1017 hPa
27 %

28 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 18:59
Во понеделник, 9 јуни 2025 во кафе Станица (Ленинова 54а, Скопје) во 19 часот ќе биде промовиран првиот сет ПРИЈАТЕЛИ од психолошката игра со карти ДОБРО ПРАШАЊЕ. Сетот содржи 180 прашања распоредени во три нивоа (три кутии) од по 60 прашања.
За настанувањето на ДОБРО ПРАШАЊЕ ќе зборува еден од креаторите, Никола Гелевски, е пред публиката сетот ПРИЈАТЕЛИ ќе го претстават, токму низ играње, актерката Ивана Павлаковиќ, музичарката и писателка Хана Корнети, писателот Ѓоко Здравески, психологинката Маја Цветаноска и уредникот Никола Гелевски.
Публиката ќе биде активно вклучена во настанот и ќе има можност бесплатно да ги добие картите. Се разбира, сетот ПРИЈАТЕЛИ ќе може и да се купи.
Во Упатството за употреба пишува:
„Забавни и поучни игри со карти - тоа е целта на концептот ДОБРО ПРАШАЊЕ. Сакаме да поттикнеме креативни разговори и поврзувања меѓу играчите. Низ осмислено дружење, во атмосфера на искреност и доверба, без оглед дали играчите се стари пријатели или нови познаници, сакаме да откриваме важни работи за себе и за другите, отаде површните муабети.
Во повеќето од нас се кријат интересни приказни (понекогаш моќни, фантастични, скандалозни, потресни) кои чекаат да бидат отворени и слушнати, за да добијат нова смисла низ соочувањата, ехата и одблесоците.
ДОБРО ПРАШАЊЕ не е само игра, туку е интроспекција, авторефлексија, начин на запознавање и артикулирање. Учесниците во играта, откривајќи ги картите, разговараат меѓу себе и откриваат нови слоеви на поврзаноста. Прашањата опфаќаат различни аспекти на животот: емоции, лични уверувања и вредности, минати искуства...“
ДОБРО ПРАШАЊЕ го создадоа Никола Гелевски (уредник и писател), Емилија Георгиевска Наневска (психологинка и терапевтка), Љупка Евроска (лекторка) и студиото за графички дизајн КОМА.
Повелете на промоцијата!