1017 hPa
25 %

29 °C
Скопје - Саб, 14.06.2025 17:59
Уште еднаш се тресе гората европска, бугарска и мацедонска, и повторно ќе сведочиме на раѓањето на уште еден политички глушец. Што ја тресе катаклизмично гората унијска, што тоа ги ведне дрвјата илјадагодишни како да го молат за милост Персеј, богот на уништувањето, безбели на земјата ѝ дошол судниот ден? Гората ја тресе громовитата декларација на тукушто испиленото бугарско собрание, со која едногласно и без воздржани гласови го осуди извештајот на Томас Вајц, известувачот на ЕП за напредокот на пристапувањето на Северна Македонија.
Со моќен и траорен глас, како да доаѓа од подземниот џенем, декларацијата го осуди извештајот како „неврамнотежен“ и побара отстранување на Вајц од функцијата известувач. Причина за оваа јаросна декларација, што цели да ги корне древните европски дабови, е што во „неврамнотежениот“ извештај за македонскиот несопирлив напредок во исполнувањето на непостоечките европски вредности, на дури четири места била повторена потполно неприфатливата, лажна и провокативна формулација: „со почитување и признавање на македонскиот јазик и идентитет“?!
Каква дрскост и „неврамнотеженост“ на Томас Вајц, кој со иритантното повторување на фразата за признавањето на македонскиот јазик и идентитет, го доведува ЕП во заблуда инсинуирајќи дека овие непостоечки нешта всушност постојат?! Се надеваме дека Европскиот парламент ќе ги исправи овие „неврамнотежени“ бесмислици на непожелниот известувач и ќе ги прифати бугарските добронамерни и врамнотежени формулации дека Македонците – кога не мукаат, рикаат или лаат – зборуваат на „својот“ јазик, патем, се разбира, поседувајќи го нивниот „сегашен“ национален идентитет.
Е, сега. Што човек да мисли и чувствува за овие политички катаклизми што го дробат континентот, кога очигледно живее во време во кое политичките елити што се на власт – не само во неговата земја, Македоња Вечна, туку и во целата неотсонувана Европа – имаат коефициент на интелигенција што не ја надминува собната температура изразена во Целзиусови степени? Како дојдовме до овој бескраен апсурд, во кој по којзнае кој пат, повторно и повторно, дипломатски просјачиме за некакви потврдувања и признавање за тоа кои сме, што сме, и на кој јазик зборуваме?
Всушност, прашањето што го актуелизираат Бугарите и не е што сме, туку поточно – дали сме нешто? Или сме ништо?
Зашто, конечно, ако се прочита бугарскиот Објаснувачки меморандум, во кој е сè убаво објаснето, секому станува повеќе од јасно дека сите бугарски влади и сите парламентарни состави, од кога со победа на руското оружје во Руско-Турската војна 1878 Бугарија од ништо стана автономно нешто, па преку славното обединување на Европа под палката на Хитлер, и преку миговната сегашност сè до недогледната вечност, тие ќе го имаат истоветното становиште за родната ни Македонија, како што го имала и владата на премиерот Филов во пролетта 1941 година.
Од Објаснувачкиот и од секоја бугарска парламентарна декларација или претседателска или која и да е политичка објава, ечат зборовите на Богдан Филов пред егзалтираниот бугарски парламент, на 17 април оловната ‘41.
Претседавачот на парламентот му дава збор на премиерот Филов со следните воведни зборови: „Господа народни пратеници, ќе ви се обрати премиерот во врска со заземањето од страна на нашите воени сили и администрацијата на новоослободените блгарски територии.“ Парламентот се тресе од овации и еуфорична врескотница. Филов безмалку на раце го пренесуваат на говорница, каде што тој го објаснува вечниот бугарски став за Македонија: „Целиот блгарски народ денес гледа како се остваруваат неговите идеали за создавањето една моќна и обединета Блгарија, од Дунав до Белото Море, и од Охрид до Црното море!“. Го прекинуваат заглушувачки овации на преполниот парламент „урааа, урааа, ураааа“. Филов продолжува: „Блгарскиот народ секогаш ќе искажува најголема благодарност и високо признание кон силите на Оската и кон нивните големи водачи Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го остварија обединувањето на Блгарија. Овие чувства се особено силни кон Германија, чиишто војски дејствуваа во Македонија и во Беломорието, и кои на тој начин беа непосредните ослободители на овие блгарски земји.“ Итн. И на тоа слично, повторно и повторно, сè до последнава декларација што по илјадити пат го кажува истиот блгарски сон, се разбира со други зборови, прилагодени на политичките моди на денот.
Зошто тогаш било потребно германскиот парламент со правно необврзувачка декларација да ги признава веќе 80 години еманципираната македонска нација, идентитетот и јазикот, и зошто било потребно во извештајот на добронамерниот Вајц, дури четири пати – исто така правно необврзувачки – повторно да се „признава“ македонскиот јазик и идентитет?
Се разбира дека и во двата случаи луѓето со добар наум целеле со купови флоскули (цветни ливчиња) да ја прикријат планината од гомна што Унијата самата ја израсна во процесот на нејзиното проширување, особено во случајот со нашата родна Македоња. А реата од таа гомнена планина веќе премногу очебијно (или носоштипно) укажува на болниот и смрдлив факт дека веќе одамна не постојат вредностите со кои сѐ уште во Европа здушно се мавта, и дека во ЕУ членуваат купишта земји што не само што не ги исполнувале ни најосновните критериуми во времето на нивниот прием, туку гордо и гласно не ги исполнуваат ниту денес! И најсмрдливиот и со самото тоа и најреалистичниот факт: дека за приемот во Унијата е потребно задоволувањето само и единствено на геополитичките или – што е уште полошо – на дневнополитичките интереси на Унијата и на нејзиниот прекуокеански хегемон. А дека пафтањата со „критериуми“, „вредности“ и „реформи“ служат само симболично да ја „растераат“ малку густата реа на политичката канализација на „реалната“ стварност.
Но, ова ќе беа бајати и неважни вести од соседството и од седиштето на европскиот Голем Брат во Брисела града, тие да не ја генерираа нашата сопствена домашна катастрофа, силувањето на секогаш девствената Македониичка од страна на друмските бандити од вемерето. Се разбира, срамниот акт на силување на аспирантката секогаш се случува во so прнар зараснатите ендеци од темниот и каллив пат за Европа. И да, бугарските смрдеи ќе беа предмет на улични вицови в наште стрни, но тие секогаш и закономерно ја креваат плимата на македонското понижување, на тоа масовно чувство на инфериорност што пак секогаш го подигнува бранот на јарост кај разочараните мацедонски народни маси. А на овој цунами бран буквално секогаш сурфа и плови нашето псевдо-фашистичко или крипто-фашистичко или, ако сакате, фашистичко ама во куси панталони ВМРО.
И така, цунами смрдеата што се тркала ко лавина од гомнената планина составена од никогаш напуштените бугарски фашистички аспирации (кон младата и наивна аспирантка на членство во машкиот европски клуб) секогаш и повторно ги носи на власт нашите вмровци, Мајсторите на комплексот на пониската вредност и Витезите родени со чувство на пониженост. А кога е ВМРО на власт во Македоња, нашето пропаѓање се забрзува експоненцијално, нашите институции се празнат секавично од разум и чесност, а вмровскиот парадржавен паразит се дебели и расте, голтајќи сѐ што уште може да се исшмука од телото на болната татковина.
Се разбира дека нема кого друг да обвинуваме за нашата сопствена несреќа, зашто носиме смртоносен паразит во телото, вовлечен таму длабоко многу време пред и да се родиме. Но, лудо би било и да ја ослободуваме Европа од нејзината одговорност: прифаќајќи ги бугарските фашистички аспирации кон македонската територија, историја и култура, како легитимни барања на земја членка, унијата ја уништи проевропската власт на СДСМ и ја донесе ВМРО на власт. Така испадна дека во вистинска синергија и во истата смртна насока нѐ буткаат и бугарското и македонското вмро, но и европскиот политички кретенизам, кој, за жал, цврсто го јавнал континентов, како нозете да му сраснале со узенгиите.
Слики: Walter Popp (1920-2002)
Извор за текстот: Слободен печат