Просторност и темпоралност

02.06.2025 02:18
Просторност и темпоралност

Изложбата Просторност и темпоралност (Spatiality and Temporality) прва соработка меѓу три еминентни уметнички: Татјана Миљовска, Валентина Поцеска и Виолета Чаповска. Во фокусот на нивната изложба се истражувањата на заемните реципрочни врски меѓу категориите просторност и темпоралност и начините на кои тие категории се манифестираат во нивните уметнички практики и специфични визуелни јазици.

Важно е да се нагласи дека не станува збор за некое мистично или метафизичко обмислување на комплексната категорија време-простор-категорија што ни е најмногу позната од физиката и философијата. Делата вклучени во оваа изложба пристапуваат кон просторноста и темпоралноста со специфични уметнички методи на истражување и укажуваат на нивната релевантна примена во студиите на меморијата, субјективноста, емотивното и интелектуалното позиционирање и, најважно, нивната релевантност за индивидуалните естетички транспозиции на индивидуалните ликовни поетики на секоја од авторките. Самите дела се концептуализирани поединечно и се изведени во различни уметнички медиуми, како што се просторните инсталации и интервенции (Миљовска), сликарството и колажот (Поцеска), и видео-перформансот (Чаповска).

Во Чифте амам, Татјана Миљовска поставува неколку просторно-специфични инсталации и интервенции коишто се дел од нејзиниот дол- горочен проект насловен Ткивo (2024/25). Инсталацијата на цртежи Ткиво 1 и инсталацијата и интервенцијата во простор Ткиво 2 се составени од акрилни цртежи на хартија поврзани во облик на различни вертикални структури што висат во просторот на Чифте амам.

Татјана Миљовска, Ткиво 1, 2024/2025

 

Со серијата колажи инсталации Ткиво, Миљовска ја потенцира светлината – суштинскиот елемент што ги обединува феномените на просторност и темпоралност. Со тоа авторката неминовно го вклучува и феноменот на реф- лексија - како во оптичка така и во метафорич- ка смисла. Важен е и фактот што во овие дела материјалната подлога, повеќеслојната хартија, апстрактните форми, како и суптилниот проѕирен колорит се поврзани во една комплексна палимсестна целина. На тој начин формата и содржината не можат да се разлучат, како што впрочем се испреплетуваат и мемориските матрици и траги во живите ткива. Така, со насловот Ткиво, Миљовска укажува и на еден друг вид меморија: висцералната меморија. Значи, не станува збор само за меморија ограничена во сивата мозочна материја, туку и за специфичната меморија што се акумулира во текот на животот во целото тело.

Валентина Поцеска ја изложува серијата колажни слики со заеднички наслов Писмо (2024). Поцеска користи различни материјали и различни техники колажирани на платно. Почетната инспирација за Писмо бил ѕидниот колаж, поточно архивата составена од фрагменти од личната историја коишто авторката ги залепила на ѕидовите од своето ателје во периодот на изолацијата поради пандемијата со Ковид-19.

Валентина Поцеска, Air mail, 2024

 

Писмо претставува извесен пресврт во уметничката практика на Поцеска. Нејзините интереси се придвижуваат од боја и форма кон нарација, или според зборовите на авторката „од боја кон белина, од запад кон исток и од експресија на надворешни импулси кон интимното“. Колажираните материјали – почнувајќи од првото писмо до дедото во кое авторката се фали дека научила да пишува, до последната изложба во 2008 година, купот на ќеси од факсхелизим во кои бабата уредно ја складирала траекторија на семејниот живот, или картонската кутија полна со стари фотографии кои таткото на Поцеска ги сочувал на таванот, постапно се претвориле во естетски и емотивни метафори за неминовните врски меѓу помнењето и заборавањето, меѓу индивидуалните и интимни спомени и колективната амнезија. Самиот наслов е двозначен – укажува на интересот на авторката за епистоларноста, но и за консеквенците на писмото/пишувањето, како на пример при премостувањето на раз- лични просторни дистанци и при зачувувањето на сеќавањата за различни периоди.

Во видео-перформансите Сена и Сикуена (2022) Виолета Чаповска ги продолжува истражувањата на водните пејзажи, во контекст на историските и архитектонските промени на околината. Делата се резултат на престојот на авторката во меѓународната резиденција Cité Internationale des arts во Париз (2022), кога Чаповска имала можност да ги истражува кејот Бурбон (Quai de Bourbon) на париското островце Сен-Луј (Île Saint-Louis) на реката Сена и предградието Сикуена. Историјата на просторот - пред неговата урбанизација во 14 век - била основната инспирација за авторката при создавањето на двете видеа. Така, снимениот перформанс Сикуена бил фокусиран на собирање на историски траги со што авторката ги преиспитува остатоците на долгогодишната редуцирана психо-географија на жените и вкоренетите стереотипни родови метафори за чистење и перење типични за ова предградие на Париз.

Виолета Чаповска, Сена, 2022

 

Светлината, водата, рефлексијата, писмото, знакот, трагата, чистотата, се само некои од просторно-временските концепти и метафори карактеристични за изложените дела на Миљовска, Поцеска и Чаповска. Тие се провлекуваат и испреплетуваат во нивните поединечни ликовни концепти, но истовремено го генерираат и исткајуваат комплексниот наратив на целата изложба Просторност и темпоралност.

Она што ги мотивирало трите авторки за оваа меѓусебна соработка и за истовременото поставување на засебните дела во заеднички простор, е нивната долгогодишна професионална и пријателска релација и комуникација. Со оваа изложба авторките ги премостуваат временските и просторните процепи коишто - и покрај генерациската блискост - неминовно се појавуваат во текот на секое долгогодишно пријателство.

 

Изложбата Просторност и темпоралност беше поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Учесничките упатуваат благодарност до сите колеги и пријатели кои им дадоа поддршка во сите фази од реализацијата на проектот, а посебна благодарност изразуваат до КОМА/Небојша Гелевски - Бане, Фармахем/Марјонка Велјановска, Контрапункт/Искра Гешоска, Исток Чаповски, Никола Гелевски, и Александра Исајловска.