1017 hPa
27 %

28 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 18:59
Светската метеоролошка организација (СМО) објави извештај кој содржи нови научни проекции за климатските услови што можеме да ги очекуваме во наредните пет години.
Резултатите за најдобрите глобални климатски проекции што ги имаме велат: состојбата не е добра.
Како што наведува СМО, во периодот од 2025-та до 2029-та година може да се очекува продолжување на рекордните или речиси рекордни просечни глобални температури: овие пет години ќе бидат помеѓу 1,2 и 1,9 степени целзиусови потопли од нормалата од втората половина на 19-тиот век.
СМО предвидува дека постојат 70 проценти шанси овој петгодишен период целосно да ја надмине границата од 1,5 степени затоплување во однос на прединдустрискиот период.
Станува збор за граница што веќе беше надмината во 2024-тата година – првпат во историјата. Претходната година, која беше глобално најтопла откако се вршат мерења, беше за 1,55 степени потопла од периодот пред климатските промени да земат замав.
Дали тоа значи дека поамбициозната граница од Парискиот договор – запирање на глобалното затоплување на 1,5 степени – ќе биде надмината веќе во наредните неколку години?
Одговорот е – сè уште не.
Имено, како што ни 2024-тата година не го означи поразот на амбициозната цел од Париз, иако беше потопла за повеќе од 1,5 степени, истото важи и за петгодишниот период што доаѓа.
Со други зборови, долгорочното затоплување засега останува под 1,5 степени.
Првпат се појавува можност – 1 процент – една година од следните пет да биде за 2 степени потопла од прединдустрискиот период.
Во меѓувреме, СМО во својот извештај најавува дека во наредните пет години за првпат постои шанса да се појави година што ќе биде дури 2 степени потопла од прединдустрискиот период.
Таа шанса моментално е „само“ 1 процент, но со продолжување на емисиите на стакленички гасови, ќе расте во годините што доаѓаат.
Доколку емисиите не се ограничат во блиска иднина, и ваквите исклучително топли години – денес статистички малку веројатни – ќе станат новото нормално, со уште поекстремни временски услови.