1018 hPa
61 %
8 °C
Скопје - Чет, 23.04.2026 03:59

Следната година, кога економистите ќе ја одбележуваат 250-годишнината од објавувањето на Богатството на народите на Адам Смит, прославите ќе се одвиваат во сенка на неумесните меркантилистички политики на американскиот претседател Доналд Трамп. Знаеме дека Трамповата опседнатост со билатералните трговски биланси, заедно со глорификацијата на царините и прифаќањето на теоријата за меѓународната трговија како игра со нулта добивка – сето тоа спротивно на учењата на Смит – ги оживеа најлошите аспекти на меркантилистичките практики.
Економистите со право ги критикуваат трговските политики на Трамп. Нефер трговските практики на другите земји не се главната причина за трговскиот дефицит на САД, а фокусирањето на билатералните трговски дисбаланси е очигледна глупост. Трговскиот дефицит придонесе за пад на производството во САД, но тоа не е најважниот фактор. Истовремено, тој им овозможи на американските потрошувачи и инвеститори да се задолжуваат евтино – што е привилегија што би ја посакале многу земји.
Вистина е дека меркантилизмот никогаш не бил целосно мртов, како што тврдеа економистите. Ниту, пак, секогаш е неоправдан, како што сѐ уште велат. Laissez-faire и слободната трговија го добија приматот во развиените земји благодарение на влијанието на следбениците на Смит, но некои други земји – оние кои сѐ уште се обидуваа да фатат чекор со светот – обично избираа мешани стратегии.
.jpg)
На пример, Александaр Хамилтон во САД и Фридрих Лист во Германија експлицитно ги отфрлаа идеите на Смит и се залагаа за контрола на увозот за да ги развијат своите нови индустрии. Аргентинскиот економист Раул Пребиш и другите претставници на „школата на зависноста“ сметаа дека земјите во развој треба да ја штитат својата производствена индустрија од увозната конкуренција; некои од земјите што ги следеа нивните совети, како Бразил, Мексико и Турција, бележеа децении брз економски раст.
Источноазиските држави исто така применуваа мешавина од меркантилистички и смитовски принципи за да ги поттикнат извозот и приватното претприемништво, често зад ѕид од протекционистички мерки. Таквиот пристап резултираше со економско чудо. Иако креаторите на тие политики не би се претставиле себеси како меркантилисти, „патот на развојот“ што го избраа содржеше многу елементи на меркантилизмот.
Суштинската разлика помеѓу Смит и меркантилистите произлегува од начинот на кој тие пристапуваат кон потрошувачката и производството. Модерната економија се придржува до Смит и се фокусира на потрошувачката како крајна цел на економската активност. Смит им се спротивстави на меркантилистите, тврдејќи дека „потрошувачката е единствената цел и смисла на севкупното производство“ и нагласувајќи дека „за интересите на производителите треба да се води грижа само онолку колку што е неопходно за да се заштитат интересите на потрошувачите“.
.jpg)
Од друга страна, меркантилистите инстинктивно го нагласуваа значењето на производството и отворањето работни места. Многу е важно што произведува една земја. Апсурдно е да се тврди, како што тврдеше еден од советниците на Џорџ Х. В. Буш, дека нема разлика помеѓу производство на чипс и производство на чипови. Исто така, кога производството, особено на индустриски добра, се прифаќа како главен приоритет на креаторите на економски политики, јасно е дека трговскиот суфицит е попосакуван од трговскиот дефицит.
Тие две перспективи можат да се усогласат преку воведување разни видови пазарни несовршености во конвенционалниот приказ што го дава мејнстрим економијата. Денешните следбеници на Смит ќе признаат дека креаторите на политики не можат да останат рамнодушни кон структурата на националното производство, ако одредени типови на производство водат до технолошки прелевања или страдаат од проблеми со координацијата. Но важно е и почетното гледиште. Доколку нема силни и уверливи докази што укажуваат на спротивното, економистите од мејнстримот по правило се противат на „изборот на победници“.
Од друга страна, некој со меркантилистички или развојни приоритети нема да се двоуми да донесува одлуки за тоа што и како треба да се произведува. Прашањето е кај кого е товарот на докажување, бидејќи од тоа зависи дали ќе ги третираме индустриските политики во источна Азија како нешто вообичаено или како отстапување од нормата.
Фокусот на современите економисти на потрошувачката – во духот на Адам Смит – исто така ги наведува да го потценат значењето на работните места за општата благосостојба. Во стандардната „функција на корисност“ што економистите ја користат за да го опишат однесувањето на потрошувачите, работата е нужно зло: таа ни овозможува куповна моќ, но има негативна крајна вредност бидејќи ни го одзема слободното време. Но работата е исто така извор на смисла, почит и општествен статус. Пропустот на економистите да ја земат предвид личната и општествената цена на загубата на работно место ги прави нечувствителни на последиците од кинескиот трговски шок и автоматизацијата.
.jpg)
Друга клучна разлика се однесува на односот помеѓу државата и претпријатијата. Смит сметал дека еден од проблемите со меркантилизмот е тоа што гради блиски врски помеѓу креаторите на политики и приватниот сектор – што е рецепт за корупција. Современата економија тоа предупредување го сфаќа сериозно. Моделите на функционирање на политичката и рентиерската економија покажуваат колку е важно претпријатијата да се држат на дистанца од креаторите на политики.
Но во многу ситуации – како што се развојот на иновации, зелени индустриски политики или регионален развој – блиските односи помеѓу државата и претпријатијата даваат одлични резултати. Постојат добри причини за тоа. Имено, иако раздвојувањето на претпријатијата и владата може да го намали ризикот од нивно „заробување“, тоа истовремено многу го отежнува согледувањето на ограничувањата и можностите, како и на тоа што функционира, а што не. Кога неизвесноста е значителна (било технолошка или друга), блиската соработка со претпријатијата е подобра од строгото раздвојување.
Двете перспективи имаат свои слепи точки. Меркантилистите лесно ги поистоветуваат интересите на производителите, особено на оние со добри врски во државниот апарат, со националните интереси. Интелектуалните потомци на Смит, пак, го занемаруваат значењето на производството и работните места и ги превидуваат придобивките од јавно-приватното здружување. Добрата политика бара изнаоѓање оптимален сооднос помеѓу избраните состојки.
Секако, сето ова не може да ги оправда постапките на Трамп. Неговите хаотични и неселективни трговски политики не придонесуваат за зголемување на критично важните, стратешки инвестиции во САД, и страдаат од кронизам кој им овозможува на претпријатијата со добри политички врски да го злоупотребуваат системот. Неговиот меркантилизам нема добри страни, бидејќи ги отелотворува сите најштетни елементи на оваа стратегија.
.jpg)
Карикатури: Hajo
Извор: https://www.project-syndicate.org/