Поранешен израелски премиер: Да, Израел врши воени злосторства во Газа

31.05.2025 01:45
Поранешен израелски премиер: Да, Израел врши воени злосторства во Газа

Ехуд Олмерт

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт тврди дека Израел врши воени злосторства во Газа и дека „се убиени илјадници невини Палестинци но и многу израелски војници“.

Олмерт, кој беше израелски премиер од 2006-тата до 2009-тата година, во статија за израелскиот весник Харец напиша дека „израелската влада во моментов води војна без цел или јасно планирање и без никакви шанси за успех“.

„Од своето основање државата Израел никогаш не водела ваква војна... Криминалната банда предводена од Бенјамин Нетанјаху направи невиден преседан во израелската историја и во овој регион“, додаде тој. Поранешниот член на Ликуд, партијата на Нетанјаху, напиша дека „бесмисленото страдање на палестинското население“ последниве недели достигнува „монструозни размери“.

„Ова што сега го правиме во Газа е војна на разорување“

„Последните операции во Газа немаат никаква врска со легитимни воени цели. Тоа е приватна политичка војна. Нејзиниот непосреден резултат е претворање на Газа во подрачје на хуманитарна катастрофа“, наведе тој.

Призна дека често тврдел дека Израел не врши воени злосторства во Газа и со убеденост говорел дека „во ниту еден случај владин службеник не дал наредба за неселективно напаѓање цивили во Газа“.

Сепак, напомена дека последниве недели „повеќе не е во можност да го тврди тоа“. „Она што сега го правиме во Газа е војна на разорување: неселективно, неограничено, сурово и криминално убивање цивили. Тоа е резултат на владината политика... Да, Израел извршува воени злосторства“, заклучи тој.

Неговото интервју за Би-Би-Си предизвика бурни реакции

Во интервју за Би-Би-Си минатата недела, Олмерт опиша дека продолжувањето на конфликтот не може да придонесе за спасување на животите на заложниците. Неговите коментари за британската телевизиска станица предизвикаа кавга во Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи го обвини Олмерт дека „активно учествува во дипломатска кампања, пропагандна војна и правна војна против државата Израел и израелската армија (IDF)“. Министерот за образование Јоав Киш изјави дека Олмерт му се придружил на „радикалниот левичарски хор кој го клевети Израел на меѓународната сцена“.

Министерката за социјална еднаквост Мај Голан го обвини Олмерт дека „им плукнал в лице“ на израелските војници.

Извор: https://www.index.hr/

ОкоБоли главаВицФото