Насликана убавина

02.06.2025 13:07
Насликана убавина

Осум песни: Предлог, Бои, Што би било кога би било, Врамената слика, Слика, Насликана убавина, Што е убаво, Дете и цвете.


Предлог

Зошто не ги украсите терасите
со цвеќиња во разни бои?
Убаво ќе им стои.
Кога по тротоарите ќе минуваат младите
и старите, ќе ги вртат погледите кон нив,
во височината, и ќе уживаат во убавината.
А и градот не ќе е ист веќе,
како огромна кошница со цвеќе.


Бои

Убава е белата боја на снегулките,
и црвената на булките,
и сребрената боја на месечината
и на морето сината...
А децата кога се смеат
не знам со каква боја
насмевките ги бојат
та толку убаво им стојат.

Што би било кога би било

Кога паѓаат снегулките бели,
секое дете се радува, нели?
Уште подобро би било
кога снегулките би билe
црвени, жолти, зелени, сини...
Нели и вам така ви се чини?!
Тогаш би позеленeле покривите,
би посинеле нивите,
би поцрвенеле барите,
би пожолтеле тротоарите.
Прекрасно!
Ама се плашам да не им ги обојат
панталонките и фустанчињата
на момчињата и девојчињата.


Врамената слика

Сакав да го нацртам школскиот двор,
да нацртам бреза, липа, бор,
да ги нацртам плоштадите,
тротоарите и другарите...
Но, колку и да сум вешта,
блокот не собира толку нешта.
За блокот сепак најдов замена,
сликата ќе остане во мене
нацртана и врамена.

Слика

Брези, преубави принцези
во прекрасни бунди од снег,
се нишаат гордо на блискиот брег.
А децата, заслепени од светлината
со радост ја препознаваат убавината!


Насликана убавина

Куќичка со бело варосани ѕидови,
зад неа се вишат зелени ридови,
до неа води патека тесна,
пред неа двор со цвеќиња
во прекрасни бои што плива,
и јаболкница, круша и слива,
и синото небо, и планината во далечината
- цртеж во кој е насликана убавина.

Што е убаво

„Небото сино и висината,
таму се крие убавината“, рече птицата.
„Темните подземни ходници се најубави“,
поинаку мислеше кртицата.
За пчелите најубави се цвеќињата,
а за свињата најубава е тињата.
Но, да не се вртиме во круг,
тоа што за еден е убаво,
не е убаво за друг.


Дете и цвете

Прошетајте крај црешите,
нема да згрешите.
А крај нив кога минете
цветовите не им ги кинете.
Крај нив ако постоите,
не можете да ги доброите,
ќе ве маѓепсаат со нежноста и боите.
Пролетта си оди со надојдените води,
А цветовите знаат, кратко ќе траат,
но ќе ве пленат, ќе живеат ва вас
и кога ќе свенат, во вас ќе ѕвонат
и кога ќе се сронат.
Во секое дете ќе има по едно цвете.

 

Слики: Татјана Миљовска

Извор за песните: Димитар Алачки - Чудесен свет
Избор: П. В.

Димитар Алачки (76) е лекар од Струмица, афористичар, хуморист и поет за деца.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото