1006 hPa
100 %
4 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 23:59
Имаше долги расправии околу квалитетот на дрвото,
височината на оградата околу чунот,
должината на веслата; неколку пати
мораше да се почне од почеток,
штиците не беа добро одлежани,
не налегнуваа добро, рабовите се виткаа.
Погодно годишно време за пловење
веќе се доближуваше, подготовките течеа премногу бавно,
имаше недоразбирања околу плаќањата,
се ширеа разни гласови за бесмислата на потфатот,
бадијалџиите што го гледаа растењето на трупот
изнесуваа безброј забелешки.
По пристанишните крчми течеа бескрајни распрашувања
за правците на ветровите, за морските струи,
податоците околу обичаите на крајбрежните народи
беа противречни, сè беше нејасно,
белината на картите не се пополнуваше.
Им немаше крај на подготовките,
чаденото месо се расипуваше,
тулумите за вода не беа добро штавени,
трговците се обидуваа да подметнат
стока што им заостанала по складовите.
Имаше надмудрувања, недоразбирања,
несполуки. Дури ни пророштвата
не се совпаѓаа меѓу себе.
Беше здодевен тој труд, премногу луѓе се замешуваа,
секој даваше свое мислење.
Толку ситни нешта остануваа незавршени,
немаше одговорност, првичниот занес спласнуваше.
Но бродот никна. И кога дружината седна,
кога се затегнаа јажињата, кога застенка дрвото,
кога пената прсна пред клунот – знаеја:
има мигови кога сè конечно добива своја вредност
и кога заблудата, и онаа најлудата,
е единствен пат кон чудата.