Западен Балкан се дави во сулфур диоксид, РЕК Битола меѓу најголемите загадувачи на воздухот

19.06.2025 00:20
Западен Балкан се дави во сулфур диоксид, РЕК Битола меѓу најголемите загадувачи на воздухот

Државите од Западен Балкан и понатаму се дават во сулфур диоксид од застарените термоелектрани, покажува најновиот извештај „Усогласи или затвори“ од Бенквоч (Bankwatch). Во четирите најголеми загадувачи на воздухот влегува и македонскиот енергетски гигант РЕК Битола, кој, покрај Угљевиќ и Какањ 7 во Босна и Херцеговина и Костолац А2 во Србија, ги надминаа дозволените годишни граници за емисии на SO2 за повеќе од 10 пати.

Според податоци од извештајот, во 2023 година, шест години откако правилата за контрола на загадувањето влегоа во сила преку Спогодбата за Енергетската заедница, загадувањето со сулфур диоксид од термоелектричните централи што користат јаглен, во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, се уште заеднички беше поголемо за 5,7 пати од дозволеното. Ова е чекор назад споредено со 2022 кога беа 5,6 пати над дозволеното.

„Владите и операторите се одлучни да го исцедат секој можен киловат електрична енергија од нивните стари термоцентрали, независно од здравствените последици од тоа. Националните планови за енергија и клима мора да дадат јасен патоказ за исфрлање на јагленот од употреба, но, досега потфрлаат во тоа. Во Македонија планираното затворање на термоелектраните се одложува, а не се презема ништо за да се намали загадувањето од нив. Централите мора или да се затворат или да се усогласат со правилата за контрола на загадувањето”, смета Давор Пехчевски, Координатор за енергија на Балканот во Бенквоч.

И загадувањето со прашина е 1,75 пати над дозволеното, речиси исто како и во 2022 кога беше 1,8 пати над дозволеното. Емисиите на азотни оксиди исто така се 1,3 пати над дозволеното во повеќето земји освен во Македонија, која остана единствена што се уште не го надминува овој лимит.

Жарко Конески, програмски координатор за енергија во Еко-свест смета дека наодите од извештајот се исклучително загрижувачки, особено делот дека емисиите од електраните воопшто не се мерат, туку само паушално се пресметуваат, иако тие се обврзани да обезбедат континуирано мерење на загадувањето што го предизвикуваат.

„Очигледно е дека и понатаму се планира отворање на нови јагленокопи со што инвестициите се насочуваат таму наместо кон намалување на загадувањето и кон енергетска трансформација. Потребно е да се забрза веќе планираното постепено и етапно заменување на застарената опрема со иновативни технолошки решенија во преминот кон обновливи извори на енергија“, смета Конески.

Извор: https://meta.mk/