Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

18.06.2025 12:21
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

 

„Јас пратеник“, Владимир Мандичевски Манде, „Баги Комуникации“


Владо утредента дојде заедно со Цобе, јас го земав Тоше со мене и се најдовме во кафеаната кај Џо Американецот. Цобе прв почна да зборува.
-Тоше, знаеш дека татко ти ќе се кандидира за пратеник, и верувам дека знаеш што ќе значи за сите вас ако во тоа успее.Тебе лично, тоа ти е шанса да се тргнеш од оваа селендра и животот да ти се смени на подобро. Е за тоа се да се случи, мораме сите да запнеме од петни жили и да го изработиме теренот за успех.
-Разбирам, ама што можам јас да помогнам?
-Владо ќе ти објасни што треба да правиш, јас само уште ќе ти кажам дека ова треба да го сфатиш многу сериозно, и да дадеш се од себе.
-Тоше, ти треба да лобираш и да ги убедиш младите од Зимзирово, но и младите од другите села во регионот да гласаат за татко ти. Не интересираат сите млади кои имаат наполнето 18 години и имаат право на глас. Прво кажи ми каков си со младите од твоето село, но и со оние од другите села.
- Добар сум со некои од нив, со оние кои ми се пријатели и со кои постојано се дружам, но и со некои други, со кои сум само познаник.
-Одлично. Овие што ти се пријатели, ќе ги вклучиш и во кампањата како волонтери, некои од нив кои повеќе ќе се ангажираат и ќе ги платиме. Важно е ти сам, или заедно со нив да ги најдете локалните фраери во другите села, и да пробаш и нив да ги вклучиш во целата работа. Важно е да пазиш да не вклучиш престапници или криминалци, такви не ни требаат.
-А со што да ги привлечам и да ги убедам да се вклучат?
-Гледај овие твоиве да се вклучат поради тебе, на другите ветувај им нешто, помош кога татко ти ќе стане пратеник, решавање на некој нивен проблем. Ако мора, некаде и ќе платиме. Важно е што поголем број на млади да вклучиш во ова, а за тоа имаш помалку од три месеци. Ќе можеш ли и дали ќе се нафатиш?
- Ќе се нафатам. Ќе почнам уште денес.
-Одлично. Ќе имаш помош од нас за се што ти треба. И уште нешто, ова што го зборуваме сега или се што ќе зборуваме и планираме понатаму, не смееш да го споделуваш со никого. Јасно?
И така и Тоше се вклучи во мојата кампања. Познавајќи го, се плашев како и многу работи на кои до тогаш се имаше нафатено и ова да не му биде играчка интересна само три дена и потоа да батали се. Вечерта дома, до доцна седев со него и долго разговаравме. И за прв пат во животот Тоше ми се виде сериозен и прв пат со него можев да разговарам како со возрасен човек.
Политиката чудно влијае врз луѓето.
Јас од утредента продолжив со моите школски активности. Некако тоа ми стана нормално, не дека нешто научив ама и не се нервирав повеќе. Се нервираа моите професори, најмногу Митко, мојот професор за работа со компјутери. Од сите часови научив само да го вклучам компјутерот и да отворам Word програм, но не и да пишувам во него. А за пишување и праќање мејлови и да не зборувам. А да, научив и да играм карти на комјутер.
Освен часовите, цела недела не се случуваше ништо посебно, ги немаше ниту Цобе ниту Владо. Одморот од нив двајца ми дојде добро, а и немањето на некакви активности ми овозможи да се посветам малку и на домашните работи. За разлика од мене, таа недела Тоше ги обиколуваше сите села во регионот, кога ќе го прашав што прави и како му оди, ми велеше дека работи на мојата кандидатура и дека ќе ми каже набрзо за резултатите. Ружа и жените од унијата секој втор ден се собираа во нашите простории. Не знам што правеа, Ружа сакаше да биде таинствена и само ми велеше дека работат. Јас мислам дека се собираа за да побегнат од домашните и земјоделските работи и дека таму пијат кафиња и озборуваат, ама тоа не смеев да и го кажам на Ружа.

 

***

 

„Светот што го избрав“, Калина Малеска, „Или-или“

 

На прозорчињата нема мрежи. Првата ноќ ме будат гласови, на сопственикот и на уште некој човек, претпоставувам еден од моите соседи во сутеренот.Една змија за малку ќе влезеше во мојата соба.
Не знам каде сум, не знам зошто сум тука. Не знам каде да бидам. Не знам како да се најдам на друго место. „Немој да не си ми одговорила на телефон кога ти ѕвонам. Како јас тебе секогаш ти одговарам? Се грижам да не ти се случило нешто, а ти безобразно не се јавуваш, “ ми доаѓа гласот на поранешниот маж. Не знам зошто дваесет години не можев да постапам поинаку. Прашањата се повторуваат цела ноќ. Не знам. Не знам. Не знам. Морам да го насочам умот на нешто друго. Не смеам да се затрупам со овие прашања. Почнувам да мислам на задачата на Вера.Задачата... задачата...
- Ти ја фрли змијата синоќа? – го прашувам утредента човекот, приближно на моја возраст, кого најпосле го дочекав да излезе од бањата за да влезам јас.
- А, не. Ја однесов надвор од дворот, не ја фрлив.
- Нема мрежи на прозорците?
- Ја си ставив сам, најдов некои евтини. Имам нешто останато. Ако сакаш ќе ти дадам, ама ќе мора сама да ги залепиш или да ги зацврстиш со клинци.
- Океј, фала.
Мисли дека ги барам веднаш, па ме кани во собата веднаш спроти мојата. Стојам на прагот. Пуштена е музика, потивко отколку првиот пат кога ја слушнав. Ми подава стуткана мрежа.
- Ако сакаш, ќе ти помогнам.
- Ќе пробам сама. Фала. – Се двоумам. – Кој живее во другата соба?
- Една фина госпоѓа. Не е многу подвижна, а сака да седи во дворот. Во задниот двор. Некогаш ѝ помагам да излезе. Добро ѝ доаѓа помош.
- Океј.
Не сум ѝ кажала на Весна каде живеам сега. Нема ни да ѝ кажам сѐ уште. Ќе одам два пати неделно во издвоените канцеларии на Министерството, на границата од Црниче, и по некоја недела ќе ѝ се јавам за да ѝ се заблагодарам. Се подготвувам за првиот состанок, веќе е жешко бидејќи состаноците се закажани во единаесет часот, и излегувам.
На тревата седат Елена, Вера и мајка им, местат коцки. Подзастанувам.
-Имаш право, буква е – велам.
Вера брзо станува и случајно ја растура градбата што ја направиле со коцките.
-Вера! – се лути Елена.
-Извини – ѝ се обраќам на Елена, се чувствувам виновно.
Вера овој пат не ме гушка силно. Застанува на еден метар од мене и ме гледа директно во очи, со очекување. Нестрплива е.
-Првиот број од задачата не е два. Тоа е буква:б. Односно: задача под б). Претходно има а), после тоа има в) и г). А нема б). Наместо б) ставиле 2. Значи бројот не е 234+ нешто, туку е б) 34+ нешто.
Вера се стрчува, па го носи учебникот по математика и тетратка. Ја решава задачата. Пишува бавно. Бројките што ги пишува се едвај препознатливи. Ми го подава моливот.
-Да ѝ штиклираш ако ѝ е точно – објаснува сестра ѝ.
Штиклирам.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.