1010 hPa
26 %

34 °C
Скопје - Нед, 20.07.2025 13:59
Постојат слоеви кои се проѕираат во длабочината на она што било, што веќе минало како наратив, и на она што се согледува како утопија, како визија кон иднината. Постојат простори во кои звукот, виолинскиот клуч, ви ја подарува посакуваната потикнувачка тишина на бесмислено развревениот свет во сета негова полност, со сите негови повеќзначности. Постои звук кој, всушност, создава нови простори на соочување, на препознавање – звук кој е јазик со специфична културна, интимна, но и заедничка граматика. Постои јазик, ставен во виолински клуч, кој го разбирате длабоко, над сите заклучени, потиснати кодови на комуникација. Едноставно, ретко, но сепак моќно, постои во дијахрониската линија на културните, уметничките, општествените, човечките, естетските, и не помалку битните етички слики и постапки една синхрониска вкотвеност која дискретно но одлучно и храбро ве втемелува во самите вас, во она што можеби сте го загубиле внатре себе и во вашето огледување во светот.
Токму сето ова е музиката, јазикот, граматиката што ги создава Кирил Џајковски.
15 јуни 2025 година ќе биде запаметен по тоа што, на сцената на Националната опера и балет, Кирил Џајковски ни ги подари сите изгубени светови, со неговата единствена и брилијантна синергија помеѓу лирското и епското, помеѓу она што е будење на телото и умот. Неговата музика создава арматура на директна но суптилна мисловна и чувствена провокација. Воедно, таа е оној монолит на кој флотираат сонувањето и копнеж за исконското, кое се вткајува во надоаѓачката иднина.
Македонската современа култура има композитор и изведувач, кој е парадигма за она што треба да биде впишано како безвремено културно наследство.