1009 hPa
24 %

36 °C
Скопје - Нед, 20.07.2025 14:59
Еден од силните гласови на отпорот против Израел во Италија е писателот, актер и музичар Мони Овадија, син на родители Евреи. Тој е глас на отпорот веќе четириесет години. Неодамна, на собир за поддршка на Палестина на плоштадот Сан Бабила во Милано, одржа говор кој во Италија беше означен како жесток, а го пренесоа неколку веб-страници. Такво е времето, таква е и денешна Европа па говорот на човечката разумност се нарекува „жесток“. Овадија дозволи нашиот весник да го објави неговиот говор. Тој не го читал говорот — пишана верзија не постои, а она што следи е прилагоден превод од неговото усмено излагање:
Прашањето за геноцидот врз Палестинците не се однесува само на Палестина, која ја плаќа цената со животите на своите жители и своите деца, туку се однесува и на фактот дека многумина немаат став за овој геноцид! А да се има став по прашањето за геноцид не значи да се заземе некаква партиска страна, туку страната на човечноста, а против варварството. На Човештвото му требаа векови и милениуми за да дојде до Повелбата за човековите права, а таканаречените западни демократи од меѓународното право направија сопствен мираз. Ако утре има некаков суд за геноцид, сличен на оној што обично се нарекува Нирнбершки процес, тогаш јас би сакал да се избере некое друго име. Зашто во Нирнберг победниците им судеа на поразените. Значи, за тој суд мораме да најдеме друго име. Злосторниците, ционистичките убијци, сигурно ќе седат на обвинителната клупа на тој трибунал, но на него ќе треба да им се суди и на сите претседатели на Соединетите Американски Држави. И на сите влади, и на сите влади на денешна Европа.
Нека не се залажуваат рамнодушните, оние што божем тажат. Грамши нè научи дека рамнодушните се најгнасните и најкукавичките, зашто не преземаат одговорност. Данте зборуваше за таквите, ги нарекуваше ignavi: „Не занимавајте се со нив, погледнете ги и одминете ги.“ На тие што, дури и соочени со денешната бестијалност и безобѕирност, не го креваат гласот, им порачувам: ќе бидете осудени, не залажувајте се. Вашите деца ќе ве повикаат на одговорност, и вашите внуци. Ќе ве погледнат во очи и ќе ве прашаат: „Каде бевте?“ А вие ќе ја наведнете главата и вашите деца ќе ви плукнат в лице поради вашиот кукавичлук.
А на лидерите на Европа, кои наводно се разбудиле, им велам дека палестинскиот народ веќе 77 години е изложен на прогони, убиства, мачење, му се одзема имотот, се вршат секакви тортури врз тој народ. А каде беа овие господа сето тоа време? Јас уште пред четириесетина години ја започнав мојата жестока борба. И за неа добив куп навреди, клетви, закани — дури и со смрт. Нема поголема чума во оваа земја од таа нивна умереност. Умерените ни ја дадоа мафијата, ндрангетата, камората, соработката со злосторници во злосторства — па умерените ни ги дадоа Виетнам, а неодамна и Либија, Ирак, Авганистан, Сирија.
Знаете ли дека жртвите на американскиот империјализам и неговите слуги и подлизурковци се проценуваат на бројка меѓу 55 и 60 милиони? А империјалистите сè уште го оцрнуваат комунизмот. Имаат храброст за тоа. И образ. Мораме гласно да им се спротивставиме. Одамна е време по прашањето на Палестина да не слушаме никакви дополнителни совети. Постои едно и единствено решение. Една држава за сите жители на она што се нарекува Палестина задолжително! Една, со еднакви права за сите жители, до најмладиот. Дури и правото да се тропа на врата мора да биде еднакво за сите! А умерените, нели, тие секогаш малку фини, ќе почнат да зборуваат: „Па, тоа е малку претерано.“ Тие се такви божем фини луѓе.
А ционистичкиот проект од самиот почеток е колонијалистички проект. Откако се појави слоганот „земја без народ за народ без земја“, тој значеше само едно: да се ослободиш од народот што не го гледаш, не сакаш да го гледаш. Палестина не беше земја без народ кога беше создаден слоганот, во неа постоеше народ, Палестинците.
И Нетанјаху како зло не е сам. Нетанјаху е најавтентичниот син на ционизмот. Доста со трикови од типот: „Добро, сè е така, ама тоа е затоа што Нетанјаху е лош.“ А што направија другите? Тоа што го носи името накба, односно катастрофа, го направи првиот, Бен Гурион, па потоа и Голда Меир. Бен Гурион со еден потег на раката уништи 500 палестински села. Сите можни измами и трикови беа употребени за разбојништво против палестинскиот народ. Постои еден проект што беше претставуван како прекрасен, пошумувањето на таа земја. Наречен е Керен Кајемет ЛеИсраел, но со него ционистите сакаа да прикријат многу страшни разурнувања, да ги закопаат мртвите чија смрт не сакаа ни да ја признаат. Значи, за нив нема олеснителни околности. Направиле едно од најстрашните злосторства.
Тие решија кога ќе почне историјата — на 7-ми октомври 2023-тата. Зошто тогаш? Зарем пред тоа немаше ништо? Немаше ли порано убиства на палестински деца? Неправедни апсења? Крадење земја, вода? А масакри? А сегрегација? Значи, гледате до каде може да оди нечесноста. Тие работи ги разобличија и некои Израелци и го кренаа својот глас, барајќи да се запрат.
Сакам нешто да ве замолам. Кога зборувате за државата Израел, ве молам, повеќе не го користете зборот „еврејска“. Зашто нè има стотици илјади антиционистички Евреи. Користете еден збор: „ционистичка“. Злосторството се вика ционизам.
Штотуку имав состанок на кој една група италијански Евреи и Израелци што дојдоа од Израел предложија создавање италијанска антиционистичка мрежа, за да ѝ се приклучат слични групи од Америка, Англија и сите оние што решиле да им се спротивстават на ционистите. И уште нешто: ве молам зборот „геноцид“ користете го јасно и без двоумење. Зашто тоа е геноцид, не е ништо помалку од геноцид.
Тоа е толку очигледно, што првиот кој укажа на тоа во израелското опкружување беше најголемиот експерт за Холокаустот во Израел, професорот Амос Голдберг, кој во текст од дваесет реда шест пати го повтори зборот „геноцид“. А последниот пат напиша, намерен геноцид. Тоа не беше грешка, пропуст, губење контрола, не. Тоа е цел: да се уништи тој народ со сите можни средства, да се депортира, да му се уништи целата култура, сите образовни структури.
Пријатели, нè чека многу работа. И таа работа нема да биде лесна, ниту брза. Јас догодина полнам 80 години, па затоа ве молам уште сега, не попуштајте во будноста. Зашто кога ќе попушти будноста, лесно е да се рече: „Ете, сега е малку подобро, полесно.“ Не е подобро, не е полесно, ни најмалку. Токму будноста нè обврзува да го кажеме она латинското: Aut Caesar aut nullus — или една и единствена држава, или ништо! Зашто, знајте, таа банда бедни криминалци и понатаму ќе има образ да зборува: „два народи, две држави“.
Ова за што се залагам го спречија ционистите. Го спречија ладно и пресметано, дури и убија еден што сакаше да го оствари тоа. Се викаше Јицак Рабин. Го уби еден фанатичен Израелец. Мислите, сам? Не. Тоа беше добро испланиран заговор. Го испланира и изведе смрдливата ултрадесница, но со лажната левица, слаба, неспособна, лицемерна и соучесничка, која наместо да ги бара причините, почнува да се прави луда.
Значи, знајте, не е лесно да се држи цврст став, бидејќи ционистите ќе направат сè за да го измамат и згазат палестинскиот народ.
Сега ќе ви кажам нешто што го дознав од многу сериозни новинарски истражувања. Приказната за медитеранската ривиера што ја кажа Трамп, не ја измислил тој. Тоа бил проект на една ционистичка институција која не само што сакала да создаде таканаречена ривиера (самото спомнување предизвикува гадење), туку и затоа што пред брегот на Газа се наоѓа третото најголемо наоѓалиште на гас во Медитеранот. И не само тоа, сакале да изградат нов канал, сличен на Суецкиот, што би ја пресекол Газа на половина. Веднаш се гледа какви се тие зделки и да не се лажеме дека ќе има правда на оваа планета додека постојат такви што веруваат дека капиталистичка економија како оваа може да донесе барем трошка правда во светот.
И тоа и го гледаме, градат ривиера, го земаат богатството, а нека умираат илјадници луѓе. Мораме заедно да се бориме против ова насилство и против насилството на турбокапиталистичката економија. Тоа е економија на смртта! Погледнете ја трговијата со оружје! Вооружувањето и Газа! Што прават ционистите? Тестираат ново оружје! Не знам дали ја видовте Палестинката што одеше по средина на улицата, насекаде околу неа урнатини, од крај до крај. Ја претворија во прав! Жената беше сама, немаше никој околу неа. Ја погодија со нешто и таа се распрсна во облак од прав. Знаете ли зошто го тестираа тоа? За да не остане ништо од жртвата, за да нема што да се погреба. Облакот од прав не може да се погреба. Намерата е да се оневозможи секаков пиетет кон мртвите, да се оневозможи жалење и погреб, она што нашата култура го носи уште од Тројанската војна.
Имаме работа со досега невидено варварство. Не знам дали ги видовте големите протести за Газа во Амстердам и Париз. Ред е и на нас, Италијанците, кои некогаш бевме пример за бунт и солидарност. Што ни се случи? Да се побуниме! Нека нè има во десетици милиони!
Карикатури: Glen Le Lievre
Извор: https://www.portalnovosti.com/