Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

04.06.2025 02:19
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

„Во длабочината на моите рани“, Благица Каревска, „Панили“

 

И така и се случи. За неколку моменти се најдов повторно на Земјата. Во Земјината реалност. Го напуштив светот меѓу небото и Земјата – Минатовата реалност. Се вратив дваесет години наназад. Кога сум имала десет години. Моите родители беа живи.
Баба ми Игрок, дедо ми Родген... Во тој период, сите живеевме заедно. Дури и тетка ми и Андрифор живееше со нас, бидејќи нејзиниот сопруг работеше во странство.Андрифор беше родена. Па додека тетка ми беше на работа, мене и Андрифор нѐ чуваа баба и дедо. Јас бев постара во претходниот живот, пред да се случи она со клопчето... Но, во овој, таа беше постарата. Не се одвојуваше од мене. Каде беше таа, таму бев и јас.
Баба ми ѝ купи пијано на Андрифор и обожавав да ја слушам како свири на него. Со часови седев во малата соба и ја слушав. Тетка ми, помнам, кога ќе дојдеше од работа, уморна, секогаш сакаше да ја масирам. Ми велеше дека силно стискам. Иако се вратив како десетгодишно девојче, менталната зрелост ми беше иста како и сега, кога го пишувам ова. Бев свесна за сѐ. Знаев дека се вратив во минатото да го живеам својот живот одново. Се вратив во длабочините на моите рани. Совршенство кое не постои. Сѐ беше во ред додека не дојде денот кога ѝ се јавија на баба ми и ѝ кажаа дека моите родители загинале во сообраќајна несреќа. Баба ми не можеше да се помири со судбината дека веќе го нема син ѝ. Во истата таа недела се отсели и тетка ми и ја зеде и Андрифор со неа. Многу ми беше тешко што се раздвоивме.На баба ми уште потешко ѝ падна заминувањето. Дедо ми Родген беше тивок човек. Не зборуваше многу, седеше на искинатата фотелја и не го испушташе клопчето од своите раце...

Десет години потоа

Поминуваа деновите, месеците, годините... Помина една деценија. Јас уште живеев во Ројхрам со баба ми и дедо ми. Тетка ми Мерквисир од кога се отсели од дедовата куќа, исчезна. Со неа ја зеде и Андрифор. И којзнае каде е..? Насмевката твоја само се појавува во мојата глава. Веќе и не те помнам, тето. А, ти ме помниш ли, тето? Или останав некаде во некои ноти неисвирени на она старо пијано? Каде што останаа и спомените... А, Андрифор? Или и таа ќе исчезне заедно со тебе? Но, држејќи го гудалото од виолината и слушајќи го Вивалди?! Во оваа книга често ќе ја среќавате мојата тетка Мерквисир и братучетка ми Андрифор, бидејќи тие се „пајажината на моето минато“.

 

***

 

„Страшни приказни“, Сузана Камберова, „Арс Либрис“

 

Јануари, 1814 година. Беше тоа долга и студена воена зима. Меѓутоа, се покажа дека студот, гладот и воените тешкотии нема да ни бидат единствените проблеми. За несреќа, таа зима почнаа уште поголеми неволји за нашата фамилија.
Можам да се заколнам дека црните претчувства ми се здадоа уште кога за првпат го здогледав тоа лице. Не знам каде ја нашол и од каде ја донел. Претпоставував дека тоа се случило некаде на северот на Прусија, додека, уморни и исцрпени, се повлекувале назад од фронтот. Непрекинато ги следела влечејќи се зад војската како прегладнета ѕверка, целата парталава и извалкана со кал. Тој мора веднаш да се сожалил на неа и почувствувал порив да ѝ помогне, како што правеше секогаш кога некој беше во голема неволја.
Па, сепак, нивата чудна меѓусебна врска бргу прераснала во нешто сосема поинакво од тоа што требало да биде. Можел само да ја нахрани и да ја остави некаде попат, на некој имот во крајот, и на домаќините да им даде малку пари за да се грижат за за неа. Место тоа, тој, во миг на некакво просветлување и лудост, решил да ја поведе со себе. Ми рече дека го здоболеле нејзината младост и трaгичната животна приказна. Толку нејака, а се борела толку силно за да преживее. Им се восхитувал, на тоа слабичко девојче и на нејзината страст кон животот. Таа го љубела животот со жар, каков што тој отсекогаш посакувал, но огнот во срцето бргу му се гаснеше. Освен тоа, беше совршена убавица. Убава, преубава била, како од сликите на Ботичели. Русокоса со долги кадрички и големи сини очи, како длабоките океански води, полни мистерии. Кога се загледал во нив, го заробиле со својата бескрајност и сјај, кaко што тоа со песна го умееле сирените, ќерките на Ахелој.
Нејзините родители, браќата и сестрите, сите загинале во некоја од бесконечните војни или, можеби, изумреле од глад и болест. Не ѝ останал никој на светот. Никому не му била потребна таа млада Полјачка, никому не му значело ништо дали наутро ќе ги отвори очите или ќе ги склопи занавек. Толку млада, а веќе толку оштетена. Луѓето, војните, лудиот, распаднат свет, ѝ ја одзеле иднината, на која, сметаше тој, имала право како секој од нас. Што била виновна таа за туѓите грешки и гревови?
Изгубена во лудилото на војната, сега пред него блескала како златен дукат под коњските копита на каллив пат. Една чиста душа во пеколот на смртта. Тој не смогнал сили да ја остави, да ја препушти на нејзината црна судбина, во некоја снежна пустелија на северот, сега изгазена од ѓонови на војничките чизми и изгорена до темели.
Не, се разбира дека не можел да го стори тоа. Зар не знаев дека е таков? Убавината и невиноста, тоа беа двете негови најголеми слабости.Секогаш и секаде трагаше по нив, по тој свој замислен идеал на совршенство. И сега, таа беше тука, пред него, отелотворување на сѐ за што отсекогаш мечтаел.Свето женско чедо од крв и месо.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.