Приватизација на парите

09.06.2025 02:08
Приватизација на парите

Пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка обично се неинтересни настани кои бргу паѓаат во заборав. Но годинава не беше така. Шефовите на неколку централни банки се вратија од состанокот мошне исплашени. Причината е баучот наречен GENIUS – предлог-закон за стабилни криптовалути, кој наскоро треба да биде усвоен во Конгресот на САД, во духот на претседателската уредба за формирање стратешки резерви во криптовалути што Доналд Трамп ја објави на 6-ти март.

Шефовите на централните банки досега ги гледаа криптовалутите главно како пречка која, за среќа, нема капацитет сериозно да го наруши функционирањето на монетарните системи со кои управуваат. Но, изгледа дека тимот на Трамп сега одлучил стабилните криптовалути поврзани со доларот да ги направи дел од нова стратегија за преуредување на глобалниот монетарен систем (што, патем, ќе донесе огромно богатство на врховниот шеф и неговото семејство).

Претседателите на централните банки особено ги вознемируваат подлабоките импликации од ваквата политика. Станува збор за намерно и хаотично демонтирање на монетарниот поредок воспоставен во 20-тиот век, кога централните банки беа единствените архитекти на паричниот систем. Додека GENIUS воведува можност за тргување со приватно издадени стабилни криптовалути, паралелно се подготвува нов закон со кој на Федералните резерви на САД им се забранува да издаваат сопствена дигитална валута (CBDC), со што виртуелните пари во сопственост на приватни корпорации практично се прогласуваат за новиот чувар на доларската хегемонија.

Тоа не е никаква иновација. Тоа е непријателско преземање на паричната маса. Во отсуство на сериозна законска регулатива, стабилните криптовалути нема да бидат ниту стабилни ниту прифатливи како едноставна алтернатива за доларските плаќања. Тие се тројански коњ на приватизацијата на парите што доаѓа.

Европската централна банка е свесна за опасноста. Кога хартиите од вредност ќе мигрираат на блокчејн, токенизираните обврзници, акции и деривати ќе создадат потреба за соодветен систем за порамнување. Решението што го нуди Европската централна банка е дигиталното евро. Така би се обезбедило јавните пари да останат темел на финансискиот систем. Но, на тоа досега се противеа германските и француските приватни банки. Сега ЕЦБ има уште една, поголема главоболка: со забраната за CBDC и давањето зелено светло за стабилните криптовалути, САД тргнаа во спротивна насока. Тимот на Трамп не само што го отфрла јавниот дигитален паричен систем, туку и одржувањето на доминацијата на доларот им го препушта на најмрачните сили во рамки на големите технолошки компании.

Иронијата е гротескна. Истите либертаријанци кои бараат укинување на државниот апарат, сега ја молат државата да ги прифати нивните стабилни криптовалути како де факто официјална валута. Уште полошо, приватните издавачи бараат пристап до билансот на Федералните резерви за да ги користат резервите на централната банка како покритие за нивните валути. Замислете свет во кој некој Tether, Circle или X Token на Маск добиваат имплицитна поддршка од Министерството за финансии на САД и покрај тоа што оперираат надвор од рамките на банкарското законодавство. Тоа не е само регулаторна арбитража – тоа е монетарен феудализам.

Да не заборавиме, Америка во 19-тиот век живееше во монетарна дистопија од таков вид. Илјадници приватни банки издаваа сопствени банкноти, а честите бранови на финансиска паника ја оставаа јавноста, особено работничката класа, со купишта безвредна хартија во рацете. Дури и Џ. П. Морган се чувствувал загрозено во таков систем. Затоа ги принудил федералните власти и другите банкари да ги основаат Федералните резерви како јавна институција со задача да ја стабилизира вредноста на парите.

Сега Соединетите Држави се враќаат во минатото – повлекувајќи го со себе и остатокот од светот. Во запрепастувачки пресврт на 23-ти јануари, Трамп објави уредба за зајакнување на американското водство во дигиталните финансиски технологии, во која стабилните доларски криптовалути се опишани како инструмент кој ќе го „промовира и штити суверенитетот на американскиот долар“. GENIUS (чие финално издание сè уште не е објавено) е рецепт за нова ера на финансиски див запад, во која стабилните криптовалути – поврзани со доларот, но под контрола на приватни актери – ќе ја преплават глобалната економија со дигитални псевдодолари. Приватните стабилни криптовалути немаат никакви шанси да ја задржат врската со доларот откако ќе добијат официјално одобрување од федералните власти и нивната вредност нагло ќе порасне. Дури и земјите што ќе го отфрлат доларот ќе останат заробени во неговата дигитална сенка.

Европа се спротивставува. ЕЦБ ја препознава егзистенцијалната закана и се обидува во најкраток рок да воведе „жирален CBDC“ – дигитално евро наменето за институционални трансакции кое ќе функционира како контролна точка, како брза и груба хибридна верзија на систем кој ги поврзува традиционалните платни системи со блокчејн инфраструктурата. Таквото решение треба да ни купи време додека не се воспостави пофина структура на порамнување, откако ќе се надмине отпорот на приватните банкари кои профитираат од постојната состојба.

Но тогаш можеби ќе биде предоцна. Додека Европа се влече со комитети, Соединетите Држави дејствуваат. Уредбата за пазарите на крипто-активи (MiCA) веќе го исфрли Tether од Европа – не зашто уредбата е премногу строга, туку затоа што политичкото раководство на ЕУ сè уште не сфаќа за какви влогови станува збор. Ако стабилните криптовалути станат основни пари на крипто берзите, во децентрализираните финансии и придружната економија во настанување, половично завршеното дигитално евро на Европската централна банка ќе пристигне на бојното поле откако војната веќе ќе биде загубена.

Земјите во развој се соочуваат со тежок избор. Веќе трпат штети од доминацијата на доларот, а сега мора да решат дали да ги забранат стабилните криптовалути (и да го изгубат пристапот до тековите на крипто капиталот) или да создадат сопствени верзии и да се обидат да се натпреваруваат со ефектите на мрежата кои се на страната на доларскиот систем. Третата и најмалку привлечна алтернатива е да се предадат на нов – и уште поопасен – облик на де факто доларизација.

Единствената централна банка која планираше однапред беше Народната банка на Кина. Имајќи на располагање луксуз во вид на сопствен, веќе функционален дигитален јуан, PBOC може да си дозволи да одбие официјализирање на стабилните криптовалути и едноставно да ги забрани.

Но и во тој случај останува нерешена голема дилема: кинеските јавни и приватни институции имаат акумулирана заштеда од приближно 4,5 трилиони долари. Дали треба да се ослободат од тие резерви и со тоа да им дадат поттик на плановите на тимот на Трамп за уривање на вредноста на доларот, или е подобро да ги задржат и да ги трпат турбуленциите што Трамп толку вешто ги создава?

На долг рок, разгранувањето на монетарниот систем ќе доведе до продлабочување на геополитичката и геоекономската неизвесност. Двата паралелни монетарни системи – еден заснован на јавни пари издадени во Кина, Индија, можеби и во еврозоната, и друг кој користи приватни пари, со сè поизразена доминација на стабилни криптовалути поврзани со доларот – неизбежно би се судриле. Не треба да се плашат само луѓето во централните банки.

Карикатури: Musa Gumus

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото