1017 hPa
27 %

28 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 18:59
„Простување“, Кица Колбе, „Или –или“
Утредента, уште во мугрите стигна на железничката станица во Хамбург. Купи весници и застана на перонот да го чека брзиот воз за Берлин. Секогаш кога за викендот беше во Хамбург, патуваше со овој брз воз затоа што со него стигнуваше за два и пол часа во Берлин. Така можеше да оди директно во ординацијата. Ги гледаше луѓето што патуваа со куфери, очигледно во подалечни места. Една фамилија со две малечки деца зборуваше на некој словенски јазик, од кој само по нешто разбираше. Помисли дека мора да се украински бегалци. Нивниот тивок разговор на мајчиниот јазик во туѓата земја во која нашле засолниште од војната, го потсети на првата година во странство за него и за мајка му. Тој така се туткаше кон мајка му и во шепот разговараше со неа на својот мајчин јазик. Зе него тогаш сѐ беше туѓо, како за овие деца. Обајцата не знаеја германски. Мајка му учеше во вечерното училиште за возрасни странци, а тој во училиштето. Кога ќе се вратеше дома, но најмногу за викендот, се чувствуваше заштитен во мајчиниот јазик, во кој секогаш го наоѓаше вистинскиот збор за вистинското чувство, а освен тоа, не мораше да се срами од својот изразит словенски акцент во говорот. Затоа кога и тој тогаш, на 11 години, се возеше заедно со мајка му со трамвајот, двајцата зборуваа тивко на својот мајчин јазик. Веднаш се сети дека тие часови на единствената заштитеност во мајчиниот јазик, во тоа време за него беа единственото чувство за татковина. Подоцна, кога обајцата научија доволно добро германски, сѐ почесто се случуваше и дома да зборуваат германски. Сега зборуваа постојано само на германски иако тој никогаш не го заборави мајчиниот јазик, на кој уште можеше да зборува и да чита. Тој, неговиот прв јазик, беше неговото скришно наследство. Додека го гледаше украинскиот татко како му ја става капата на синот, кој немаше повеќе од пет-шест години, му долета во умот прочуената сцена од филмот „Диви јагоди“ на Ингмар Бергман. Во тој филм, за него беше значајна само личноста на синот кој не сака да има деца. Се сети на последниот разговор со жената со која живееше десет години, кога таа никако не можеше да го убеди да го направат заедничкиот живот официјален, стапувајќи во брак. Во тој миг почувствува таква тегоба што посака да избега некаде далеку. Не можеше да се замисли себеси во улогата на татко. Сега, како стариот татко во „Диви јагоди“, одеднаш се виде себеси во украинските деца, на единаесет години. Во еден момент неочекувано се сети на детето од костени. Тоа беше првото сеќавање на татко му кое ненадејно се врати во него додека ги гледаше украинските деца. Ја виде само раката на татко му, како ги боцнува костените со остро стапче и од тоа прави човечка фигура. За него тоа беше дете од костени. Посака да се јави кај мајка му за да му потврди дали татко му за него навистина му правел играчки од костени. Брзо се покаја затоа што посака тоа прво сеќавање да го сочува за себе. Татко му беше за него како непозната или заборавена земја. Не сакаше да отпатува во земјата во која се роди затоа што таа за него беше непозната земја. Зошто сега, по триесет години, мајка му помисли дека e добро тој да оди во празната куќа? Затоа што тој таму веќе не ќе може да го сретне татко му? Колкава омраза мора да чувствувала за татко му кога во изминатите триесет години се трудеше со сите средства синот да го заборави? Не му кажа ниту која е неговата професија. Таа како да беше благодарна што тој од траумата на разделбата со татко му заборави сѐ од детството во тој град и во таа куќа. Ако тоа ѝ бил планот, мајка му успешно го оствари. Татко му за него беше туѓинец. Се прашуваше што тој толку ѝ згрешил, што посакала да го избрише не само од нејзиниот, туку и од неговиот живот? А сега му вели дека би било добро за него да оди некое време во куќата. Затоа што била празна и затоа што сакала да ја продаде. Чувствуваше силен гнев кон мајка му, но и немоќ да смени нешто во својот живот. Истата немоќ често ја чувствуваше и порано, затоа понекогаш имаше чувство дека мајка му го држи под контрола како во кафез од нејзината љубов и грижа. Во исто време, со своето однесување, со очајот затоа што станала самохрана мајка која не може да најде достојна замена за татко му, кај него од дете го негуваше чувството дека тој мора да се грижи за неа.
***
„Тајни“, Јордан Коцевски, „Антолог“
Саше влезе во автомобилот и ја тресна вратата.Свирката од автомобилот одекна во празниот двор неколкупати последователно. Раката му остана во тупаница на свирката уште неколку секунди пред да го стартува возилото. Посегна по телефонот и испрати една порака. Почна да вози. Не го чекаше одговорот во близина на вилата. Штом излезе од населбата, телефонот му титна. Погледна. Ја доби адресата од домот на адвокатот. Го фати воланот со двете раце. Ги зари и забрза.
Не можеше да сфати... Не, можеше да сфати, но не сакаше да го прифати тоа што му го кажа татко му. Тоа не беше закана. Тонот со кој го кажа беше како да кажува факт. Имаше молба во последната реченица. Трепет кој откриваше и доза на страв. Татко му никогаш не прашуваше, не молеше, туку кажуваше што треба да се направи и како. Без зошто. Затоа замина. Затоа не го бараше. Затоа ретко разговараа, а уште поретко се гледаа. Само за празници. А сега...
Сега му рече да не си ја работи работата. Ниедна тајна не е толку вредна за да го натера да замиже пред вистината. Сигурно не сопствената. Па што ако се дознае? Ќе ја загуби работата? Полошо беше од само тоа. Ќе загубеше сѐ. Дали правдата на еден кутар непознат човек вредеше за неговата слобода? Да. Не. Да. Удри со тупаница по воланот. Токму од овие причини стана полицаец и покрај инсистирањата на татко му да студира менаџмент. Сакаше да се бори против дискриминацијата базирана на богатство. Да ги спречи богатите копилиња да се извлекуваат.. А успеваше во тоа? Да. Не. Тој, да. Системот не. Гледаше како судиите ги ослободуваат и покрај доказите.
Зошто возеше кај адвокатот? Што ќе постигне со тоа? Ќе му каже ли дека прифаќа? Или не?Размената беше едноставна. Молкот на адвокатот за слободата на раперот. Или тоа му беше целта на адвокатот, да го намами да мисли така. Затоа што ако доказите исчезнеа, адвокатот ќе имаше уште една тајна.
Стомакот му се згрчи од помислата. Зборовите на татко му. Ако помогне се фаќа на орото и нема назад. Само тука беше проблемот. Ова оро, го започна тој многу одамна, сега го водеше адвокатот.
„Копиле!“
Колку ли само услуги му завршил татко му? И за кого? Зашто ова што се бараше од него беше за некој друг, не лично за адвокатот, а тоа пак го ставаше „спасениот“ во иста ситуација како него. Да му должи на адвокатот.
„Гнида...“
Се трудеше да не размислува, да го прекине кругот во кој му вртеа мислите. Вената на челото му беше испакната. Гневот кој му се збираше зрачеше низ секое нејзино пулсирање. Дланките толку силно го имаа фатено воланот, што рацете му беа побелени. Веѓите речиси му се допираа. Вилицата му беше згрчена. Ја игнорираше слабата болка крај ушите. Беше покриена од бучниот пулс.
Во таква состојба дојде пред облакодерот. Ја остави колата на паркингот од спротива. Не обрнуваше внимание на сообраќајот кога ја премина улицата. Еден возач мораше нагло да закочи. Свирежот од неговиот автомобил и зборовите што следеа не допреа до Саше.
Влета низ вратата од зградата во пространото лоби. Немаше време да се воодушевува на луксузот и деталите во просторот. Бараше каде е рецепцијата. Делот за резиденти не беше достапен без најава или код. Го олабави грчот на лицето за да го добие неговиот безизразен „службен“ лик пред да се доближи до рецепционерот. Ја постави легитимацијата на пултот.
„Виш инспектор Саше Левески. Треба да го посетам адвокатот Евгениј Реџепи. Службено.“
„Момент, да проверам дали е дома“, рече рецепционерот и посегна по телефонот.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.