1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Чет, 05.03.2026 10:59

Герника
Пабло Пикасо, роден на 25 октомври 1881 година, несомнено беше уметник за кого најмногу се зборуваше во дваесеттиот век, а можеби и сè уште е најпознатиот уметник во светот. На естетско ниво, тој беше револуционер: синиот период, кубизмот и надреализмот; Пикасо секогаш беше на чело на разни уметнички правци во сликарството, гравурата и скулптурата.
Исто така, поголем дел од својот живот застапуваше социјалистички ставови. Беше член на Француската комунистичка партија (PCF), а крајот на деветнаесеттиот и поголем дел од дваесеттиот век, Пикасо го помина залагајќи се за светски мир и улогата на уметноста како политичко оружје.
Во јавната перцепција, неговото наследство ни остава повеќе прашања отколку одговори. Критиките од целиот политички спектар поради неговите тешки односи со жените и неговата постојана подготвеност за политички ангажман ја илустрираат комплицираната слика. Истражувањето на неговиот однос со социјализмот ќе ни овозможи подобро да го разбереме не само Пикасо како уметник, туку и уметничкиот свет во кој живеел и кој сè уште го чува неговото наследство.

Госпоѓиците од Авињон
Револуционерна естетика
Кариерата на Пикасо се движеше на преминот помеѓу европското просветителство и развојот на комунистичките револуции ширум светот. Животот во Париз под нацистичка окупација го наведе во 1944-тата година да ѝ се приклучи на Француската комунистичка партија, а една година подоцна испрати личен манифест до списанието New Masses:
„Преку дизајнот и бојата се обидував да продрам подлабоко во сфаќањето на светот и луѓето — со идеја дека тоа сознание може да нè ослободи. Секогаш на свој начин го кажував она што го сметав за највистинито, најправедно, најдобро, а со тоа и најубаво. Но за време на репресијата и востанието почувствував дека тоа не е доволно и сфатив дека морам да се борам, не само со сликање, туку со целото свое битие.“
Не поминала ни година од објавувањето на тој манифест, а Пикасо веќе имал досие со неговото име во ФБИ, поради борбата против владејачкиот поредок — иако тоа го правел со децении и тоа сосема експлицитно. Неговото дело Госпоѓиците од Авињон (Les demoiselles d’Avignon) од 1907-та година извонредно портретира група обични жени, со асиметрични лица и неусогласени очи со африкански ритуални маски. Сликата, сепак, предизвикала контроверзи бидејќи прикажува каталонски бордел: сексуалната работа била дел од секојдневниот живот на модерниот европски уметник исто колку и апропријацијата на автохтоните стилови.

Госпоѓицата што плаче
Тоа дело добро ги претставува проблемите и уживањето што Пикасо ги става пред набљудувачите. Неговата способност да ги реконфигурира човечките димензии во рамнина го промени начинот на кој Европа и САД ја сфаќаат репрезентацијата, а неговата подбивна насмевка даваше впечаток дека неговата уметност тече спонтано и без пречки. Во таа смисла, неговото раскинување со европските стандарди брзо беше преточено во политички изјави против болеста на светската уметност: „Како да не нè засегаат другите луѓе? Со каква ладна рамнодушност би требало да се однесуваме кон нив ако се одвоиме од целокупниот живот што ни го нудат?“ напиша еднаш на парче хартија среде интервју. „Не, бојата не е создадена за украсување станови. Таа е офанзивно и дефанзивно оружје против непријателот.“
На многу начини, ова гледиште беше плод на Пикасовото доживеано детство во Шпанија за време на транзицијата и неговата чудесна репутација што ја имал во училиште. Под влијание на својот сонародник Франсиско Гоја, чие експлицитно политичко дело ги опфаќа барокниот и модерниот период, Пикасо почнал да ги слика шпанските селани, циркуските изведувачи и музичари во неидеализирани форми – субјекти кои не биле доволно истакнати во предмодерниот свет.
Откако се преселил во Франција, Пикасо ја избегнал законската обврска за служење војска, но многу од неговите ремек-дела ги претставуваат безбројните конфликти што се случувале околу него. Во серијата Жената што плаче (La mujer que llora) од 1937-та година, која го прикажува профилот на француската уметница и љубовница на уметникот, Дора Мар, Пикасо користел брзи потези и судир на бои за да го прикаже физичкото манифестирање на тагата за време на Шпанската граѓанска војна. На сличен начин, големата Герника (1937), која и денес се смета за најпознато антивоено дело во светот, била одговор на бомбардирањето на едно републиканско место од страна на војската на Франко и неговите италијански и германски фашистички сојузници.
Оваа слика, меѓу другото, го навела Хитлер да го дефинира Пикасо како „дегенериран“ уметник. Кога нацистичките власти му тропнале на врата и го прашале: „Дали вие го направивте ова?“ (мислејќи на Герника), Пикасо одговорил: „Не, вие го направивте тоа.“ Пикасо за тие настани читал во комунистички весници како L’Humanité, а еднобојни дела со сличен стил како Герника или El osario (1944–45), со кои им се оддава почит на жртвите од холокаустот, делуваат како продолжение на илегалниот печат.

Костурница
И покрај советската аверзија кон модернизмот, Пикасо двапати ја добил Лениновата награда за мир – во 1950-тата и во 1961-та година – за неговиот ангажман во Движењето за мир, каде придонел со својот Гулабица на мирот. Подоцна, во 1953-тата година, на барање на својот пријател и уредник на Les Lettres Françaises, Луј Арагон, Пикасо направил скица од Јосиф Сталин за да му оддаде почит на неодамна починатиот лидер. Ова оддавање почит довело до низа остри писма и повици од ПКФ и советските власти, кои ја критикувале „привилегијата“ на Пикасо да отстапува од социјалистичкиот реализам.
Иако не му било дозволено да организира изложба во Москва, Пикасо ја носел својата членска книшка од Француската комунистичка партија сè до својата смрт во 1973-тата година. Со текот на годините, Пикасо имал конфликти со водачите и на капиталистичкиот и на комунистичкиот свет, и иако насликал многу политички ангажирани дела, никогаш не престанал да заработува милиони. Затоа многумина сметаат дека тој период на Пикасо бил само „интермецо“ во една претежно аполитична кариера, односно потрага по „апстрактен мир“ пред класната борба. Всушност, како што истакна кустоската Линда Морис, светската уметничка елита сè уште се држи до неполитичкото толкување на Пикасовото дело.

Гулабица на мирот
Индивидуален гениј или народен уметник?
Во книгата Успехот и неуспехот на Пикасо, ликовниот критичар Џон Бергер забележува дека Пикасо бил „способен да забележи и проектира повеќе страдање во главата на еден коњ отколку што многу уметници можат во распнувањето на Исус“. Сепак, Бергер исто така тврди дека положбата на Пикасо – „сомнителна привилегираност“ – го спречила да го надмине сопственото его. Контролата врз сопственото наследство и дистанцирањето од револуционерна Шпанија, според Бергер, го довеле Пикасо до негативна повратна спрега:
Замислете уметник прогонет од сопствената земја, кој припаѓа на друго столетие, кој ја идеализира примитивната природа на сопствениот гениј за да го осуди корумпираното општество во кое живее, кој станал самодоволен, но мора да работи бескрајно за да се докаже себеси. Со какви тешкотии конечно ќе се соочи? (...) Нема да ги изгуби емоцијата, чувството и живоста, но ќе му недостигаат субјекти на кои ќе ги проектира. И тоа беше Пикасовиот проблем. Мораше да си го поставува прашањето: што да сликам? И секогаш мораше сам да си одговара.
Бергер исто така тврди дека кубизмот бил „единствениот пример за дијалектички материјализам во сликарството“ кој со текот на времето станал познат како посебен правец, а не како изум на Пикасо (иако веројатно би бил разочаран ако знаеше дека Пикасо сè уште најмногу се поврзува со кубизмот). Како и да е, Бергер е во право кога бара повеќе од пазарна вљубеност во индивидуалниот гениј.
Патеката на уметничката кариера ретко е линеарна. На пример, Пикасо размислувал да одржи изложба во Шпанија на Франко во педесеттите години на минатиот век (што на крајот не ја одржал), пред да ја дефинира својата политика како бариера за можно обединување на разединетата Шпанија. Како што истакнува критичарката Џилијан Стајнхауер, ова сознание не треба да нè натера да не го почитуваме Пикасо, туку да „ја усовршиме сликата што ја имаме за него и да ги оставиме настрана уметничките митови“.
Пикасовата приказна не е приказна за беспомошен човек кој ја надминал угнетувачката елита. Неговата стилска еволуција го воодушеви целиот свет. Неговата антивоена симболика и неговиот политички придонес за време на Студената војна, кога уметниците се соочувале со државна репресија поради каква било револуционерна тенденција, и денес остануваат валидни. Речиси педесет години по неговата смрт, влијанието на Пикасо е осудено да опстои – не како дел од некаква осамена потрага по исклучителност, туку како дел од колективната потрага по подобар свет.
Слики: Пабло Пикасо
Извор: https://jacobinlat.com