1018 hPa
30 %

26 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 19:59
40 разговорни хаикуа меѓу еден маж и една жена.
Теа К.
Шах-мат
Чури оџакот.
Надвор ѕемне пес. Баба
Марта се чешла.
Руба за свадба.
Светки и пеперушки.
Романтичен танц.
Љуби опојни
жар-усни. Сластен вкус
на ликер од вишни.
Молчиме. Меѓу
нас летаат зборови.
Немаме крилја...
Поддршка
Солзиве влажнат
хартиено марамче.
Впиена тага.
Мрда разделник
на отворена книга?!
Опаш на мачка.
Играме оро.
Меѓу нас се фаќаат
тетки. Скинат флерт.
Калинка на два
дела. Стрчат рубини –
цело богатство.
Многупати ѝ
рече дека многу пати.
Таа не сфати...
Превртен филџан.
Во талог турско кафе,
втисната желба.
Прашка, Дрезденска,
Варшавска... Во маало –
европска тура!
По дожд, полжави
на куп. Цела населба
неплански куќи.
Во мрежа надвор,
вљубен пајак заробил
ѕвездено небо...
Јапонски цреши.
Расцутена улица –
шеќерна волна.
Нови обетки.
На ветрот танцуваат
со прамен коса.
Пајак свил дом во
мојот дом. Имам цимер.
Делиме сметки?!
Голо глуварче.
Го соголило ветре
со палав виор.
Група врапчиња
чрчорат гласно! Средба
на куќен совет.
Бистро поточе.
Мојот свет наопаку
се огледува.
Играме шах. Се
лутиш кога губиш. Ти
попуштам... Шах-мат!
Гето Руди
Шах-мат
Една фигура
гордo стои на табла.
Веќе е шах-мат?
Траг од детски смев –
на паркингот со креда
цртале „плочка“.
Светот в дупка!
Шарената џамлија
влезе во шлајка.
Школка шепоти
стари морски приказни...
Ветрот се вслушал.
Светулки ноќум
стојат на небесен свод.
Соба на бебе.
Полжав се качил
на старо, влажно топче.
И тој ќе игра...
Вагони мали
се влечат еден зад друг.
Тулумби слатки.
Лале омајно.
Колибрито олкацко
пикнато внатре.
Иглата грепка
по спиралниот винил!
Музички вител!
Под планината
гратче свиено в снег.
Ние под јорган.
Во капка роса
пајаче мие образ.
Калеидоскоп.
Канта за ѓубре
земал гавран да чисти...
По обратен ред!
Како полжави
вадиме глави надвор...
Ѕуница над нас.
Под мало крувче
заспал немирниот пес.
Виел цела ноќ.
Птици немеат.
Чувствуваат невреме
зад планините...
Срцевината
на кајсијата крие
горка вистина.
Кикот на лисје.
Ветерчок ги скокотка
шумските гранки.
Бравурозен брав
излета на патот прав,
смел, без ронка страв!
Поле косено,
цвеќето оросено –
се исперчил страк!
Не знам за друга,
одам по брачна пруга –
наидува воз!
Слики: Charles Doyle (1832-1893)
Извор за текстот: Теа К. и Гето Руди - Шах-мат (Чудна шума, 2025)