ЕУ како американски проект

22.06.2025 23:49
ЕУ како американски проект

Минатата година ќе го започнев овој говор со ламент за дотогаш незамисливата трансформација на Европската унија од мировен во воен проект. Но сега е предоцна за лелекање. Воено-хушкачката реторика ја освои целата ЕУ, се вгради во нејзините политики и ги зарази експертските групи кои ги создаваат доминантните европски наративи и ставови.

Нема поента да се жали поради новата фактичка состојба: денес ЕУ е целосно развиен воен проект кој ќе нè одведе во постојана војна или ќе нè ослаби финансиски – а најверојатно и двете. Како што ќе покажам, воениот кејнзијанизам ќе ја направи Европа помалку безбедна, ќе ги зголеми нееднаквостите во неа и дополнително ќе ја ослаби.

Остануваат две интересни прашања за разгледување: Зошто Европа го избра тој пат? И, откако веќе чекори по него, која е нашата должност кон народите на Европа, кон Европејците, кон мирот? Да почнеме од почеток.

ЕУ како американски проект

Со ризик да ги налутам заљубениците во Европа и митовите за нејзиното создавање, ќе бидам сосема отворен: Европската унија (уште од самите почетоци, во облик на Европската заедница за јаглен и челик) е американски конструкт – дел од глобалниот план на САД кој ги вклучуваше и бретонвудскиот систем, Трумановата доктрина и, секако, НАТО.

Поголем дел од Европејците навистина сакаа војната и тоталитаризмот никогаш да не се повторат. Но ЕУ беше проектирана во Вашингтон. Осмислена не како конкурентен пазар, туку како картел на големите бизниси управуван од бирократија ослободена од демократска контрола (позната и како Европска комисија) која не е случајно сместена во близина на седиштето на НАТО.

Почнувајќи од 1950-тата година, ЕУ се развиваше во согласност со интересите на Соединетите Држави – што е непријатен факт како за надуените европски лидери така и за Доналд Трамп. Гледајќи наназад, гледаме дека низ историјата на ЕУ се провлекува една единствена нишка: нејзината економска зависност од Америка. Во почетокот таа во голема мера зависеше од припадноста кон доларската зона. По 1971-вата година, зависи од трговскиот дефицит на Америка.

Значи, на овој или оној начин, длабоката зависност од САД е вградена во архитектурата на Европа. Затоа, потребно е многу повеќе од пригодни изјави – или неколку стотици милијарди заемно позајмени евра вложени во оружје – за да се реши проблемот на европската зависност од Америка.

Фактот дека ЕУ од почеток беше замислена како картел на големите бизниси е главната причина зошто ѝ беа потребни фиксни девизни курсеви: флуктуациите на валутите го дестабилизираат секој картел и го отежнуваат одржувањето на неопходното ниво на кооперативност меѓу вклучените страни.

Од 1950-тата до 1971-вата година, САД го решаваа овој проблем во име на Европа. Сѐ додека постоеше трговски дефицит во размената со Америка, европскиот картел беше вклучен во доларската зона – а неговите валути врзани за вредноста на доларот. Меѓутоа, кога околу 1969-тата година Европа и Јапонија почнаа да остваруваат трговски суфицит во размената со Америка, играта заврши.

Претседателот Ричард Никсон, Доналд Трамп на своето време, ја исфрли Европа од доларската зона на 15-ти август 1971-вата година. Неговиот министер за финансии цинично им порача на запрепастените Европејци: „Од денес, доларот е наша валута, а ваш проблем.“

Потоа се случија две работи. Прво, за да го заштитат картелот на големиот бизнис, Европејците се обидоа да изградат сопствен режим на фиксен курс. Го пробаа Европскиот монетарен систем и Европскиот механизам на девизни курсеви. Но, тоа беа лоши решенија кои шпекулантите лесно ги заобиколија. Потоа, во очај, ја создадоа најштетната валута што човечкиот ум некогаш ја измислил – еврото.

Вториот важен настан е тоа што, со зголемувањето на американскиот буџетски и трговски дефицит, еврозоната се претвори во нето-извозна машина предводена од Германија, со под-договорен пренос на агрегатната побарувачка на САД. Всушност, американскиот двоен дефицит делуваше како правосмукалка која го всмукуваше европскиот нето-извоз во Америка, како и профитите на европските извозници, кои тие ги инвестираа во американски државни обврзници, акции и недвижности. Така, по излегувањето од доларската зона, Европа стана зависна од американскиот дефицит. Тоа беше резултат на Никсоновата шок-терапија: безрезервното потпирање на Европа на доларската зона заврши со уште поголема зависност од дефицитот на САД.

Тука, во Брисел, сакаат да кажат дека Европа се развива низ кризи. Тоа е уште една заблуда. Кризата од 2008-та навистина беше наша шанса да ја направиме Европската унија одржлива и да ја прекинеме нејзината длабока зависност од САД. Француските и германските банки беа банкротирани. Се распаднаа невозможните правила на еврозоната. Домино ефектот од настаните во Грција доведе до банкрот на нашите влади.

Тоа беше совршена прилика за трансформација на ЕУ од картел на големиот бизнис, кој за агрегатна побарувачка мора да се потпира на САД, во функционална и внатрешно избалансирана федерација. Наместо тоа, европскиот радикален центар (и десен и лев) реши да промени сѐ за сѐ да остане исто. Во тој контекст, го направија најлошиот можен избор: универзални мерки на штедење за мнозинството, со бескрајно печатење пари за финансиските институции и големиот бизнис.

Што се случува кога ќе го намалите приходот на мнозинството и ќе им дадете милијарди на малкумина? Бидејќи многумина стануваат премногу сиромашни за да купуваат стоки со висока додадена вредност, бизнисот престанува да инвестира во производен капитал – а богатите го користат бесплатниот капитал за да ги надуваат цените на недвижностите, акциите, биткоините, уметничките дела, имотот воопшто.

Природен резултат се смртоносни нивоа на нееднаквост и длабоко незадоволство кај граѓаните. Луѓето паѓаат во очај. Толку многу што дури радикални прогресивци како мене гласаа да влезат во Еврогрупата. Потоа, ужаснатиот Брисел и Франкфурт нѐ исфрлија, исто како што го натераа господинот Ципрас да ја сруши сопствената влада – не со тенкови, како во 1967-та година, туку со помош на банките – што, всушност, и не се разликува многу. Државен удар е државен удар.

Симбиоза на два авторитаризми

Погодете што се случи потоа: исто како во периодот помеѓу двете светски војни, на сцената се појавија ксенофобични ултрадесничари. Тоа беше подарок од небото за безнадежно непопуларниот радикален центар, чии политичари добија можност да ги уценуваат гласачите со изборот: тие или ние. Тоа беше подарок од небото и за ултрадесничарите, на кои радикалниот центар им е неопходен за да наметне политики на штедење кои создаваат незадоволство и бес – што, пак, им носи гласови на ултрадесничарите. Со други зборови, Макрон и Ле Пен на своите ноќни масички да имаат врамена слика од другиот и секоја вечер пред спиење да се молат за доброто на својот најголем противник.

Димна завеса

Либералниот тоталитаризам и ултрадесничарскиот ксенофобичен тоталитаризам се соучесници и се хранат еден со друг. Од друга страна, штедењето за мнозинството и печатењето пари за малкумина ги исцрпуваат продуктивните темели на Европа, нејзината општествена структура, нејзиното чувство за смисла. Така Европската унија го загуби секој легитимитет што можела да го има пред своето население.

Потоа водечките либерални тоталитаристи, еден по еден, и без успех, предложија неколку големи нови иницијативи. Сите се сеќаваме на неуспешниот Јункеров инвестициски план, банкарската унија и зелената програма. Сега на буништето на историјата им се придружи и извештајот на Драги.

Најавуваа импресивни бројки кои никогаш не се остварија. Тоа беше неизбежно. Сѐ додека нашите лидери одбиваат да прифатат политичка унија што може да поддржи функционална и макроекономски релевантна евро-обврзница, нема да биде можно да се обезбедат средства за финансирање на неопходните инвестиции. Дури и кога за време на пандемијата конечно се согласија на заедничко задолжување, се обединија околу заедничкиот долг, а не околу заедничка цел.

Секоја голема иницијатива завршуваше со неуспех и димна завеса зад која се криеше немоќта на Европа. Резултат? По 15 години практично непостоечки нето-инвестиции во производството, Германија се деиндустријализира, како и источна и средна Европа, Австрија и северна Италија. Политичката парализа се продлабочува поради фискалните притисоци. Неофашизмот и ксенофобијата се во подем насекаде. Во момент кога Доналд Трамп се откажува од Европа, зависноста на Европа од Америка расте. Остатокот од светот ја гледа Европа како тажен пример за неуспех, како иритантна и ирелевантна творба.

Во такво тажно опкружување, нашите големи и добри лидери сега имаат нова сомнителна идеја за уште една голема иницијатива: бидејќи зелениот план е мртов, а Фондот за опоравување потрошен – зошто да не се обидеме со воен кeјнзијанизам?

Лудоста на воениот кајнзијанизам

Дами и господа, воениот кајнзијанизам функционира во Америка зашто таа има федерални институции, монетарен суверенитет, фискална моќ, техноструктура и обединет процес на јавни набавки – што е клучно за функционирањето на воениот кејнзијанизам. Европа нема ништо од тоа, а нема ни лидери заинтересирани да го обезбедат. Затоа воениот кајнзијанизам во Европа не може да успее.

И фала му на Бога што не може. Зашто, кога би било возможно, Европа би морала да ја имитира Америка и да започнува нова војна секоја година – за да се потрошат резервите на муниција, ракети и така натаму, и за да се оправдаат големите нови нарачки неопходни за одржување на воениот кајнзијанизам во живот.

Но и покрај тоа, иако е нефункционален, воениот кајнзијанизам ќе ѝ послужи на целта. Тоа е решение за Volkswagen, на пример: бидејќи повеќе не може да продава автомобили, цели производни линии може да ѝ ги предаде на Rheinmetall, за таму да се произведуваат тенкови Leopard – кои потоа Урсула фон дер Лајен ќе им ги продава на Грција и Италија, иако ниту им требаат ниту ги сакаат.

Воениот кајнзијанизам ќе биде уште еден голем неуспех на Европа, а пред тоа дополнително ќе ги осиромаши нашите држави и ќе долее масло на огнот во кој исчезнуваат човечки животи и соништа на украинските полиња на смртта.

Ќе бидам сосема отворен. Ниеден од вистинските непријатели на Европа не се тресе од страв гледајќи ја заостанатата и задолжена Европа како се подготвува да вложи милијарди евра во оружје. Напротив. Воениот кајнзијанизам ќе заврши како нова верзија на програмата за штедење за многумина и печатење пари за малкумина. Тоа ќе ја направи Европа уште послаба, а војната во Украина ќе продолжи – спротивно на декларираната цел за поддршка на Украина.

Предавањето на Европа на НАТО и нејзината улога во Украина

Сега од галеријата за новинари ќе се слушнат лути повици: Но Русија ни е пред врата. Европа е во опасност. Треба ли да останеме беспомошни сега кога нѐ напушта Трамп? Мојот одговор е јасен: економското пропаѓање на Европа во обидот да се примени воениот кајнзијанизам – кој ќе донесе нови програми на штедење и математички неизбежно ќе ја направи Европа уште економски послаба – нема да придонесе за нејзино зајакнување.

Да не заборавиме, Европа веќе има 1,5 милион мажи и жени во униформи, а изминатата деценија потрошивме 2,7 трилиони евра за одбрана – во период кога нашите инвестиции во продуктивни дејности беа еднакви на нула. Сега НАТО бара да трошиме трипати повеќе, што е бесмислено, имајќи предвид колку расипнички беа потрошени оние 2,7 трилиони евра.

Во тој контекст, препуштањето на европската надворешна и одбранбена политика на НАТО и понатамошното зголемување на неодржливиот долг за да му се угоди на претседателот Трамп е најсигурниот начин Европа да стане уште позависна, помалку безбедна, погрда и потажна.

Тоа е контекстот во кој загрижените моќници од Брисел се обидуваат да ги зачуваат своите позиции и да ги зголемат буџетите, повторувајќи ги лагите дека НАТО морало да се прошири за да ја одврати руската агресија. Тоа е далеку од вистината: како секоја мафија, НАТО се шири за да создаде несигурност, а потоа да ни ја продаде својата „заштита“.

Дали тоа значи дека Путин бил во право кога ја нападна Украина? Се разбира дека не. Тоа значи дека НАТО и Путиновиот режим се соучесници. Потребни си се еден на друг во заедничкото продлабочување на конфронтацијата која ги зајакнува обете страни – на штета на Европа.

Тоа, исто така, значи дека секој кој навистина е заинтересиран за безбедноста и просперитетот на Европа, мора да ја отфрли лагата дека Русија се подготвува да нѐ нападне – таа не може да го направи тоа дури и да сака. Тој мора неуморно да работи на сузбивање на европскиот воен кејнзијанизам и мора да му се посвети на европскиот мировен процес, во кој замрзнатите руски средства нема да се користат како касичка за уште бескорисни Леопарди и ракети Леонардо, туку како адути во преговорите за завршување на војната во Украина во контекст на сеопфатен мировен договор меѓу ЕУ и Русија.

Што се однесува до политичарите во овој град, кои изгледа нема да се смират додека не ја видат Русија на колена, можам да им го порачам следното: Ако навистина сакавте да ја ослабите Русија, да ја фрлите на колена, требаше да се потрудите да ја вовлечете во еврозоната. Еврото со еден удар ќе ја уништеше производната база на Русија, ќе го задолжеше нејзиниот народ и држава и ќе ги натераше лидерите со просјачки шешир да тргнат кон Брисел и Франкфурт. Мислите дека се шегувам? Во оваа шега има премногу вистина за да биде смешна.

Да резимирам: економската стагнација на Европа е резултат на нејзината зависност од американскиот дефицит. Таа зависност доведе до соучесништво на Европа во деценискиот американски проект за предизвикување војна во Украина.

Сега, кога САД се повлекуваат, нашите лидери, како муви без глава трчаат наоколу барајќи начин да го спречат воспоставувањето мир во Украина – за да можат да ги искористат воените буџети за поддршка на потклекнатиот картел на големиот европски бизнис.

Газа и моралниот пад на Европа

Дами и господа, додека денеска зборуваме овде, Европа се стрмоглавува во уште една морална црна дупка: тоа е соучесништвото во палестинскиот геноцид. Не се работи само за срамот поради госпоѓата Урсула фон дер Лајен која позираше како навивачка пред тенковите на израелската геноцидна војска, само неколку часа пред нивниот влез во Газа.

Европската унија не е соучесник само поради својата потчинетост на САД. Европската унија самата поддржува и финансира воени злосторници. Директно. Цинично. Без грижа на совест. BNP Paribas и Allianz купуваат израелски државни обврзници со кои се финансира израелската машина за мелење месо на окупираните палестински територии. MAERSK е главен транспортер на воена машинерија што дејствува во Газа. Од 2007-та година Европската унија насочи 2 милијарди евра за финансирање истражувања во израелски институции кои произведуваат средства со кои Палестинците се чистат етнички, се гаѓаат, убиваат и осакатуваат.

Но се случува нешто уште пострашно: некои од нашите водечки институции финансиски зависат од поддршката на израелскиот геноцид. Доколку Европа ја извршеше својата должност и го санкционираше Израел, Техничкиот универзитет во Минхен би изгубил 195,4 милиони евра од програмата HORIZON на ЕУ, кој финансира заеднички истражувачки проекти со израелски институции.

Дами и господа, вината на Европа е огромна. Тука почнаа погромите против Евреите, тука, во Европа. Европејците спроведуваа геноциди Африка, Америка, Австралија. Основајќи ја ЕУ како мировен проект, се обидовме да се искупиме за геноцидите од минатото. Но нашата зависност од САД и склоноста на нашата владејачка класа да профитира од империјализмот го прават тоа невозможно – и затоа на нашите раце повторно има крв на невини луѓе од Газа, Украина, Судан, Либија, Јемен, Сирија.

Така тоталитаризмот се врати во Европа. Кога германските власти ми забранија влез во Германија поради „злосторството“ учество во организација на конференција со германски Евреи на тема „Праведен мир на Блискиот Исток“, тоа не беше случајност. Во пуштањето на реките палестинска крв да течат непречено, видоа добра можност да си ги измијат рацете од вината за холокаустот, за вториот германски геноцид во Намибија, за белгиските злосторства против човештвото во Конго...

Предупредувањето е јасно: економската стагнација води кон поттикнување војни, што пак води до оживување на менталитетот на европските бели доселеници. Оваа Европа е толку длабоко падната што тешко може да се извлече од тој амбис. Европскиот либерален тоталитаризам, чии најлоши ужаси ги искусивме во Грција пред десет години, сега се прошири насекаде и ширум ги отвори вратите на ксенофобичниот, ултрадесничарски тоталитаризам.

Време е да застанеме против двата облици тоталитаризам. Во име на народите на Европа.

Што да се прави

Па, што мора да се направи? Да започнеме со разбирање на следново: економскиот предуслов за мир е раздвојување на европската економија од американските војни. За тоа е потребно еднаш засекогаш да се прекине европската зависност од Америка. Тоа подразбира и крај на европската зависност од нето-извозот, што значи повторно воспоставување рамнотежа во европската економија преку нови продуктивни зелени инвестиции, прекин на структурното штедење, крај на лудилото со „пазарот“ на електрична енергија заразен од картели, нови монетарни заеднички добра со кои ќе се укине монополот на банките врз плаќањата и ќе се воведе лична дивиденда за сите, како и нов договор помеѓу ЕУ и Кина кој ќе нѐ ослободи од американската агенда за интензивирање бесмислена нова студена војна на наша штета.

Само со преобликување на европската политичка економија можеме да ставиме крај на бескрајната фрагментација која ги поттикнува војувањето и тоталитаризмот. И на срамот од фактот дека нè водат навивачки на геноцид и вечна војна со Русија, како што се Урсула фон дер Лајен и Каја Калас.

Како да го постигнеме тоа? На два начини. Прво, ни треба веродостоен план за Европа за која вреди да се бориме. Второ, мораме да организираме кампања на граѓанска и државна непослушност во нашите земји и потенцијално во Советот на ЕУ, сè додека нашиот план за Европа не добие вистинска шанса.

Ние, DiEM25, веќе со децении работиме на тој план – на зелен њу дил за Европа – и со радост ќе го споделиме со вас, за да можете да го проширите, преработите и приспособите. Вие, Движењето 5S и другите партии низ Европа кои сакаат да учествуваат, ја имате организацијата што ни недостига, заедно со нашите транснационални партии MERA25, да помогнеме во организирање кампањата за граѓанска и државна непослушност без која нема да има промена – бидејќи ништо друго не може да го спречи секуларното пропаѓање на Европа, Италија, Грција, па дури и Германија.

Заклучок

Да заклучиме: седумдесет и пет години Европска унија каква што ја познаваме покажуваат дека се соочуваме со тежок избор. Една можност е Европа зависна од САД – военохушкачка и заостаната. Втората можност е независна, независна, просперитетна и зелена Европа.

Станува збор за избор помеѓу Комисија со кадри како фон дер Лајен, која поддржува геноцид, го попречува мирот, незаконски ги брише историите на комуникација со Pfizer, лобира за Lockheed Martin и зема заеми што не можеме да ги вратиме за купување оружје што не ни треба – додека луѓето и планетата ги осудува на сиромаштија – и европски институции оптимизирани за борба против суровата моќ во корист на заедничкиот просперитет.

Една можност е потчинување на управните одбори на Rheinmetall, Leonardo и Pfizer, со занемарување на даночните рајови каде се кријат профитите од војни и неплатените даноци – додека нашите крајбрежни стражи ги осудуваат бегалците на смрт. А другата можност е Европа на рационален, односно радикален хуманизам.

За воопшто да стигнеме до таков избор, нашата непосредна задача мора да биде: прекин на војната, прекин на геноцидот и укинување на новата програма за штедење под превезот на воениот кејнзијанизам – пред да биде предоцна.

Карикатури: Hassan Bleibel

Извор: https://diem25.org/

ОкоБоли главаВицФото