Каде леташ, Јулија?

26.05.2025 14:07
Каде леташ, Јулија?

 

„Каде леташ, Јулија?“ ја прашав. Таа се сепна. Често знаеше вака да се исклучи, да одлета некаде со мислите, со погледот.

„Тука сум, тука“, рече, враќајќи го погледот кон мене.

„Никогаш ти немам видено сјај во очите. Биди малку палава“, ѝ реков. Свиреше некој романтичен џез во позадина. Беше студена декемвриска вечер пред галеријата. Русата коса ѝ изгледаше фантастично над синиот капут.

Ги преврте очите и одговори:

„Каква машка фантазија.“

„Зошто машка фантазија?“

Биди палава, непредвидлива, вади ме од кожа. Таа цела машка фантазија“, рече, со очите на пола копје, неимпресионирано. Ѝ се истакнуваа длабоките очни капаци кога изгледаше вака, како да ѝ е здодевно. Ваква беше дури и поубава. Понекогаш, мислам дека кажував работи што ќе го извадат тој поглед намерно, сакајќи да ја видам таква.

„Не мислев така...“ но веќе не ме слушаше, се поздравуваше со познајник.

„Не разбирам“, ѝ реков откако познајникот се тргна, „што сакаш ти од мене?“

Ме погледна збунето.

„Како, што сакам?“

„Од мене.“

„Ааа... ништо? Се дружиме, не?“

„Ама не разбирам, како ме гледаш ти мене?“

Повторно ги преврте очите.

„Не сме го збореле ова стопати?“

Впрочем, шест, но во ред. Нека претерува. Нека ме вади од кожа.

Јулија ми беше релативно ново познанство, но се дружевме редовно, главно по свирки и изложби. Се имаше малку изгубено во последните неколку недели. Кога ѝ посочив дека ја снема, на почетокот на вечерта, пак го извади тој полукопјен поглед, рече „колку често мислиш дека излегувам со пријатели?“ и ја смени темата.

Шест пати ми повтори дека не е заинтересирана за мене. Ова беше седми. Седмица, среќен број. Бев во долгогодишна отворена врска, ама неа не ја интересирало да биде дел од туѓ живот. А беше толку млада а паметна, фина а директна, убава а скромна.

И, очигледно, ѝ се допаѓав. Проблемот беше бариерата што ја имаше во главата. Интернализиран патријархат. Инаку, немаше да биде толку опседната со моногамија. Ќе знаеше дека можеш да си сосема среќен во врска со некој што е во врска со некој друг.

Брзо потоа, Јулија рече дека треба да оди. Ја испраќав до автобуската станица посакувајќи автобусот никогаш да не стигне, па да ја испратам пеш до дома. Јас и таа, заедно и сами против студот. Немаше многу луѓе по улиците поради тој студ и ветерот што носеше лисја насекаде. Гледајќи ги лисјата, на Јулија конечно ѝ засветкаа очите.

„Ете ги“, промрморев.

„Молам? Не те чув“, рече.

„Дојди поблиску да ти кажам“, ѝ реков.

„Сосема добро те слушам од кај што сум“, рече и ја поткрена веѓата, „само зборувај погласно, на пример.“

„Магично е“, реков погласно.

„Скроз“, се насмеа. „Дотолку што не ни сакам да снимам... да не губам ни секунда од глеткава вадејќи го телефонот, отворајќи ја камерата...“

Што значеше тоа што сè уште се дружи со мене откако ѝ ги открив моите намери? Да не беше воопшто заинтересирана, сигурно немаше да се дружи со маж дваесет и пет години постар од неа. Беше затрескана, но заглавена во свет од самонаметнати инхибиции.

Неколкупати ѝ понудив да ја фоткам. Прво беше заинтересирана, секако ѝ требале фотки за портфолиото, беше сликарка. Кога споменав дека најмногу сакам да фоткам актови, се изнасмеа и рече, „ај, не мора“.

Стигнавме до автобуската и застанавме да го чекаме бусот. Го потпрев точакот на стаклениот ѕид на станицата.

Јас ја гледав Јулија, а Јулија, завиткана во синиот капут, стискајќи го тиркизниот шал околу рамената, гледаше во танцот на лисјата.

Беше совршен миг и не планирав да го пропуштам.

Ја грабнав околу струкот и силно ја бакнав во уста. Проба да се спротивстави, но знаев дека тоа се нејзините внатрешни инхибиции, дека го сака тоа. Ја турнав на стаклениот ѕид на автобуската и почнав да ѝ го бакнувам вратот.

***

„Каде леташ, Јулија?“ ме врати покрај себе дур барав познат лик во толпата кон кој би можела да избегам.

„Тука сум, тука“, му реков. Впрочем, дробеше нешто за Втората светска војна и секако прошетав не само со погледот, туку и со мислите.

„Никогаш ти немам видено сјај во очите. Биди малку палава“, рече мрсниот другар на Ирена. Мрсен по карактер. Се наоѓаше во секоја ебана манџа. Колку и да го туркаш, се протнува дека, нели, маслото се лизга. И така натаму. Ме начека пред КИЦ, каде што другарка имаше отворање на изложба. Во позадина се слушаше некој албум на Џо Вајлдер.

Аце прво ми беше океј. Општо, имав можеби малку нездрава навика понекогаш да се дружам и со – не само со, туку и со – луѓе што ми делуваа интересни, дури и ако беа малку чудни, малку морничави, на моменти досадни. Ама со време почна толку да замара, што кога го забележував на настани, буквално клекнував и одев во спротивната насока за да не ме види. Проблем кога си висока е дека луѓето полесно те забележуваат во гужви, дури и кога не сакаш да бидеш забележана.

Ги превртев очите и му кажав дека тоа е машка фантазија. Типов беше од тие мажи што не можат да се помират со фактот дека стареат и пробуваат да избегаат од тоа со бркање млади женски. Од тие мажи што не се способни да се носат со жени на нивна возраст, освен очигледно девојка му со која имале отворена врска, и се лигават околу млади жени што мислат дека полесно ќе ги контролираат.

Бљак.

Покрај нас помина Ешко, се поздравив со надеж дека ќе се откачам, ама Ешко брзаше во веце.

„Не разбирам“, ми рече Аце. Очигледно не се помрднал, ни од местото ни од дискусијата, додека зборував со Ешко. „Што сакаш од мене?“

„Како што сакам?“

„Од мене.“

Јеботе, пак ова.

„Ааа... ништо? Се дружиме, не?“

„Ама не разбирам, како ме гледаш ти мене?“

Повторно ги превртев очите. Многу беше досаден. Пред да почне да го поставува ова прашање, на почетокот, кога наивно мислев океј, нов пријател, понуди да ме фотографира. Ми требаа секако добри фотки за портфолиото. Ама после додаде дека најмногу сака да фотографира актови и целосно се откажав од идејата.

„Не сме го збореле ова стопати?“ му реков изиритирано.

Претходно истата вечер ми зборуваше за тоа како ме снемало и не сме се виделе не знам колку време. Впрочем, цело време се појавуваше на сите настани на кои одев, така што иако немавме заедно излезено, цело време го гледав некаде. Освен тоа, сакав да му кажам, што курац мислиш дека си ти во мојот живот за да се гледаме почесто? Не мислам на тебе. Никогаш не мислам на тебе. Ни еден дел од мојот мозок не осетил потреба да помисли на тебе. Ми немаш видено сјај во очите затоа што ништо, апсолутно ништо во врска со тебе не ме возбудува. Можеби не требаше да бидам фина во моето одбивање, туку сосема искрена. Требаше да му кажам: и да не беше во врска, не би те чепнала ни со стап, и да беше последниот маж на светот, ќе го оставев видот да изумре.

Бљак!

Сакав што побрзо да се манам и реков дека ќе си одам дома. За жал, инсистираше да ме испрати, со мокриот поглед, со коментари што тој ги сметаше, веројатно, за интелигентно контроверзни а впрочем беа глупави, иако и самата, во раната фаза на дружењето, ја помешав контроверзноста на коментарите со независност на мисла. И така. Ни јас не сум совршена.

Стигнавме на автобуската. Дуваше силен ветер што ги земаше последните жолти лисја од дрвјата фрлајќи ги во некаков насилен, драматичен но убав, љубовен танц. Единствената работа што го уништуваше моментот беше присуството на факинг Аце.

Тој промрмори нешто.

„Молам? Не те чув“, му реков.

„Дојди поблиску да ти кажам“, ми рече.

Не само бљак, туку во тој момент решив дека никогаш повеќе нема поради тоа што сум фина да направам ред муабет со овој creep, или со која било друга напорна несреќа на која ќе налетам. Секако дека ќе кажувам здраво, бидејќи кој сака драми. Јас не.

„Сосема добро те слушам од кај што сум“, му реков, длабоко згрозено, „само зборувај погласно, на пример.“

„Магично е“, рече.

Вистина беше, се согласив и се насмеав бидејќи ми олесна што не почнува пак со истиот муабет на „што сакаш од мене“. Толку беше убаво што дури и не ми идеше да го извадам телефонот да снимам. Толку беше убаво што дури за миг го исклучив од глава фактот дека Аце е со мене. Толку беше убаво што само ги гледав лисјата во виорот.

И тогаш–

Силно ме повлече околу струкот и ме баци во уста! За миг бев изненадена бидејќи не можев да поверувам што се случува. Потоа пробав да го турнам, но беше посилен од мене. Ме приклешти кон ѕидот на автобуската, неговите раце туркајќи ги моите на стаклото. Почна да ми го бацува вратот со гадни, мокри шлап-ови. Шокот ми испари и се вратив во одвратната реалност. Во истиот миг го клоцнав, најсилно што можев со коленото, меѓу нозете.

„КРЕТЕН! ГАД!“ дур се држеше меѓу нозе, го турнав кон земјата, врз која тој се струполи. Го клоцнав уште еднаш по стомакот. Плукнав врз него. Почнав да бегам по улицата.

Свртев зад првиот ќош и повратив.

***

Се движев низ толпата во денсинг салата на МКЦ, назад кон штандот со пијалаци. Иако поминаа неколку месеци од операцијата, уште имав проблеми со балансот. Сепак, цел живот сум се движел низ светов со два тестиса. Наеднаш, по тестикуларната торзија, бев принуден да останам со еден. И за што? Еден бакнеж плус една клоца се еднакви на минус еден тестис.

Не сакав да мислам на неа, но ми се појавуваше пред очи секојпат кога ќе погледнев надолу, секојпат кога се замајував на една страна, секојпат кога некој ќе ме прашеше од што ми е новото вертиго.

„Аа... два даба“, ѝ реков на симпатичната млада шанкерка. Бев излезен со нова пријателка, Теа, млада, паметна, убава. Имаше околу дваесетина години и неодамна се досели во Скопје од село во близина на Охрид, така што ѝ требаше некој како мене – посветен, внимателен, што ги разбира жените – да ѝ биде водич и можеби нешто повеќе. Надежно нешто повеќе.

Ги платив пивата и тргнав назад кон денсинг салата, но девојчето ми мавташе од оградата карши портите.

„Да ојме надвор на една цигара, мојт?“ праша и веднаш поцрвене. Срамежливо, убаво девојче. Обравчињата ѝ беа уште полни, уште со оној детски живот. „Фала ти за пивото, баш ми се пијеше...“ Пред некој ден ми раскажуваше дека била болна и многу ослабела, па сега сака да се здебели. Ѝ реков дека изгледа совршено, дека нема што да се здебелува, кој добога би сакал да се здебели? Затоа вечерта пробав да ја убедам да пие вотка или џин, нешто со помалку калории, ама не, таа, пиво па пиво. Од друго ѝ се лошело.

Се симнавме надвор. Веќе беше стоплено и убавата клучна коска на Теа остана откриена под уличните светилки.

„Ама мора да те фоткам“, ѝ реков. Теа повторно само се зацрвени и се насмеа.

Се свртев кон улицата и тогаш ја видов–

–руса коса над црвен фустан–

–и веднаш се свртев. Што ќе ѝ речев? Што ќе ми речеше? Не пред малата, не пред малата.

„Може да побрзаш со цигарата? Малку ми пристуди“, нежно ја фатив за лактот, нежно ја упатив кон влезот. Теа ме погледна збунето со сините очи, но ја изгасна цигарата без да поставува прашања. Тргнавме накај вратата. Наеднаш, пред да успееме да влеземе, над нас дувна силен ветер.

***

Некое време не излегував од страв дека ќе го видам. Не беше тоа страв од него – страв дека тој ќе ме нападне – туку беше страв од самиот момент на соочување. Што ако, и покрај моето избегнување, ни се сретнат погледите? Што кога телото ќе ми се распарчи поради умот поделен на три различни инстинкти истовремено: да клоца, да писка и да бега?

Глупава, помислив. Што имам јас да се плашам? Тој треба да се плаши!

Вечерта кога се случи тоа, ѝ ѕвонев на Маја веднаш да дојде кај мене. Маја рече:

„Јулија, не знам дали си свесна, ама тоа било сексуален напад, треба да одиш во полиција и–“

„Ех, да, е сексуално злоставување, ама не од тие најстрашните... сепак, беше само насилен бакнеж“, ми текна кога ме приклешти за стаклениот ѕид, кога одвратно, влажно ми го бакна вратот и повторно почна да ми се гади. „Одам да се истуширам уште еднаш“ и пак да повратам, но немаше потреба Маја да го знае тоа.

Немаше поента да одам во полиција, како ќе им докажам? Што ќе направат? И така, поминаа неколку месеци, полека се опуштив. Решив да одам на свирка во МКЦ. Минуваат сите работи, само да им дадеш време.

Концертот беше супер, ама внатре имаше многу гужва. Во еден миг, ме спука клаустрофобија и почувствував нешто за првпат: почеток на паничен напад. Бидејќи не чувствував потреба да го имам и тоа искуство, ѝ кажав на Маја дека ќе излезам на малку воздух. Таа дојде со мене.

Прошетавме до брегот на Вардар. Разговаравме за нова книга на македонска авторка. Различно ја доживувавме. По некое време ме праша дали сум океј, и вистина, бев океј, па тргнавме назад.

И тогаш, пред влезот во МКЦ, го видов. И видов дека ме виде. И срцето почна да ми чука во грлото.

Се вкопав во место. Маја сфати што се случува и луто тргна кон него, но ја повлеков назад. Аце, бљак од самото име, се преправаше дека не ме гледа и ја приклешти раката околу лактот на некоја млада девојка. Грубо ја потегна кон вратата. Збунетата девојка му дозволи да ја одведе.

И тогаш ме преплави гнев и еден, а не три, инстинкти.

Брцнав еднаш во ташната и ја извадив вештерската маст. Брцнав вторпат во ташната и ја извадив метлата. Ја намачкав метлата со маста, ја префрлив едната нога врз метлата и се одбив од земјата. Откако за миг лебдев во воздухот, дур виор полека но сигурно се создаваше под мене, како под хеликоптер, се насочив кон Аце и неговиот нов, помлад од мене, плен.

Кога стигнав над нив, Аце се затетерави, како да изгуби рамнотежа и погледна нагоре кон изворот на ветерот. Неволно се исклештив, беше тоа клештење од гнев без трунка радост, се симнав надолу со метлата и го џапнав за околувратникот на маицата. Бидејќи никогаш, ни со стап, не би го допрела.

„Вуху!“ викнав издигнувајќи се нагоре со метлата. „Повели и другпат!“ ѝ довикнав на збунетата, збунета а не ужасната млада девојка, и ја јавнав метлата кон Вардар држејќи го Аце, кој нешто викаше, но зборовите му се губеа во виорот под мене.

Кога стигнав точно на средина на реката, виорот стануваше сѐ по и повртоглав, почна да ја бранува, да ја врти водата и во водата, насред реката, се создаде моќен вртлог.

За миг само помислив – можеби не треба да придонесувам за загадувањето, и онака реките секојдневно патат од нашата неодговорност. Но веднаш потоа ми текна дека вртлогот е едноставно портал, портал до друг, подземен свет, свет каде што Аце ќе има време да размислува за што погрешил во животот.

Конечно, дел од неговото викање се протна низ бучавата:

„Те преколнувам, застани!“

„Јас не добив шанса да преколнувам!“ викнав и почнав налудничаво да се смеам, пуштајќи го во вртлогот, да тоне и да–

„Ау! Јулија? Уфф, Јулија?“ се сепнав. Маја ме гледаше загрижено низ згрчени веѓи. Толку ѝ ја имав стиснато раката што очигледно ја болеше. Сфаќајќи што се случува, веднаш го ослободив притисокот и таа си ја протри раката и трепна сочувствително. Повторно ме фати за рака и се свртевме кон вратата. Аце влегуваше назад во МКЦ со девојката.

Слики: Marion Fayolle

Извор за текстот: Хана КорнетиКаде леташ, Јулија? (Или-Или, 2025) 

Хана Корнети (1992, Скопје) дипломирала историја и филозофија во Анкара (МЕТУ), а магистрирала на културолошки студии во Истанбул (Сабанџи). Автор е на две збирки раскази за возрасни – „Млечни заби“ (2021, Или-Или) и „Каде, леташ, Јулија?“ (2025, Или-Или), романот-фанстатика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, Или-Или) и е ко-автор на „Croprising: Bad Gardeners and Good Weeds – A Guide“ (2023, Private Print) со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев.

ОкоБоли главаВицФото