со иста фризура.
Кога сум решила да дојдам на свет, иронијата била пуштена на најјако - во болницата снемало вода и одвај ме измиле, а кога му кажале на татко ми, којшто нервозно чекал пред вратата, дека добил ќерка, како да го гризнале за срце, иако бил многу среќен, на срцето му се појавила мала модринка, па побрзал да ја залечи и уште додека мајка ми лежела во болница, отишол во матично и набрзина ме запишал како Јане Митреска, моето полно име и презиме. Не знам што си мислел и дали во тој момент помислил на мајка ми, на тоа дали ќе му се налути што ми дал машко име или дали помислил на мене, на тоа како јас ќе морам да живеам со името, да се објаснувам, по сто пати да се повторувам, да му ја правдам одлуката пред оние што ќе ме прашуваат што ли си мислел, ама веројатно тогаш најмногу мислел на себе. Се сеќавам дека се правдаше, па што, и Борка Талески бил маж со женско име, па станал народен херој, а на ова никој не му противречеше. Кога дознала мајка ми, била во шок, не ѝ се верувало дека сопругот, без нејзино знаење и согласност, отишол во матично и ја запишал ќерка им Јане, ама татко ми се правдал дека тоа си било името што го извлекол пред сите, дека договорот си бил договор и дека таквите работи не се менувале, а бидејќи таа не сакала да прави дополнителни проблеми и раздор во среќниот миг, го прифатила името како да е најубаво на цел свет и така сум станала Јане.
***
„Ехото на акробатите“,Владимир Јанковски, „Арс Либрис“
-Ти донесов фотокопија на „Вечер“ од 24 септември 1974 – Симон му ги подава фотокопираните листови на татко си. – Твојот 26. роденден. Мислев дека ќе ти биде интересно да прочиташ што се случувало во Македонија, Југославија и светот баш во овој ден.
-Било вторник – се насмевнува Љубомир.
-Се сеќаваш на тој ден пред 50 години?
-Да бидам искрен, не.
-Сигурно тогаш си имал големи планови. 26- годишниот Љубомир! Полн со планови, желби и цели!
Седат во дневната соба. Симон на троседот, Љубомир на својата фотелја. Љубомир седи онака како што вообичаено седи. Стопен со неа, тој и фотелјата се едно. Неговите екстремитети се составен дел од екстремитетите на фотелјата, рацете и потпирките се споени, нозете и ногалките исто така.
-Најголемиот дел од работите што сакав да ги направам во животот, ги направив. Не ми се остварија само оние желби чие остварување не зависеше од мене – вели Љубомир.
-Значи можеш да бидеш задоволен! - расположено се смешка Симон.
-Симе сине, ти и јас имаме само една заедничка особина!
-Само една, тато?
-Никогаш не сме задоволни. И никогаш нема да бидеме – додава по кратка пауза.
Се насмевнува.
-А знаеш ли зошто?
Симон не прашува, само го чека одговорот. Дојден е тука за да го слуша татко му, дојден е тука татко му да си ги кажува своите проповеди. Тоа е милоста што синот може да му ја понуди на остарениот родител.
-Затоа што секогаш сакаме уште.
И покрај првичната намера, Симон го облева мала нервоза. И против својата волја, ќе каже нешто.
-Знаеш, тато, дека таквата животна позиција не ми донесе ништо добро.
- Мене таквата животна позиција ми донесе сѐ .
- Ако ти си задоволен со тоа, тогаш добро.
- Мислиш дека не треба да сум задоволен!
- Не, мислам дека секој треба да биде задоволен со сопствената мерка за задоволство што си ја поставил. Никој не треба да биде задоволен со туѓа мерка на задоволство. Само со својата.
Пауза. И Љубомир и Симон ја користат за да сркнат од своите шолји со чај.
- Вчера прочитав за некој тип во Америка. Болен во финална фаза од рак, добил 230 милиони долари на лотарија – раскажува Симон за да го сврти разговорот во друга насока, настрана од можниот конфликт. – Ќе има уште месец –два да ги потроши.
- Можам да сфатам како се чувствува.Тој добил –два-три месеци, јас добив повеќе од триесет години - замолчува за момент. – Ова не сум го кажал никому. Ама ќе ти кажам тебе, ти можеш да ме разбереш. Некаде до 47- та година ужасно се воздржував од животот. Се лишував од огромен број работи. Се скржавев со животот. Дали кога ќе отидеш во ресторан го порачуваш најскапото јадење?
- Не нужно, најскапото, но никогаш не го порачувам најевтиното. Зависи што ми се јаде, никогаш не се водам од цената на јадењето.
- До 47- та година секогаш кога ќе отидев во ресторан се водев од цената на оброкот. Истото се случуваше и со пијачките. Никогаш не порачував скапи вина или луксузни пијалаци. Години, децении поминати во воздржување. Сега, на крајот, го правам обратното. Веќе десет години пијам само најскапи коњаци и виски. Ако не нарачам од најскапото, не можам да јадам. Немам апетит, не ми е вкусно, имам чувство дека нешто пропуштам, дека нешто губам. Кога одам да купам костум, секогаш купувам од скапите. Дури и да сакам да посегнам по евтините, телото не ми дозволува. Се буни против таа одлука. Не знам дали ме разбираш?
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.