Со Албанците со години делиме иста држава

28.05.2025 17:10
Со Албанците со години делиме иста држава

 

Кога храна ќе се расипе, не е за употреба. Кога човек ќе се расипе - одличен е за употреба.


Добро си ја научив лекцијата. Ништо не знам.


Виша математика: гласач помножен со нула не губи од својата вредност.


Врвот ни е тап. Се качуваат и боси.


Ни нема рамни. Пропаѓаме.


Со Албанците со години делиме иста држава.

 

 

Официјален јазик во Македонија е злобниот јазик.


Ние Македонците индивидуално сме несреќни, но колективно сме среќни. Нè радува туѓата несреќа.


Македонец на Македонец удира. Нападот е најдобра одбрана.


Во оној што мисли поинаку од нив луѓето често гледаат непријател. Кај нас непријател е секој што мисли.


Секој е невин додека не се докаже дека гласал за опозицијата.


Судејќи по нашите современици на идните генерации ќе им оставиме само некултурно богатство.

 

 

Ја бараме правдата под дрво и под камен. Како во подземје да пропаднала.


Премиерот го преживеа гласањето за недоверба на владата. И волкот сит, и овците на министерски места.


Ја чуваме средната класа. Таа е костурот на нашето општество.


Ова е влада на иднината. Постигнува научно-фантастични резултати на сите полиња.


Најмногу им се радувам на владините реклами. Таму живеам како човек.


Владата постигнува успеси на сите телевизии.

 

 

Тресе празна слама. Си ги храни симпатизерите.


Никаде го нема. Како во фотелја да пропаднал.


Кој лаже, тој и краде и формира влада.


Рацете горе! Го усвојуваме буџетот!


На времето дворските луди го засмејуваа народот. Денес му ја расплакаа мајката.


Пред дваесетина години тргнавме кон Европа. Сега за сега, добро стоиме.

 


Карикатури: Pawel KUCZYNSKI

Љупка Цветанова е родена во Кочани. Дипломирала англиски јазик и книжевност во Скопје. Авторски книги со афоризми: „Нова Земја“ (2013) и „Уште една Нова Земја“ (2022). Застапена е во неколку антологии на афоризмите, македонски, регионални и светски. Афоризмите ѝ се објавувани во низа регионални списанија и во македонскиот Остен. Во списанието Маргина 94 исто така е поместен избор од нејзиното творештво.