1018 hPa
30 %

26 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 19:59
Мораше и тоа еднаш да се случи,
или да се повтори со сета своја силина.
влезот во лавиринтот зјаеше како бездна
а раката господова ме влечеше кон неа
како прелест на која не може да ѝ се устои.
она што не го насетив
беше тоа што внатре, во густата темнина,
зад секој агол на неброените ходници,
ме демнеа многу безлични суштества
и се нафлуваа врз сите здрави и болни места
како ѕверки врз тукушто стасана жртва.
сѐ што не се осмелуваа на видело
го сторија откога ги сокри мракот:
ме потураа со врела вода,
ми ги сопинаа нозете,
ме удираа подмолно зад грб,
посегаа по срцето и членовите,
ми ги распнуваа сетилата,
особено се грабаа за главата
да го исфрлат од неа
она што гледа и памети.
она што сепак најмногу ме зачуди,
а што доби зловесто лице,
беше гневот на оние на кои долго им верував
и кон кои сега среќен итав
препознавајќи им го во мракот гласот.