Воено дежа ву

24.06.2025 00:29
Воено дежаву

Нема голема разлика помеѓу лагите изречени за да се запали искрата за војната со Ирак и оние што сега се изговараат за да започне војна со Иран. Исто како во времето на повиците да се нападне Ирак, проценките на нашите разузнавачки служби и на меѓународните тела повторно лежерно се отфрлаат како халуцинации.

Сите стари тропи се воскреснати за да нè турнат во уште едно воено фијаско. Земја која не претставува закана ниту за нас, ниту за своите соседи, е на работ да произведе оружје за масовно уништување кое го загрозува нашето постоење. Таа земја и нејзините лидери го претставуваат самото зло. На коцка се слободата и демократијата. Ако не дејствуваме веднаш, непобитниот доказ ќе се претвори во атомска печурка. Нашата воена супериорност ќе ја обезбеди победата. Ние сме спасителите на светот. Масовното бомбардирање, унапредена верзија на операцијата „Shock and Awe“, ќе донесе мир и хармонија.

Овие лажни вести ги слушавме во пресрет на војната во Ирак во 2003-тата година. Дваесет и две години подоцна, тие лаги повторно воскреснуваат. Секој што повикува на преговори, на дипломатија и на мир се прогласува за марионета на терористите. Дали научивме нешто од фијаското во Авганистан, Ирак, Либија и Сирија, да не ја спомнуваме Украина?

Сите демони што ни ги продадоа овие војни врз основа на лажни изговори – како што се конзервативните водители на ток-шоуа како Макс Бут, кој пишува дека е „стратешки императив да се бомбардира Фордо“ (подземна нуклеарна постројка во Иран) – се враќаат за да го преплават јавниот простор со бескрајно воено хушкање.

Не е важно тоа што сите нивни грандиозни планови за соборување на Талибанците во Авганистан и потоа напад и смена на режимите во Ирак, Либан, Сирија, Либија, Судан, Сомалија и конечно Иран, им се вратија како бумеранг. Не е важно тоа што нивната жед за војна зад себе остави стотици илјади, ако не и милиони мртви, и исцрпи билиони долари од американскиот буџет. Не е важен апсурдот на нивните аргументи. Нивните мегафони се загарантирани. Тие се послушни потрчковци на воената индустрија, мозочно мртви неоконзервативци и геноцидни ционисти кои веруваат во магична регенерација на светот преку насилство, игнорирајќи катастрофа по катастрофа.

Заборавете ја Годишната проценка за закани на нашата разузнавачка заедница, во која пишува дека „Иран не гради нуклеарно оружје, а врховниот лидер Хамнеи нема одобрено програма за нуклеарно вооружување која е суспендирана уште во 2003-тата година“ – истото минатата недела го потврди и Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Заборавете дека Бенјамин Нетанјаху речиси три децении постојано тврди дека Иран е на чекор од производство на нуклеарно оружје. Заборавете и дека превентивниот напад на Израел врз Иран е воено злосторство, да не зборуваме за бомбардирањето болници, амбулантни возила и новинари. Заборавете ги стотиците ирански цивили кои Израел ги уби во брановите воздушни напади. Заборавете дека Израел го започна својот напад врз Иран токму кога во Оман требаше да започне шестата рунда преговори за збогатување ураниум помеѓу САД и Иран. Заборавете дека израелскиот премиер, а не иранскиот лидер, е обвинет за злосторства против човештвото и дека за него е издаден налог за апсење. Заборавете дека Израел – кој моментално спроведува геноцидна кампања против Палестинците – поседува најмалку 90 парчиња нуклеарно оружје, иако тоа претставува прекршување на меѓународниот Договор за неширење на нуклеарно оружје, и дека го блокира надзорот на МААЕ. Заборавете дека токму Доналд Трамп во 2018-тата година го поништи Заедничкиот сѐопфатен акциски план – договорот за ограничување на иранската нуклеарна програма кој Иран го почитуваше. Заборавете и дека Вашингтон и Лондон во 1953-тата година организираа државен удар со кој ја соборија демократски избраната иранска влада – првата во регионот – и на нејзино место поставија покорен шах, Мохамад Реза Пахлави. Заборавете и дека САД заедно со Израел ја тренираа и опремија САВАК – шаховата брутална тајна полиција.

Бомбардирај! Бомбардирај! Бомбардирај!

Најавената иранска програма за нуклеарно вооружување, без ниту еден доказ, е исто така митска како и оружјето за масовно уништување на Садам Хусеин и неговата наводна алијанса со Ал Каеда.

Инвазијата и окупацијата на Ирак, во која загинаа повеќе од 4.000 американски војници и илјадници ирачки цивили, резултираше со сѐопфатна деструкција и регионална нестабилност, и изнедри низа фанатични екстремистички групи, вклучително и Исламската држава на Ирак и Сирија. Гаранциите дека нашата инвазија врз Багдад ќе донесе демократија која ќе се прошири на Блискиот Исток, дека ќе нѐ пречекаат како ослободители и дека обновата на земјата ќе се плати со приходите од нафтата беа фантазии на администрацијата на Џорџ В. Буш и вашингтонските тинк-тенкови. Овие марионети на бескрајната војна не се во состојба да ги сфатат ниту механизмите, ниту последиците од војната. Тие се културолошки, историски и лингвистички неписмени за земјите кои ги напаѓаат. Ирак, Авганистан, Либија, Сирија, Иран – се сомневам дека воопшто знаат каква е разликата. Овие навивачи за војна, кога еднаш ќе се докаже дека згрешиле, се многу вешти во објавување „mea culpa“. Нѐ уверуваат во своите добри намери. Не сакале да шират дезинформации. Само сакале светот да биде безбеден од злосторници и да ја заштитат нашата национална безбедност. Никој, па дури ни луѓето во администрацијата на Буш, а сега и на Трамп, не лажел намерно. Не е нивна вина што разузнавачките податоци биле погрешни. Проблемот е во проценката, а не во доблеста. Сите тие се „добри луѓе“.

Но токму тоа е најголемата лага. Разузнавачките проценки што беа злоупотребени за да се оправда војната против Ирак ги подготви заговорничка група неоконзервативни лудаци и фанатични ционисти, токму затоа што не им се допаѓаа проценките на ЦИА и другите разузнавачки агенции. Сега една друга кабала, во која доминираат поддржувачи на Израел, измислува лажни проценки за да го оправда воениот судир со Иран. Тие војни не се водат со добра волја. Тие не се засновани на внимателни и рационални анализи на проверени разузнавачки податоци. Тие се утописки визии, отцепени од стварноста, во кои нашите сопствени разузнавачки служби се игнорираат, заедно со меѓународните тела како Обединетите нации и инспекторите на МААЕ за оружје за масовно уништување.

Историјата на модерниот Иран е историја на народ кој се бори против тираниите поддржани и финансирани од западните сили. Бруталното кршење на легитимните демократски движења низ повеќе децении резултираше со револуцијата во 1979-тата година, која ги донесе иранските клерици на власт. Новата исламска влада на ајатолахот Рухолах Хомеини го издигна исламот и тврдеше дека се спротивставува на арогантните светски сили и нивните регионални сојузници кои ги угнетуваат другите, вклучително и Палестинците, во служба на интересите на тие господари.

„Централната приказна на Иран во последните 200 години е приказна за национално понижување од страна на надворешни сили кои ја поробиле и ограбиле земјата“, ми рече Стивен Кинзер, автор на книгата Сите луѓе на шаховите: Американскиот државен удар и корените на блискоисточниот терор (All the Shah’s Men: An American Coup and the Roots of Middle East Terror). „Долго време сторители беа Британците и Русите. Почнувајќи од 1953-тата година, таа улога ја презедоа САД. Токму таа година, американските и британските тајни служби ја соборија избраната влада, ја збришаа иранската демократија и го подготвија теренот за воспоставување диктатура.“

„А потоа, во 1980-тите, САД застана на страната на Садам Хусеин во иранско-ирачката војна, снабдувајќи го со воена опрема и разузнавачки податоци кои на неговата војска ѝ овозможија да убие стотици илјади Иранци. Со оглед на таа историја, моралниот кредибилитет на САД да се претставува како промотор на демократијата во Иран е еднаков на нула“, изјави Кинзер.

Како би реагирале ако Иран организира државен удар во нашата земја со цел да ја замени демократски избраната влада со брутален диктатор кој со децении гонел, убивал и затворал демократски активисти? Како би реагирале ако Иран вооружува и финансира соседна држава, како што правевме ние во осумгодишната војна со Ирак, за преку неа да води војна против нас? Како би реагирале ако Иран собори наш патнички авион, како што тоа го направи USS Vincennes во јули 1988-та година, кога испука проектили врз комерцијален авион полн со ирански цивили и уби 290 патници, вклучувајќи 66 деца? Како би реагирале ако иранските разузнавачки служби го спонзорираат тероризмот на територија на САД, како што нашите и израелските разузнавачки служби го прават тоа во Иран? Како би реагирале ако тие државно-спонзорирани терористички акти вклучуваат самоубиствени напади, киднапирања, обезглавувања, саботажи и „целни атентати“ врз државни функционери, научници и други ирански лидери? Како би реагирале ако некоја држава, како што прави Израел, нè нападне врз основа на хипотези, со што би извршила агресија што, според Повелбата на ОН која ги забранува превентивните војни, е незаконска?

Макроата на војните, кои ги оркестрираат овие воени фијаска, повторно се кренаа од своите крипти. Како зомби мигрираат од една администрација во друга. Се вдомуваат во тинк-тенкови како Project for the New American Century, American Enterprise Institute, Foreign Policy Research Initiative, The Atlantic Council и The Brookings Institution, кои се финансирани од корпорации, израелското лоби и воената индустрија. Тие се марионети чии конци ги влечат нивните господари, додека банкротирани медиуми им ги подаваат мегафоните, постојано мамејќи нè од една кал во друга. Старите лица и старите лаги се вратија за да нè одведат во уште една ноќна мора.

Карикатури: Ahmed Falah

Извор: https://www.portalnovosti.com/