НАТО и климатската криза

05.06.2025 02:38
НАТО и климатската криза

Глобалното воено зајакнување претставува егзистенцијална закана за климатските цели, според истражувачи кои тврдат дека само планираното вооружување на НАТО би можело да ги зголеми емисиите на стакленички гасови за речиси 200 милиони тони годишно.

Додека светот е вовлечен во најголем број вооружени конфликти од Втората светска војна, земјите започнаа бран на воени трошоци кои колективно достигнаа рекордни 2,46 трилиони долари во 2023-тата година.

За секој долар вложен во нова воена опрема, не постои само цена која се плаќа во емисии на јаглерод-диоксид, туку и пропуштена можност за инвестирање во климатски акции, предупредуваат критичарите. И сето тоа покрај огромниот број жртви од самите вооружени конфликти.

„Постои реална загриженост за приоретизирањето на краткорочната безбедност, жртвувајќи ја долгорочната сигурност“, изјави Ели Кини, истражувачка од Опсерваторијата за конфликти и животна средина и коавторка на студијата ексклузивно споделена со „Гардијан“. „Поради својата непромисленост, сега инвестираме во тврда воена безбедност, зголемувајќи ги глобалните емисии и дополнително влошувајќи ја климатската криза во иднина.“

Тоа, за возврат, веројатно ќе доведе до понатамошни конфликти, бидејќи климатските промени сè повеќе се сметаат за посреден поттикнувач на судири. Во регионот Дарфур во Судан, конфликтите се поврзуваат со борбата за оскудни ресурси по долготрајни суши и проширување на пустинските подрачја. На Арктикот, повлекувањето на морскиот мраз доведува до тензии околу тоа кој треба да ги контролира новооткриените резерви на нафта, гас и клучните минерални ресурси.

Ниту една армија не е транспарентна во однос на обемот на своето користење фосилни горива, но истражувачите проценуваат дека колективно веќе се одговорни за 5,5 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови.

Се очекува таа бројка да расте откако тензиите ескалираат во бројни региони и откако САД – со децении најголем светски воен потрошувач – дадоа сигнал дека очекуваат нивните НАТО-сојузници значително да ги зголемат ресурсите за своите вооружени сили.

Според Глобалниот индекс на мирот, милитаризацијата била во пораст во 108 земји во 2023-тата година. Додека 92 земји се вклучени во вооружени конфликти – од Украина и Газа до Јужен Судан и Демократската Република Конго – додека се зголемуваат тензиите помеѓу Кина и САД околу Тајван и повторно избувнува конфликтот помеѓу Индија и Пакистан, владите кои стравуваат од војна интензивно инвестираат во своите армии.

Во Европа, порастот беше особено драматичен: помеѓу 2021-та и 2024-тата година, трошоците на земјите-членки на ЕУ за оружје се зголемија за повеќе од 30 проценти, според податоците на Меѓународниот институт за стратешки студии.

Во март, вознемирена од намалувањето на воената помош и дипломатската поддршка за Украина од страна на Доналд Трамп, ЕУ најави дека ќе оди уште подалеку, со предлог за дополнителни 800 милијарди евра инвестиции низ целиот блок, претставени во планот ReArm Europe (Повторно вооружување на Европа).

Во анализа за Канцеларијата на Обединетите нации во врска со разоружувањето, Ели Кини со своите колеги го испита потенцијалното влијание на зголемената милитаризација врз исполнувањето на климатските цели. Она што го откриле било вознемирувачко: зголемувањето на емисиите како последица од повторната милитаризација на НАТО би било еднакво на додавање уште една популација од рангот на Пакистан на нашата планета.

„Нашата анализа конкретно се занимава со влијанието врз Целта за одржлив развој број 13, а тоа е климатска акција – преземање итни мерки за справување со климатската криза и нејзините последици“, рече Кини. „А она што го покажува нашата анализа, кога ќе се разгледаат различните цели, е дека глобалниот пораст на воените трошоци навистина претставува сериозна закана за глобалната климатска акција.“

Од сите државни тела, армиите се особено јаглеродно-интензивни. „Прво, поради опремата што ја набавуваат, а која во голема мера се состои од челик и алуминиум – чие производство создава големи емисии на јаглерод-диоксид“, изјави Ленард де Клерк од Иницијативата за пресметување на стакленичките гасови во војна, исто така коавтор на студијата.

„Второ, за време на операциите, армиите се многу мобилни. А за да се движат, користат фосилни горива – дизел за копнени операции и керозин за воздушни. За поморски операции, исто така најчесто се користи дизел, освен ако бродовите не се на нуклеарен погон.“

Со оглед на тоа што тајноста е типична за армиите и нивните операции, тешко е да се знае точно колку стакленички гасови емитуваат. Само земјите-членки на НАТО пријавуваат доволно податоци за своите емисии за научниците воопшто да можат да направат проценка.

„Го избравме НАТО зашто се најтранспарентни во однос на потрошувачката. Значи, не дека посебно сакавме да се фокусираме на НАТО, туку едноставно нивните податоци се најдостапни“, рече де Клерк.

Истражувачите пресметале колку би се зголемиле емисиите на стакленичките гасови доколку земјите-членки на НАТО, без да се сметаат САД – кои веќе трошат значително повеќе од останатите – го зголемат уделот од БДП што го издвојуваат за воени цели за два проценти.

Таквото зголемување веќе е во тек, бидејќи многу европски земји значително ја зголемуваат воената потрошувачка како одговор на кризата во Украина. Иако земјите-членки на НАТО јавно ветија дека ќе ја зголемат воената потрошувачка на 2 проценти од вкупниот БДП, истражувачите наведуваат дека планот ReArm Europe би можел да доведе и до зголемување на 3,5 проценти, односно од 1,5 проценти колку што изнесуваше во 2020-тата година. Истражувачите претпоставиле слично зголемување и за членките на НАТО кои не се дел од ЕУ, како што е Обединетото Кралство.

Користејќи методологија од неодамнешна студија која тврди дека секое зголемување на воената потрошувачка за 1 процент од БДП води до зголемување на националните емисии помеѓу 0,9 и 2 проценти, истражувачите процениле дека ваков шок од 2 проценти во потрошувачката би довел до зголемување на емисиите низ целиот блок од 87 до 194 мегатони јаглерод-диоксид годишно.

Истражувачите нагласуваат дека таков огромен пораст на емисиите не само што дополнително би го забрзал климатскиот колапс, туку и зголемувањето на глобалната температура негативно би влијаело врз економијата. Неодамнешните проценки за општествената цена на јаглерод-диоксидот – паричен показател за штетата предизвикана од емисиите на јаглерод диоксидот – ја поставуваат таа вредност на 1.347 долари по тон јаглероден диоксид, што сугерира дека годишната цена на военото зајакнување на НАТО би можела да достигне и 264 милијарди долари годишно.

А тоа е само дел од вистинската јаглеродна цена на милитаризацијата, истакнува Кини. „Истражувањето опфаќа 31 земја – што претставува само 9 проценти од вкупните светски емисии. Јасно е дека постои голем дел од светот кој не е земен предвид во оваа конкретна пресметка.“

Анализата исто така укажува дека зголемувањето на армиските буџети ги намалува достапните ресурси за политики насочени кон ублажување на климатските промени. Тоа веќе се случува – на пример, Обединетото Кралство го финансира зголемувањето на воената потрошувачка преку намалување на буџетот за странска помош – потег кој го следеа и Белгија, Франција и Холандија.

„Ова зголемување на воената потрошувачка ја нарушува основната форма на доверба што е неопходна за мултилатерализмот“, рече Кини. „На самитот Цоп29, земјите од глобалниот југ, а особено Куба, укажаа на лицемерието на присутните: државите се подготвени да трошат сè повеќе на војска, но нудат... неприфатливо ниски финансиски средства за климатски цели.“

Гардијан се обрати до НАТО за коментар.

Слики: Paolo Lombardi

Извор: https://www.theguardian.com/