1021 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 23:59

Уметници: Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду, Лиа Псома, Билал Јилмаз
Кураторка: Лидија Хатсијакову
Датум: среда, 25 јуни, 2025
Отворање: 20:00 часот
Курирано водење: 20:10 – 20:40
Модерирана дискусија: 20:40 – 21:20
Место: Музеј на современа уметност во Скопјe
Времетраење на изложбата: 26 јуни - 17 август 2025 година
Летната програма на КРИК 2025, под наслов „Преобразба“, ја заокружуваме со изложбата „ Парадоксот на Грејсленд: навигирање на неизвесноста“ курирана од грчката кураторка Лидија Хацијакову (Солун), чија работа гравитира околу улогата на уметноста како општествена алатка, релацијата помеѓу уметноста и технологијата, уметноста и екологијата, уметноста и занаетите...
Во „Парадоксот на Грејсленд“, уметниците Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду и Лиа Псома се осврнуваат на испреплетените кризи на климатскиот колапс, раселувањето и технолошко-социјално отуѓување како симптоми на доцниот капитализам. Нивните хибридни фигури и пејзажи се движат помеѓу пропастот и обновата, потсетуваат и на последиците од катастрофата и на можноста за пофер и инклузивна иднина. Направени од биопластика, глина, кристализирана хартија и ризоми, нивните дела ги доведуваат во прашање бинарностите помеѓу човекот и нечовечкото, природата и машината, отпорот и контролата. Уметникот Билал Јилмаз е гостин, кој го проширува ова истражување низ призмата на политичка акција и опсервацијата, поканувајќи ги гледачите да се спротивстават на приливот на манипулирани медиуми и да ги прифатат сликите и дејностите кои инспирираат вистинска промена. Во центарот на изложбата е ставена „Лабораторијата“ која го отвора креативниот процес на уметниците - активен простор за замислување нови форми, нови материјали и алтернативни иднини. Тука, експериментирањето станува форма на отпор, а самото уметничко дело станува жив двигател на трансформација.
Западната научна парадигма можеби ни овозможи да го разбереме светот како систем од специјализирани области на знаење на начин што овозможи рационализација, специјализација и раст; во исто време, сепак, тоа нè наведе и да ги занемариме меѓусебните врски меѓу луѓето, општествата и екосистемите.
Спротивно на тоа, Фани Будуроглу, Рањја Емануилиду и Лиа Псома не нагласуваат и одвојуваат, ниту даваат приоритет на еден симптом пред друг. Човечките, нечовечките и хибридните фигури во нивните дела живеат во недефинирани услови - можеби во контекст во кој се видливи последиците од некоја катастрофа, или, пак, во контекст во кој се наѕира можноста за спекулативна, поизбалансирана иднина - поттикнувајќи ги гледачите да размислуваат за причините, последиците и можностите. Процесот на идентификување на овие состојби станува, едновремено, и процес на размислување и реализација за капиталистичкиот ќорсокак, додека изложбата како целина станува вежба на имагинацијата за можни - дистописки или утописки - иднини. Оваа спекулативна димензија е дополнително надополнета и проширена од уметникот Билал Јилмаз, поканет да се придружи на изложбата во Скопјe. Неговото дело се потпира на акутните мобилизации низ целиот свет, вклучително и оние во Северна Македонија, каде што луѓето излегоа на улиците за да протестираат.
По курураното водење низ изложбата, следи кратка дискусија со уметниците, придружени од Владимир Јанчевски (куратор, МСУ - Скопје), Ана Микоњати (кураторка, Национален музеј на современа уметност, Атина ) и Тули Мисироглу (Уметничка директорка, МoMus), модерирана од кураторката Лидија Хацијакову.
Изложбата е поддржана од MOMus Метрополитенска организација на музеи на визуелни уметности на Солун, Министерство за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасада на Република Грција во Скопје.
КРАТКИ БИОГРАФИИ
Фани Боудоуроглу е визуелна уметница, која активно се изразува преку современите медиуми и инсталациската уметност. Работејќи низ различни медиуми, таа се фокусира на односите меѓу уметноста, технологијата, науката, природата и општеството и истражува теми како што е интеракцијата помеѓу човекот и машините. Дел од нејзиното уметничко истражување го реализира во дијалог со публиката, затоа нејзината работа вклучува работилници, предавања и интердисциплинарни образовни програми. Таа е основачка на проектот AstronART, поп-ап лабораторија за уметност, наука и нови медиумски технологии. Таа реализирала три самостојни и учествувала на повеќе групни изложби во Грција и странство. Студирала сликарство на Одделот за визуелни и применети уметности, на Факултетот за ликовни уметности, при Аристотеловиот универзитет во Солун и има магистерска диплома по напредни компјутерски и комуникациски системи од Факултетот за електротехника и компјутерско инженерство на Аристотеловиот универзитет во Солун.

Athambia, Фани Боудоуроглу
Ранија Емануилиду е мултидисциплинарна визуелна уметница, чија уметничка пракса вклучува сликарство, скулптура, видео и инсталации. Студирала сликарство на Одделот за применети и визуелни уметности на Факултетот за ликовни уметности при Аристотеловиот универзитет во Солун. Реализирала седум самостојни изложби и учествувала на групни изложби во Грција и странство. Заедно со Апостолос Ризос, ја основаат „Les Yper Yper“, хибридна платформа за истражување и поврзување на динамиките помеѓу уметноста, визуелната комуникација и дизајнот. Организирала и курирала изложби, проекти и резиденции, во соработка со приватни и јавни институции истотака оддржувала семинари и работилници. Понатаму, работела како сценографија и костимографија за перформанси и театар. Галеријата „Атанасијаду“ ја претставува во поширок контекст.
Лиа Псома е визуелна уметница чија прака опфаќа широк спектар на материјали, вклучувајќи цртеж, видео, хартија, а во поново време и одржливи медиуми како што се кристалните интерфејси со хартија. Преку овие медиуми, таа ја истражува интеракцијата помеѓу архетипот, просторот и времето. Студирала на École Supérieure d’Art et Design во Сент-Етјен, Франција, каде што со одликување ја добила Националната диплома за скулптурни уметности и Националната диплома за скулптурно изразување (1999–2003). Ги завршила постдипломските студии по визуелна комуникација и анимација на Hochschule für Bildende Künste во Хамбург (2005–2007). Своите дела ги презентирала на самостојни и групни изложби во Грција и во странство. Исто така, предавала анимација и интерактивни медиуми на додипломски и постдипломски студии, а како аниматорка работела на хартиена стоп-анимација и како уметничка директорка соработувала со телевизиски и филмски продукциски компании.

Lost track of the world, Лиа Псома
Билал Јилмаз е интердисциплинарен уметник со седиште во Истанбул. Тој главно користи експериментални производни методи, кои комбинираат уметност, дизајн, инженерство и занаетчиство, за да ги трансформира своите уметнички истражувања во инсталации - честопати користејќи движење, светлина, сенка и звук - и социјално ангажирани проекти. Студирал инженерство на информациски системи на Универзитетот Богазичи (Истанбул) и компјутерски науки на Универзитетот Бингхамтон (Њујорк), а магистрирал дизајн на индустриски производи на Техничкиот универзитет во Истанбул. Неговите дела се претставени, меѓу другото, на 15-то Истанбулско биенале на современа уметност (2017), Музејот Пера (2023) и Истанбул Модерн (2024). Неговиот проект „Crafted In Istanbul“ е претставен во архивата на Тања Бругера за „Arte Útil“ како „студија на случај што се потпира на уметничко размислување за да замисли, создаде и имплементира тактики што го менуваат начинот на кој дејствуваме во општеството“.
Лидија Хацијакову е независна кураторка и уметничка координаторка со седиште во Солун и Истанбул. Таа работи во областа на современата уметност и култура повеќе од 20 години, во кои била вклучена преку концептуализирање и имплементирање проекти од различни формати (изложби, конференции, работилници и фестивали, физички, дигитални и хибридни), почнувајќи од уметничко производство базирано на објекти до социјално ангажирани рамки; и соработувала со безброј уметници, куратори и институции од приватниот и јавниот сектор во Грција, Турција, Европа и Блискиот Исток. Нејзините најнови истражувачки интереси се фокусираат на занаетите како алтернативен систем за создавање и размислување во постиндустрискиот свет и на улогата на уметноста и креативноста во новата дигитална јавна сфера. Во 2024 година, се придружува на Контрапункт како кураторка и координаторка на проекти. Таа е членка на IKT - Меѓународното здружение на куратори на современа уметност.
За КРИК - фестивал за критичка култура
„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“ Ален Бадју
КРИК има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст
Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат критичка дебата во јавната сфера преку која би се промовира социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми: човекови права, право на култура, идентитетски прашања, екологија, насилството во јавната сфера, преку политичкиот и економскиот апаратус, како и зајакнување на заедниците преку културни и уметнички практики. Затоа КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.
КРИК е платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката општествена сфера, помеѓу хоризонталните заедници и алтернативните облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротиставиме на „културата на тишината“ промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации.
КРИК – Фестивал за критичка култура е финансиски поддржан од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“, Гете-институтот, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и програмата Креативна Европа на Европската комисија, финансирана од Европската унија.
Ова издание на фестивалот е дел од проектот Re-Imagining Europe: New Perspectives for Action. Проектот е дел од програмата на Креавитна Европа за 2021-2027.
@MOMusExperimental @MOMusMuseums @msu @reimagineeurope