1013 hPa
32 %

33 °C
Скопје - Вто, 15.07.2025 11:59
Комбинацијата од загадување на воздухот, густ урбан развој и недостиг на зеленило го зголемува ризикот од астма кај децата и возрасните. Ова го покажува истражувањето спроведено во рамки на голем проект на Европската Унија (ЕУ), со кој раководел Институтот Каролинска од Шведска.
„Претходните студии вообичаено го пресметувале ризикот од еден по еден фактор на животната средина“, објаснува првиот автор, Џебин Ју, истражувач и доцент на Институтот за медицина на животната средина при Институтот Каролинска.
Од друга страна, неговиот тим го комбинирал влијанието на повеќе различни фактори за развивање астма и го опишал нивното заедничко дејствување.
„Тоа дава поцелосна слика, бидејќи животот во град значи истовремено изложување на повеќе штетни фактори.“
Малку повеќе за астмата
Астмата се дефинира како хронично воспаление на дишните патишта што предизвикува нивна зголемена преосетливост на различни надворешни влијанија. Во вообичаените симптоми спаѓаат отежнато дишење, кашлица, стегање во градите и краток здив.
Се смета дека астмата настанува како резултат на комбинација од генетски и фактори од животната средина.
Според студија од 2019-тата година, околу 262 милиони луѓе во светот боледувале од астма.
Новото истражување опфатило речиси 350 илјади лица од различна возраст од вкупно седум европски земји.
Имајќи податоци за домашните адреси на секој учесник, научниците можеле да утврдат различни ризици во нивната околина. Фокусот бил ставен на загадувањето на воздухот, степенот на урбанизација и надворешните температури. Проценките делумно се базираат на сателитски снимки што даваат увид во сивата и зелената или сината инфраструктура во околината на испитаниците, односно колку има згради, колку зеленило и колку водени површини.
За време на истражувањето, кај речиси 7.500 лица се појавила астма – било во детството, било во зрелата возраст. Вкупно 11,6 проценти од овие случаи можат да се објаснат токму со комбинацијата од трите наведени фактори.
Со други зборови, во поповолна – помалку загадена и изграденa, а повеќе зелена – урбана средина, болеста немало да се развие кај еден од десет луѓе со астма.
„Ова е корисно за урбанистите и носителите на одлуки“, нагласува проф. д-р Ерик Мелен. „Со овој метод можат да се идентификуваат критични зони на ризик во постојните градски подрачја, но може да се користи и при планирање на идните урбани средини.“
Следниот чекор на истражувачите е анализа на примероци крв од некои учесници, со цел подобро да се разбере дејството на надворешните фактори врз телото и да се разјаснат механизмите на настанување на астмата.
Студијата со досегашните резултати е објавена во научното списание The Lancet Regional Health – Europe.
Слика: Thomas Dambo
Извор: https://klima101.rs/