1009 hPa
24 %

36 °C
Скопје - Нед, 20.07.2025 14:59
Ова беше моментот што го чекаше Доналд Трамп. Град под управа на демократите: Лос Анџелес. Држава под управа на демократите: Калифорнија. Неговата најпопуларна тема: имиграцијата. И протести, од кои секој случаен насилен инцидент бескрајно ќе се врти по социјалните мрежи. Нема подобар момент за испраќање трупи и промоција на претседателската слика како „жестоко момче“.
Но, Трамп треба да внимава што посакува. Спектаклот на непотребно ангажирање 4 000 припадници на Националната гарда и 700 маринци можеби ќе ја воодушеви неговата МАГА-база, но кај поголемиот дел од граѓаните ќе предизвика само гнев поради неговите отворено автократски потези. Наместо да ги потисне протестите, тој ги разгорува – не само во Лос Анџелес, туку низ цела Америка. Сè уште нема масовна мобилизација каква што ваквата репресија предизвикува во други земји, но вистинската природа на владеењето на Трамп стана очигледна.
Опкружен со полтрони и истомисленици, Трамп изгледа не е свесен колку претерува. Негова главна тема е имиграцијата, но проблемот е многу посложен отколку што мисли. Многу Американци се вознемирени од големиот број имигранти кои ја минуваат јужната граница, но постои огромна разлика помеѓу засилување на граничната контрола и рации по домовите и работните места на имигрантите.
Администрацијата на Трамп им нареди на агентите од Службата за имиграција и царина (Immigration and Customs Enforcement – ICE) да депортираат 3 000 луѓе дневно. Но, приливот на нови имигранти преку границата речиси е запрен, па веќе не е лесно да се постигне зададената масовност во враќањето на новодојдените. Затоа агентите на ICE сега тргнаа во потера по илегални имигранти низ целата земја. А бидејќи проверката на секое лице со кривично досие или налог за депортација – што се помалку контроверзни случаи – одзема многу време, ICE спроведува спонтани рации, ловeјќи имигранти без уредни документи на местата каде што се собираат.
Се проценува дека во САД живеат околу 14 милиони недокументирани имигранти. Според анализа од 2017-тата година, две третини од нив живеат во Америка десет или повеќе години. Тие најчесто се вработени, плаќаат даноци и имаат семејства, а нивните сопружници и деца често се американски државјани. Тоа се Американци по сè освен по правниот статус. Нивното протерување ги разорува семејствата и заедниците.
Да не беше ваквата имиграциска политика на Вашингтон, на овие долгогодишни жители одамна ќе им беше овозможено да го регулираат својот статус. Ако повеќето кривични дела застаруваат по пет години – со што законот признава дека луѓето на некој начин треба да добијат можност да продолжат со својот живот и покрај престапите од минатото – зошто да не се воведе рок на застарување и протерување поради илегално влегување во земјата?
Овој предлог добива сè поголема поддршка од јавноста. Рациите на Трамп по домовите и работните места на имигрантите го менуваат односот на луѓето кон нелегалната имиграција, бидејќи ја покажуваат целата неправда на нарушувањето на животите што имигрантите ги изградиле во Америка. Дури и некои републикански конгресмени предупредуваат дека Трамп претерал.
Не е чудо што рациите предизвикаа протести. Трамп возврати на својот вообичаен начин: со прекумерна и незаконска употреба на сила. Градските власти сосема добро можеа да се справат со протестите во Лос Анџелес. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го обвини Трамп дека „прави театар наместо да се грижи за јавната безбедност“. Националната гарда, а особено маринците, беа непотребни. Трамп ги мобилизираше само за да ја покаже својата моќ.
Ниту еден американски претседател не ја ангажирал Националната гарда во некоја сојузна држава без барање од нејзиниот гувернер уште од 1965-тата година, кога Линдон Џонсон ѝ нареди на Националната гарда на Алабама да ги заштити учесниците на маршот за граѓански права на црнците од гувернерот Џорџ Волас, кој беше поддржувач на сегрегацијата. Денес, во тажна пародија на тој историски момент, Трамп ја испрати Националната гарда на Калифорнија против луѓе што протестираат против неговата сурова имиграциска политика.
Што се однесува до маринците, американскиот закон забранува распоредување војска за полициски цели, освен во случај на вооружено востание. Трамп ги нарекува демонстрантите „бунтовници“, неговиот министер за одбрана тврди дека се работи за „востание“, но тие тврдења се фарса. Трамп повторно се повикува на една лажна „вонредна состојба“ за да го оправда преземањето вонредни овластувања.
Забраната војската да врши полициски задачи е заснована на здрав разум. Војниците се обучени за војна, во која пукаат за да убијат непријателски борци. На полицијата ѝ е дозволено да пука само во краен случај, за спречување непосредна смртоносна закана. Барањето од војската да врши полициска работа е еднакво на дозвола за секој вид бруталност. А Трамп тоа дополнително го поттикнува преку дехуманизирање на демонстрантите, нарекувајќи ги „животни“ и „странски непријатели“.
Трамп го прекрши табуто за ангажирање на војската против демонстрации. Тоа со право предизвикува страв од понатамошна ескалација, особено кога протестите неизбежно ќе се прошират. Таква можност беше воената парада во Вашингтон по повод 250-годишнината од основањето на американската војска и 79-тиот роденден на Трамп. Воени претставници изразија загриженост дека оваа парада „може да изгледа како војската да го слави судирот со Американците“. А Трамп токму тоа и го посакува.
За да биде уште полошо, тој им се закани на сите што се спротивставуваат на неговата милитаристичка екстраваганција: „Оние што протестираат ќе се соочат со многу голема сила.“ Дали тоа важи и за мирните демонстранти? Што е со Првиот амандман? За Трамп, кој влезе во режим на кршење на уставот, тоа се неважни детали. Во текот на неговиот прв мандат, „возрасните“ во неговата околина успеваа да ги зауздаат неговите најопасни импулси. Овој пат е опкружен само со тврдокорни лојалисти. Министерот за одбрана Пит Хегсет го бранеше распоредувањето на војската во Лос Анџелес и тешко е да се замисли дека би се спротивставил на некоја наредна скандалозна идеја што би му паднала на памет на Трамп.
Трамповото парадирање со војската е нов момент во неговата автократска тактика. Како што претходно напаѓаше судии, адвокати, новинари, универзитети, избрани функционери и други можни контролори на неговата власт, така сега ја напаѓа американската јавност. Протестите се важно средство за зауздување на лидерите кои ја злоупотребуваат моќта. Во многу земји одиграле пресудна улога во развојот на демократијата. Заканите на Трамп со војската се обид да се ограничи таа можност.
Се разбира, тој сè уште нема изградено автократија. Не треба да се претерува, бидејќи тоа може да ги деморализира граѓаните и да ја намали важноста на отпорот. Но потребно е да се забележи незаконитоста на Трамповите постапки во Лос Анџелес и да се биде свесен за неговиот поширок план. Опасноста не доаѓа од демонстрантите – туку од Трамп.
Авторот е поранешен извршен директор на Human Rights Watch и гостин-професор по меѓународни односи на Принстон.
Карикатури: Daniel Medina
Извор: https://www.theguardian.com/