Генерациски разлики

06.06.2025 03:54
Генерациски разлики

Генерациското толкување на општествените и политичките процеси и трендови веќе извесно време ужива привилегиран статус кај конкуренцијата. И претходно генерациските искуства и навики беа нагласувани при објаснување различни општествени феномени, но последниве десетина години, а можеби и подолго, генерациската оптика стана речиси рефлексна. За тоа постојат неколку причини.

Како и во случајот на спортските анализи, најпрво треба да се погледне што прави и како функционира конкуренцијата. Така можеме да забележиме дека веќе подолго време некогаш доминантниот алат – класната анализа во сите нејзини облици – не е особено атрактивен. Иако, на пример, нееднаквоста понекогаш се наметнува како централна тема на расправи и статии, и таа често добива генерациски призвук.

Самото зголемување на нееднаквоста сугерира дека кај претходните генерации нештата биле поинакви. Како клучна точка на тие расправи се издвојува прашањето за домувањето, кое некогаш било значително подостапно. Достапноста често се третира како елемент на генерациска судбина, а не како исход на промени во современата економија заснована на специфични односи на моќ.

Втората причина се однесува на некој вид површинска уверливост на генерациското толкување. Под тоа подразбираме дека нема особени разлики помеѓу интерпретациите што ќе ги изнесе некој стручњак на телевизија и пословичниот вујко на семејниот ручек.

Се разбира, реториката ќе биде поинаква – стручњакот ќе се повика на некои истражувања и со други слични потези ќе ја оправда својата репутација, додека вујкото веројатно ќе посегне по непријатни облици хумор – но содржината на нивните дијагнози нема премногу да се разликува.

Генерациските промени во однесувањето и навиките се видливи за сите, не е неопходно дополнително аналитичко и истражувачко знаење за да се препознаат. Тоа не значи дека не постои експертиза и во таа област, туку само дека стекнувањето знаење, но и предрасуди за генерациите, е поставено на подемократски начин. Затоа не изненадува и популарноста.

Можеме да издвоиме уште една причина за атрактивноста на генерациската оптика. Поедноставено, се работи за влијанието на интернетот и социјалните мрежи. И тука можат да се регистрираат два аспекти. Првиот се однесува на умешноста во користењето на новите технологии. Технолошкиот напредок и растот на продуктивноста последниве дваесетина години не се особено впечатливи во економски контекст во однос на последните два века, но потпирањето на технолошка експертиза во слободното време со индивидуални уреди не може да се спореди со претходните периоди.

Со оглед на постојаните промени и прилагодувања на кои сме изложени, очигледни се генерациските разлики во користењето на новата технологија. Снаоѓањето на децата од претшколска возраст со паметните телефони и организираните курсови за информатичка писменост за нашите постари сограѓани се доволни показатели.

Вториот аспект се однесува на новите простори на општественост што ги нудат интернетот и социјалните мрежи. Тие им овозможуваат на новите генерации да создаваат нов јазик, нови кодови и гестови, целосно неразбирливи за постарите генерации, бидејќи можат да си создадат свој свет без погледите и надзорот на постарите. Поточно, без потреба да го користат нивниот јазик и нивните обрасци на однесување. Во светот пред интернетот, тешко можеше да се постигне толку ефикасно генерациско одвојување. Физичкиот свет беше и остана премногу предизвикувачки за нешто такво.

Генерацискиот пристап кон решавање на социјалните и политичките енигми може многу лесно да се оспори, или барем значително да му се намали толкувачката вредност. Веќе споменатите класни разлики многу лесно се пренесуваат генерациски и токму поради тоа искуствата и хоризонтите на припадниците на генерациите се менуваат. Постојат и други општествени разлики кои се отпорни на генерациски промени.

Сепак, постојат одредени заеднички искуства што ги обликуваат генерациите и оставаат помали или поголеми трајни последици врз нивниот поглед на светот. За почеток, самиот поим „генерација“ не е така стар. Пред Француската револуција, надминувањето на феудалните општествени односи и доминацијата на капиталистичкиот начин на производство, генерации во денешна смисла воопшто не постоеле. Луѓето со векови живееле речиси идентично, а политичките исчекори што би ги следеле генерациските промени не се случувале бидејќи општествените односи биле ригидни, а економскиот напредок длабоко ограничен.

Дури подоцна доаѓа до значајни генерациски искуства што можеле да бидат обележани со нов вид војни, економски нестабилности, револуции, технолошки пробиви, редефинирање на родовите односи или пак збир од помали промени. И покрај сите замки и баналности на генерацискиот пристап кон општествените проблеми, тој не треба целосно да се отфрли.

Имено, тој ни служи како потсетник на историската димензија на нашите општества. А таа историска димензија ни кажува дека ништо не е однапред зададено во развојот на човечките општества, дека не постојат „природни“ општества и дека политичките промени се можни.

А понекогаш историската димензија се „открива“ и во рамки на генерацискиот раскол, а не само во разликите помеѓу генерациите. Веќе извесно време анкетните истражувања потврдуваат сè подрастични разлики во политичките ставови на најмладите гласачи и гласачки. Мажите на возраст од 18 до 29 години сè повеќе се наклонети кон радикално десничарски партии, додека жените од истата возрасна група се значително повеќе наклонети кон левичарски и либерални опции од нивните претходнички од минатите генерации.

Резултатите од анкетите, со мали осцилации, се потврдуваат ширум светот, а свој удел имаат и креаторите на бизнис моделите на апликациите за состаноци, кои во тој раскол гледаат предизвик за своите профитни маргини – бидејќи и бројот на „совпаѓања“ (matches) е намален. Како што се случува вообичаено, аналитичкиот фокус се префрла на машката страна и на дешифрирање на нивното однесување. Редовно се појавуваат текстови за „епидемија“ на машка осаменост, за сè потешкото соочување со наводните предизвици на модерниот свет, како што се, на пример, повисоките нивоа на родова еднаквост и слично.

Иако тука има интересен аналитички материјал, вреди да се забележи, следејќи го неодамнешниот увид на Габи Хинслиф на страниците на Гардијан, дека доминантната улога во тој генерациски политички раскол не ја игра машкото свртување кон десно, туку женското свртување кон лево. Всушност, помладите мажи во просек се насочувале кон десно во согласност со целокупното десно поместување на електоратот, додека женското свртување кон лево кај најмладата гласачка група е значително понагласено.

Причините допрва треба подетално да се истражат, иако некои од нив веќе се истакнуваат како веројатни. Преку историјата може да се забележи дека порастот на бројот факултетски образовани и економски поавтономни жени води до позначајно насочување на женските гласови кон левиот политички спектар. Сигурно е дека важен фактор е и поставувањето на абортусот и другите теми од областа на репродуктивното здравје како приоритетни политички прашања.

Во оптек се и поризични толкувања што анкетно потврдената изразена наклонетост на помладите жени кон редистрибутивни политики ја есенцијализираат и ѝ ја припишуваат на „вродената“ женска грижа и слични родови предрасуди. Која и да е најубедлива интерпретација, очигледно е дека станува збор за општествен феномен достоен за аналитичко и политичко внимание.

Аналитичко – бидејќи конечно треба да се укине монополот врз политичката автентичност на пензионираниот фабрички работник или на младиот деликвент со несигурна работа. Во никој случај да не се напуштат или занемарат, туку само да се прошири опсегот на легитимни политички искуства. А кога тој опсег ќе се прошири, тогаш се пишуваат и поинакви политички програми.

Слики: Frauke Theilking

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото