Психопатите како човечки идеал

13.06.2025 14:07
Психопатите како човечки идеал

Психолошкото профилирање на политичките противници напредните тајни служби почнаа да го ползуваат уште пред повеќе од 80 години, а нешто подоцна оваа психолошка метода почна да се употребува и во големите полициски потраги по сериските убијци што ја скандализираа втората половина од 20 век. Денес психолошкото профилирање – кое, рака на срце, со својата лапидарност и пророчка самодоверливост заличува повеќе на астролошките карактери на луѓе родени под ист знак – е веќе толку одомаќена метода што се употребува и во помали фирми при интервјуирањето за вработување. Да не ги спомнувам алгоритмите за психолошко профилирање на луѓето што за секаква намена и цел ги користат буквално сите информатички и технолошки гиганти во нивното управување со светот.

Бидејќи веќе одамна сите станавме „стручњаци“ во препознавањето конкретни личности само од читањето на нивните психолошки профили, претпоставувам дека без проблем сите ќе го препознаете следниов лик: „неговите основни правила се: никогаш не дозволува јавноста да се ‘олади‘; никогаш не признава грешки или дека не е во право; никогаш не признава дека кај непријателот може да постои и трошка добро; никогаш не остава простор за алтернативи; никогаш не признава вина; се концентрира на еден непријател и него го обвинува за сè што ќе тргне на лошо; луѓето попрво ќе поверуваат во голема лага отколку во мала; и ако ја повторуваш доволно често, порано или подоцна тие ќе ѝ поверуваат“.

Веднаш се препознава дека се работи за политички лидер и дека без секое сомневање човекот е чист психопат (што можеби е плеоназам, зашто оштетената психа и нарцистичкиот карактер е премногу чест ментален услов некој да сака да стане политички лидер). Се покажува, меѓутоа, дека препознавањето на конкретниот лик од овој опис и не е така лесно, зашто излегува дека бројот на кандидати се зголемува како што го шириме азимутот на истражувањето. На пример, нашиот неприкосновен премиер – панацејата за сите македонски историски проблеми, особено оние што ги создала претходната власт – во потполност одговара на профилот, што велат старите скопјани: плукнат он! Но, малку да го свртиме погледот, наназад во минатото, или на страна – по светскиот политички хоризонт, ќе препознаеме уште купишта ликови што се „плукнати“ исти со нашиот натпреварувач, со идентични карактерни својства и практичен политички модус вивенди како и опишаниот психопат во профилот.

А всушност, вие веќе погодивте, се работи за психолошкиот профил на лицето Адолф Хитлер, што во почетокот на Втората светска војна го беше изработила ОСС, тогашната американска воено разузнавачка служба. И сега?! Излегува дека огромното мнозинство денешни премиери и претседатели – особено од развиената либерално демократска северна хемисфера – го делат истиот психолошки профил со незаборавниот Адолф.

Причините за оваа непријатност можат да бидат повеќе: можеби банкротирањето на неолибералистичката парадигма и кризата на вредности во земјите на либералниот капитализам, односно разоткривањето на поразната вистина дека целото време наместо вредностите ни биле подметнувани голи пропагандни срања, самото по себе создава атмосфера на нихилизам што на површина ги исфрла психопатите, параноичарите, самоумислените пророци и другите ментално декомпонирани ликови? Или, можеби планетарните финансиски ломови кои докажано ги разнишуваат не само темелите на глобалниот капитализам, туку ја дробат и психо-социјалната структура на капиталистичките општества, создаваат клима на тотална несигурност и неверба, која ѝ погодува на појавата на политички измамници со огромна самодоверба и на неа обратнопропорционален пилешки мозок? Или, пак, поплавата на политички елити одлепени од стварноста дојде како последица од генерациите што израснаа во едноумието на монополарниот свет потопени во густата пропагандна „вистина“ за најслободниот и најдемократскиот рај во кој имаат среќа да живеат, вистина што како витриол им ја растопи сивата мозочна маса престорувајќи ја во чорба од јагнешки мозок, таканаречената магданозлија? Или, конечно, можеби е тоа спонтана револуција на кретени, изведена „одоздола“ како природен бунт на заглупавените маси што своите најголеми идиоти како пена ги исфрлуваат на површина, претворајќи ги во политички лидери? Не може да се знае вистината, не сè уште…

Како и да е, и економската депресија што започна со ломот на њујоршката берза во 1929 година, и оваа што ја живееме сè уште, која започна во 2008 на истата адреса како и претходната, му погодуваат на растот и јакнењето на фашизмот.

Првиот пат тоа беше оригиналниот фашизам и нацизам, овој пат тоа се политички формации што себеси се нарекуваат либерални демократи или зелени или кој знае какви се не други демократи што го претставуваат олигархискиот крупен капитал. И оние првите и овие последниве имаат едно единствено решение за банкротот во кој се лизга капиталистичката северна хемисфера, таканаречениот „колективен запад“. И овој пат, како и во мрачните триесетти и четириесетти години, единствениот излез на банкротираниот либерален капитализам е војната. Првин режираната политичка радикализација, потем милитаризацијата на општествата односно преоѓањето на воена економија, и на крајот една убава светска војна како конечно решение на проблемите.

Објаснувајќи ја војната како закономерна последица на капитализмот, еден од најмоќните умови на минатиот век и гениј на пишаниот збор – Бертолд Брехт, на неповторливо јасен начин, без да нè води низ историските и политичко-економските бездни на капитализмот, ги поврза капитализмот, фашизмот и војната. За него „фашизмот е историска фаза во која стапил капитализмот“, па „пресметката со фашизмот е можна само како пресметка со капитализмот, со најсоголениот, најсуровиот, најнеспорниот и најнечесниот капитализам“. Брехт ни ја открива единствената формула на сите модерни капиталистички војни, и воедно единствената политичко-економска вистина на војната како таква: „Некои земји се во состојба своите сопственички односи да ги одржуваат со помалку насилни средства отколку други. Ним демократијата и понатаму им го овозможува она за што другите мораат да посегнат по насилството, имено, гаранцијата за власт над средствата за производство. Монополот над фабриките, рудниците, земјиштето, секаде воспоставува варварски услови, само што овие се обично помалку видливи. Варварството станува видливо оној момент кога монополот мора да се штити со отворено насилство“. И, на крајот, Брехт ја постила вистината пред сите нас: „Оној што сака да ги опише фашизмот и војната, тие големи неприродни катастрофи, мора да создаде една практична вистина. Мора да покаже дека овие катастрофи им се приредуваат на големи маси луѓе што работат без сопствени средства за производство, секогаш од страна на сопствениците на овие средства“.

Во Брехтовата анализа на капитализмот, фашизмот и војната, природно се вклопуваат иконите на денешницата, кои се сите без исклучок тотални психопати: од Стив Џобс и Џеф Безос, до Марк Цукерберг и Илон Маск, а преку купиштата политички марионети какви што се Џо Бајден, Борис Џонсон, Доналд Трамп, Урсула фон дер Лајен и Аналена Бербок, а да не ја спомнувам шефицата на европската дипломатија Каја Калас. Која – како и Цукерберг – зборува и гледа како да е примитивна верзија на синтетички лик креиран од пролупаната прва генерација анимации создадени од таканаречената вештачка интелигенција. Слободно учукајте го името на Марк Цукерберг, основачот и сопственик на Фејсбук и Мета, еден од најмоќните и најбогатите луѓе на светот, и на екранот ќе ви се појави лик што има помалку човечност во себе отколку што имаат пластичните кукли на Барби и Кен. Тоа е гол факт: Аналена веројатно се двоуми околу бројот на страни во триаголникот, Бајден не знаеше кутриот ни каде е вратата од овалната просторија во која е концентрирана најголемата моќ на планетата, а нашата европска премиерка Фон дер Лајен ја води Европа во воена економија што првин ќе побарува 5 насто од БНП на земјите членки на Унијата за воената индустрија и општата милитаризација на континентот, што закономерно ќе води кон ескалација на сите постојни воени судири и, се разбира, кон општата пропаст како конечно решение.

Основната формула на фашизмот е, да се потсетиме, ултранационалистичката политика на идентитетот, комбинирана со стопувањето на политичката и на економската моќ на државите, односно со капиталистичката воена економија и диригираната милитаризација на општествата. Смртоносен коктел што Европа денес безалтернативно го нуди како единственото и конечно решение на сите проблеми. Сè е како кај Орвел: Војната е мир, смртта е живот, а психопатите се човечкиот идеал.

Слики: Irene Vonneuendorff

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Европа / Графички Дизајн / Балкан

ОкоБоли главаВицФото